Жените се палат на лук

Храната која ја јадете може да влијае на мирисот со кој вашето тело се обидува да го привлече спротивниот пол, „откриваат“ научниците. Тие долго го следеле начинот на кој мажјаците саламандери ги привлекуваат женките бирајќи похранливи намирници, а прелиминарните студии покажуваат дека слично е и кај луѓето.

Во низа експерименти, 42 мажи јаделе сиров лук (4 чешниња) или пиеле капсули (со 1.000 милиграми екстракт од лук), а потоа носеле памучни гази под пазувите во времетраење од 12 часа. Во следната етапа од експериментот се воздржувале од јадење лук, но повторно носеле памучни гази кои ја впивале нивната пот. Во третата етапа, 14 жени го проценувале „мирисот“ на овие памучни гази, споредувајќи ги тие од мажите кои јаделе лук – со тие од мажите кои не јаделе лук.

Барем според изборот на жените во експериментот, се покажува дека мажите кои не се воздржуваат од конзумација на „природниот антибиотик“ имаат попривлечен мирис.

Научниците сметаат дека мирисот богат со лук е привлечен за жените затоа што укажува на здравствената состојба на потенцијалниот партнер. „Исто така, можеби мирисот на мажот сугерира и каква храна може да ѝ обезбеди на својата партнерка“ – вели Житка Фијалова од Карловиот универзитет во Прага, а воедно и предводник на студијата. А нема жена што не сака да ѝ обезбедите лук, зар не?

Едно друго истражување покажа сличен тренд и кога се работи за мажи што внесуваат храна богата со каротеноиди. Ама пред да се напукате со морков и лук со надеж за успех кај жените до крај на животот, имајте предвид дека и двете истражувања се спроведени на мал репрезентативен примерок т.е. мал број испитанички. Тоа не мора, ама може да значи дека резултатите и не се баш научно докажани.

- Реклама -