Шест драстични начини на кои ќе се смени градскиот сообраќај во иднина

Од возила што зборуваат меѓу себе, па до патишта што ги полнат електричните автомобили додека се движат – едно е сигурно, урбаниот сообраќај во 21-ви век ќе добие апдејт.

Од овој пола век поминат во гледање на научно-фантастични постери, кавери и филмови, знаеме какви ќе бидат градовите во иднината; со високи облакодери, возила што летаат и луѓе со џетпек-ови. Но всушност, вистинската иднина изгледа поинаку – без џетпекови, но со низа технологии што ќе го променат начинот на кој возиме, било дали возиме ние луѓето или автоматизирани роботи и алгоритми.

Возила што зборуваат со други возила. Не зборуваме за KITT (вештачко-интелигентен електронски компјутерски модул во високо-роботизиран автомобил, како во Knight Rider), или за некаков Сири, туку за комуникација возило-до-возило, позната како V2V (vehicle-to-vehicle). Американското министерство за транспорт, на пример, неодамна предложи правила кои ќе го стандардизираат начинот на кој една кола зборува т.е. комуницира со друга – за локацијата, за насоката, за брзината – и притоа ги предупредува возачите (или автономните автомобили) за потенцијалните опасности. Во градовите, каде несреќите најмногу се случуваат на раскрсниците, автомобилите сами би решавале дали имаш време да го фатиш семафорот на зелено, или кој има предност на раскрсницата, овозможувајќи ти да читаш 365.com.mk без да те деконцентрираат автомобилски свирки или уште полошо, звуци на смачкан метал или скршени коски.

Возила што зборуваат со семафорите. Другата половина од сообраќајната комуникациона мрежа е таканаречената V2I, т.е. комуникација возило-до-инфраструктура. На пример, и денес има противпожарни камиони што користат низа технологии за да ги сменат светлата на семафорот од црвено во зелено долж рутата, но V2I ќе функционира погенерално и во поголем размер, слушајќи ги возилата и собирајќи ги податоците од нив за да ја направи градската сообраќајна мрежа поефикасна. Смарт-инфраструктурата може да го продолжи зеленото светло малку подолго ако се создаде редица од возила, да ги промени ограничувањата на брзините на лице место, па дури и да ги пренасочува возилата кога има несреќи или застои на патот. Со други зборови, кога автономните автомобили ќе го преземат сообраќајот, нема да бидат само автомобилите што ќе „насетуваат“ и размислуваат – туку целиот град ќе биде една паметна машина.

Дискриминација по основа на гориво. Дизел моторите се моќни и ефикасни, ама наскоро веќе нема да го гледаат Париз. Француската престолнина, барабар со Мексико Сити, Мадрид и Атина, планира до 2025-та да ги забрани дизел возилата на големите градски раскрсници, за да го намали загадувањето, а се очекува и другите градови ширум светот да го следат таквиот пример. Осло и Берген (двата најголеми норвешки градови) одат уште подалеку и планираат до истата таа година да постават зони со нула-штетни-емисии, како и да „оградат“ делови од градот каде горивните мотори ќе бидат забранети на сличен начин. Па така, иако сé уште ќе се борите со паркирани товарни возила за транспорт додека се движите низ градот, тие речиси сигурно ќе бидат помали, почисти и многу потивки.

Полнење додека возите. Кога секој во градот би возел електричен автомобил, разумно е да се очекува дека практично ќе ни требаат цели кули со безброј „пипци“ кои би ги полнеле автомобилите на еден кафански паркинг, да речеме. Но всушност, со малку инфраструктурно планирање, изводливо е да ги полниме автомобилите додека стоиме на семафор на црвено или додека се паркирани. Идејата за полнење на растојание е проблематична, но научниците веќе една декада знаат и се способни да пренесуваат струја на растојанија и до 2 метри, а притоа со ефикасност блиска до 100%. Методот е наречен „magnetic resonance coupling, а би се извел со поставување на струјни кола во патиштата – кои по пат на магнетизам би создавале вибрација во соодветните струјни кола во колите, кои потоа би ја конвертирале таа вибрација во електрична енергија со која би се полнеле батериите. Веќе постојат одредени градски транспортни системи низ светот што тестираат автобуси што се полнат – неприкачени – додека чекаат на автобуски станици. Технологијата би била лесна за имплементирање во секоја нова гаража, но и „ретроградно“ во асфалтот на раскрсниците. Во принцип останува уште да се најде начин како индивидуалните возачи би плаќале за таа електрична енергија што би ја користеле нивните автомобили, ама сигурно ќе се најде стартап што ќе осмисли некаква погодна апликација, ако ништо друго.

Нови давачки при возењето. Иднината е на прагот, ама ќе се плаќа. Своевидниот „данок на закрченост“ значи дека ќе плаќате повеќе за користење на градските улици во периодите кога и сите други ќе сакаат да ги користат градските улици. Со други зборови, и законот на понудата и побарувачката ќе се вклучи меѓу другите правила на патот. Во Сингапур тоа е случај уште од 1975 година, но градовите како Лондон и Рига уште поинтензивно ја користат таквата шема за да го намалат сообраќајот. А бидејќи ќе имаме смарт-автомобили кои ќе зборуваат со смарт-инфраструктура, глупаво е да НЕ се очекува дека дел од таа инфраструктура ќе бидат и наплатните рампи. Наместо данок на гориво, на пример, возачите ќе плаќаат по однос на поминатата дистанца – со повисоки цени за одредени области во одредени периоди од денот. Поголемите возила, како лимузините и џиповите, ќе плаќаат повеќе за да влезат во градскиот центар, исто како што денес повеќе плаќаат камионите.

Возење до градот, ама не и во него. Денес многу од економиите на големите градови зависат од работната сила од вонградските региони. Тоа обично функционира така што луѓето од предградијата обично возат до железничка станица, од каде потоа патуваат со воз до градот. Иако ова е (релативно) идеално за денешното работно секојдневие, не е сјајно за кратки или нередовни патувања во неработните часови кога возовите се поретки. Па така, некои градови ја модифицираат таквата стратегија: навистина „паметен“ град би те пуштил да возиш до одредена централна локација, од каде што би продолжил со минибус (on-demand и базиран на апликација) кој би те однел на тролејбус, или до станица за рентање на велосипеди, или до „шпагетна“ мрежа од пневматски метро цевки. 

БиБиСи

- Реклама -