Зошто толку луѓе тагуваат за познати што никогаш не ги сретнале?

СПОДЕЛЕТЕ

Како тоа луѓето толку жалат за „ѕвездите“ кои никогаш не ги сретнале? И зошто тоа толку дојде до израз во 2016-та? Лани прашањава беа пооставени милион пати, а сега ги постави и грчкиот сајт за вести и анализа Protagon.gr.

Навистина, ако се погледне статистиката, јасен е растот на бројот на умрени познати личности: на пример, во првото тромесечје во 2012-та, во светот умреле само пет, а во истите три месеци во 2016-та – дури 24.

Одговорот на ова прашање е навистина едноставен и чудно е што воопшто некој го поставува прашањето; повеќето „ѕвезди“ кои станаа познати во 1960-тите години, сега се во осмата деценија од животот, а умираат и „пред време“ (гледано од филозофски аспект, такво нешто не постои) заради начинот на кој живеат. Повеќето од оние кои умираат сега се од генерацијата „бејби бум“ – родени меѓу 1946 и 1964 година, кога после Втората светска војна огромно и нагло порасна бројот на жители во скоро сите делови од светот. Најголемиот дел од таа генерација сега има меѓу 52 и 70 години, во наредните 10 ќе „прегазат“ и 80 години, а треба да се смета и на изненадувања – дека некој од нив ќе умре порано од што „треба“.

Прашањето зошто милиони и милиони луѓе ширум светот жалат за починатите ѕвезди, макар и ако дотогаш не ги знаеле, е далеку поинтересно.

„Главната причина која сега ги погонува солзните жлезди се – друштвените мрежи. Во последните десетина години, друштвената медија ја преплави целата наша комуникација, и сé поголем е бранот на емоција и опфаќа повеќе места, што предизвикува сочувство и општа тага“, пишува Protagon. Порано постоеја само „традиционалните медиуми“ – телевизија, радио, весници, списанија, потсетува текстот. Кога во тие времиња ќе умреше некој познат, за тоа се разговараше во семејството и меѓу пријателите. Но сега, кога ќе умре некој познат, има безброј постови за тоа на друштвените мрежи, со бесконечна ланчена реакција на пренесување и коментирање на таквите вести.

Од друга страна, причина за толкавата тага за умрените ѕвезди е и тоа што традиционалните медиуми, киното и MTV, веќе долго негуваат традиција на „обожавање, на ритуал, сé што тогаш во младите очи изгледаше магично; а ѕвездите добија недофатливи, митски димензии. А кога ѕвездите умираат, и тоа во свеста на нивните обожаватели е подеднакво големо, баш колку и митот додека биле живи“.

Последните неколку години, економската криза како цунами ги удави животите на многу луѓе во светот. Protagon смета дека оттаму и смртта на славните се користи како еден вид „шанса“, прилика, иницијална каписла, за изразување и на таа подлабока, и општа, и лична тага.

Паралелно со тоа, уште една важна причина е што ги оплакуваме тие што „ни го изградиле детството, растењето, младоста, кога сé во нашите очи беше поубаво, додека чувствувавме дека целиот живот е пред нас“… Тие луѓе, ѕвезди, внесоа душа, ноти и стих во нашето радување, некогаш и во нашето тагување, нé наведоа да се чувствуваме како да се познаваме, бевме другари и заедно поминувавме низ тешките кривини во нашите животи, пишува Protagon. А сега, кога се умрени, „се чувствуваме како со нив засекогаш да заминува дел од нашите живот, дел од нашата младост“.

Во крајна сметка, она што не може да се свари со ниту еден газиран пијалок, нити со нешто друго, тоа е дека човек кому сте му се восхитувале, сте растеле со него, кој вашиот емотивен стомак го хранел со уметност, оној кој – како ѕвезда – во вашите очи бил неуништив и бесмртен, сега е наеднаш – мртов.

Можеби тогаш, кога осознаваме дека некоја ѕвезда се преселила во вечните ловишта, плачеме бидејќи ја сфаќаме минливоста на сопственото постоење, својата смртност: „Ако тој/таа, со толку пари, не можел/а да го сочува здравјето, што ќе правам па јас?“. Сепак, на крајот, не треба околу тоа да се губи умот, бидејќи никој од нас не знае кога ќе умре. А додека тоа не се случи, треба да се сочува тоа што сме го добиле од познатите кои си заминале, и да се сеќаваме на своите емоции кои тие ни ги донеле, заклучува текстот.

- Реклама -