Throttle/Brake #41: Нешто сосема старо-ново од Lamborghini, Aventador S и Huracan Performante

Драги читатели, најпрво сакам да ви ја честитам 2017-та и Божиќ, и да ви посакам многу здравје, среќа, љубов, верба и мир. Оваа година ќе биде исклучително важна за автомобилската индустрија, особено за сегментот на спортски и супер автомобили. Како асоцијација, ќе ви набројам неколку автомобили што треба да се појават оваа година: McLaren MSO BP23, хипер автомобилот на Mercedes-Benz AMG, Mercedes-Benz AMG GT Roadster, Honda Civic Type R, новата Toyota Supra, Tesla Model 3, Rimac Concept S, Alpina спортски автомобил, конкурент на Porsche Cayman, BMW X2 Crossover, BMW M2 CS, Ford GT, Porsche 911 GT2 RS, првиот SUV од Alfa Romeo, Stelvio, можеби Lamborghini Urus, McLaren P14… доволно е? Исто така, ќе се експериментира со нови технологии, а старите ќе се заменуваат со нови. Според кинескиот календар, 2017-та е година на петелот, но ние ќе ја започнеме со едно друго животно, бикот. Оној разлутениот, на Lamborghini. 

Ќе започнам со поголемиот брат, Aventador. Што е Aventador S? Знаете кога е во прашање Lamborghini и нивните специјални и лимитирани серии, настанува мала конфузија. Според сите логични параметри, по Aventador Superveloce и Centenario, оваа година требаше да го очекуваме наследникот на Aventador, но менаџментот на Lamborghini одлучи да не “израдува” со фејслифтинг на стариот Aventador. Работава како iPhone и iPhone S. Слободно ќе кажам дека Aventador е веќе досаден автомобил. Во никој случај лош. Но, што е ново, кои се новитетите што ги носи буквата “S”?

Фејслифтинг, 740 коњски сили и систем со кој вртат сите четири тркала. 

Како што можете да забележите на сликата, изгледот на автомобилот е навистина освежен. Ако порано фејслифтинг значеше нови светла и трепкачи, во денешно времеи не е баш така. Особено кога се работи за спортските и супер спортските автомобили. За Aventador S, екстерното освежување значи нова подобрена аеродинамика. Предниот браник е многу поотворен и овозможува поголем проток на воздух кој потоа се канализира. Нов, и изменет заден дифузер и активно задно крило со три позиции. Како што напишав во претходната епизода, Centenario е моделот од кој ќе се позајмуваат новите технологии и ќе се имплементираат во сериските автомобили. Покрај активната аеродинамика, Aventador S го позајмува и системот (4WS) со кој вртат сите четири тркала. При мали брзини, задните тркала вртат спротивно на предните, со што се намалува радиусот на вртење на автомобилот. На големи брзини, задните тркала вртат во иста насока со предните, за поголема стабилност на автомобилот во свиоците. 

2 Four Wheel Steering System (4WS).

Сите овие системи и новитети не би биле од некое посебно значење, ако позади кабината не се наоѓа стариот добар 6.5 литарски V12, кој за Aventador S, како и за Aventador SV е засилен до 740 коњски сили. Влечната сила која изнесува 690 Nm, останува непроменета во однос на стариот Aventador LP700-4. Зголемена е и брзината на моторот, од 8350 на 8500 вртежи во минута. Максимална брзина? 350 километри на час. Забрзување? 2,9 секунди до сто километри на час. На тркачка патека? Можеби побрз од Aventador SV. Цена? Од 420 до 500 илјади евра во зависност од нивото на опременост со карбон, и специјалните желби на клиентите. Верувале или не, околу 80 илјади евра за дополнителна опрема!

Видео: Lamborghini Aventador S:

Но тоа не е се. Во фабриката за трактори, Lamborghini, напорно се работи и на помалиот брат, Huracan. Доколку ја следите работата на Lamborghini, знаете дека по Coupe и Roadster, следува нешто што е агресивно, супер лесно, или во превод, Superleggera. Извинете, Performante. Можеби ќе ви биде чудно, и ќе се прашувате зошто, но за мене, Huracan e подобар автомобил од Aventador. Можеби затоа што под убавиот италијански дизајн, всушност се наоѓа Audi R8 V10 Plus? 

Незнам дали ви е познато, но Lamborghini и Audi се дел од групацијата Volkswagen, па од таму доаѓа таа нивна соработка. Соработка? И двата автомобили имаат: 5.2 литарски, атмосферски V10 мотор, погон на сите четири тркала, седум степен автоматски менувач со две спојки, 610 коњски сили. Слична е приказната и во делот на перформансите. И двата автомобили од место до стотка забрзуваат за 3,2 секунди, R8 V10 Plus има максимална брзина од 330 километри на час, додека Huracan 325 километри на час и чини околу 60 илјади евра повеќе. 

Како и да е, Performante/Superleggera ќе биде малку поинаков од обичниот Huracan, кој од инженерски аспект е идентичен со Audi R8 V10 Plus. Во неговиот фокус ќе бидат тркачките патеки, и ќе има многу повеќе темперамент. Со цел да се добијат подобри возни својства и помалку тежина, автомобилот ќе биде базиран на не толку популарниот Huracan LP-580-2, што во превод значи Huracan со погон на задните тркала и 580 коњски сили. Со вградување на едноставниот погон кој силата од моторот ќе ја пренесува само на задните тркала, во самиот старт се заштедени 33 килограми, но секако тоа е само мал дел од диетата која ќе содржи многу карбонски влакна и лишување од повеќето луксузи во внатрешноста. Тоа не значи дека кабината на Performante/Superleggera ќе последното место каде што ќе сакате да седите. Напротив, овој автомобил ќе биде поубав и подобар од стандардниот Huracan. Како што можете да забележите на сликите, тест автомобилот има многу поагресивен преден сплитер и големо задно статично крило, кои ветуваат агресивна тркачки ориентирана аеродинамика. Но што е со моторот? Доколку мислите дека Performante/Superleggera ќе биде само автомобил со намалена маса и набилдана аеродинамика, не сте во право. Lamborghini ќе оди во сосема спротивна насока, односно моторот од LP580-2 ќе биде значително засилен. На големо се шпекулира дека подесувањето на моторот од тркачкиот LP620-2 ќе биде имплементирано во Performante/Superlegera. Бидејќи се ќе биде во знакот на перформансите, не очекувајте Spyder варијанта. А цената? Помеѓу 300 и 400 илјади евра. 

Пишува: Брацо Моралиќ

- Реклама -