Зошто пингвините се црно-бели?

Откако научниците го одговорија прашањето зошто пингвините не летаат, се фатија да се занимаваат со тоа зошто се црно-бели.

Испадна дека не било така смешна задача како што звучи. Имено, црно-белиот „смокинг“ не е случаен. Така обоени, пингвините се побезбедни, посебно во вода; кога ќе нурнат во водата, црно-белата боја ги камуфлира и ги прави тешко видливи за непријателот. Гледано од длабочините, светлата боја на нивните гради се претопува со небото. Гледано озгора, нивната црна боја се претопува со темното морско дно.

Ваквата камуфлажа се нарекува countershading. Во случајот со пингвините, им помага да побегнат од предаторите, а истовремено и да изгледаат спремни за свечености.

А ако не можете да се досетите зошто не летаат, одговорот е едноставен. Пингвините се имаат „откажано“ (по еволутивен пат) од својата способност да летаат во име на нивните исклучително пливачко-нуркачки вештини. Не може и двете, зашто како и кај другите видови морски птици, научниците заклучуваат дека крилото кое е добро за летање не може истовремено да биде и добро за пливање и нуркање. Пердувите баш и не работат добро под вода, и обратно – ниту перките во воздух.

- Реклама -