Телохранителот што за малку ќе пукаше во кралицата

СПОДЕЛЕТЕ

Еден од тапа моментите на тоа да си кралица на Велика Британија е што цело време си под надзор на телохранители. Еден од тапа моментите да си телохранител на кралицата е што таа има навика да шета рано сабајлечки низ градината.  Облечена во наметка, често го правела тоа кога не можела да заспие.

Па така едно рано утро, пред многу години, Елизабета II за малку ќе се простела од животот додека шетала низ градините на Бакингамскиот дворец, пишува Times. Еден нејзин сега поранешен телохранител, раскажува дека околу 3 часот наутро видел непозната фигура во мракот. Во страв дека се работи за натрапник кој се обидува да се прикраде во кралскиот дом, па оттаму и спремен да пука, телохранителот се развикал: „Кој е таму?“. На негово големо изненадување се јавила кралицата, а телохранителот во сета таа возбуда ѝ вратил: „Мили боже, Ваше Височество, за малку ќе ве застрелав!“. Иако веднаш се покајал што го изустил тоа и очекувал да биде искаран заради таквите зборови, Елизабета II веднаш ја прифатила вината за недоразбирањето: „Сé е во ред. Следен пат ќе се јавам однапред, за да не ме застрелате“.

Дека ситуацијата била потензична отколку што звучи говори и фактот што ова не е единствениот случај од ваков тип во градините на Бакингемскиот дворец.

Во 2013-та, принцот Ендрју исто така беше помешан за натрапник и опколен од вооружени полицајци додека се шеташе низ градините на дворецот, потсетува Independent. Подоцна полицајците му се извинија на принцот, иако го имаа секое право, со оглед на тоа дека во последните години поминаа низ неколку инциденти од аспект на безбедноста на дворецот.

Во август годинава, 22-годишен маж беше уапсен малку по 4 часот наутро, откако ја прескокна оградата на дворецот и беше забележан на безбедносните камери. Неколку месеци пред него, 41-годишен маж помина цели 7 минути во дворецот пред да биде уапсен.

И да не беше очигледно, од примериве станува јасно дека лондонскиот дом на кралицата е честа мета на натрапници. Примерите ги има секакви, од новинар „на тајна задача“ преправен во кралски гардист, па до голиот параглајдерист што слета на кровот на дворецот. Сепак, најпрочуениот е тој од 1982 година, кога невработениот декоратор Мајкл Фаган успеа да се прекачи преку ѕидовите, да се качи по олуците и да ја разбуди кралицата седејќи на нејзиниот кревет.

После сево ова, дури и чудно е што телохранителот не пукал тоа утро кога видел непозната фигура.

- Реклама -