Франција суспендира суплемент со витамин Д за бебиња

СПОДЕЛЕТЕ

Франција покрена процес на суспендирање на продажбата на суплементот со витамин Д, откако почина бебе на кое му бил даван лекот.

Агенцијата ANSM – која ја надгледува безбедноста на лекови и прехранбени производи, соопшти дека мерката е преземена од „претпазливост“, откако истрагата покажа дека веројатно постои врска меѓу смртниот случај и дадениот суплемент.

Бебето старо десет дена починало на 21 декември, откако му е даден увестерол Д, кој се препишува во случај на недостаток на витамин Д кај помалите деца, пренесува AFP.

Уште претходно ANSM предупреди околу начинот на кој овој суплемент се користи, откако се јавија низа случаи на разболување меѓу прерано родените бебиња и новороденчињата помлади од десет дена.

Агенцијата објави дека преземала чекори во правец на суспендирање на рекламирањето на увестерол Д во наредните денови, но според министерката за здравство Марисол Турен, „ризикот постои заради специфичниот начин на давање на лекот, а не заради самиот витамин Д“. Суплементот увестерол Д е во течна состојба и на децата им се дава со помош на пипета. Турен повика родителите веќе да не им го даваат суплементот на своите деца.

- Реклама -