Џанет Епс – првата афроамериканка на Меѓународната вселенска станица

Познати се двата астронаути што НАСА ќе ги испрати на Меѓународната вселенска станица (МВС) во 2018-та.

Едниот од нив е ем жена, ем афроамериканка, ем службеник на Американската управа за централно разузнавање. Се работи за Џанет Епс, која има 46 години и по професија е физичар, а на МВС ќе оди во функција на бордов инженер. На станицата ќе се пресели во мај 2018-та година.

Другиот Американец кој ќе се качи на МВС е Ендрју Фојсел. На МВС ќе се качи во март, наведува НАСА.

Да не знаевме што подразбира да се биде астронаут, можеби ќе помислевме дека НАСА ја праќа Џенет за да утепа две муви со еден удар, т.е. евентуалните активисти што ќе ја критикуваат агенцијата за тоа дека има премалку жени, и премалку црнци. Евентуалната таква критика би била само делумно точна, зашто да, Агенцијата располага со 321 астронаут и меѓу нив има само 5 жени и 16 црнци, но од друга страна, не е кратка листата на црнокожи луѓе што биле во вселената. Згора на тоа, и директорот на НАСА – Чарлс Болден, е афроамериканец. Всушност секој од црните астронаути на НАСА има учествувано во мисиите со шатловите, но ете, досега немало некој што бил дел од екипажот на МВС.

Џанет Епс, пак, е доктор по авиовселенски науки. Работи како астронаут за НАСА од 2009 година. Како дел од обуката има научено и руски, за да нема проблеми во комуникацијата со руските колеги, која главно се одвива на руслиш.

Последната смена на астронаути кон МВС се упати лани, во ноември. Меѓу екипажот на станицата во моментов се наоѓа и  Пеги Вотсон – првата жена-командант на МВС и рекордер во најдолго време поминато во вселената од жена, а воедно и најстарата жена што ја напуштила Земјата. За време на третата мисија, која трае и во моментов, Пеги ќе наполни 57 години.

Прочитајте и:  5 мистериозни болести што би можеле да ги убијат астронаутите пред да стигнат до Марс