Throttle/Brake – епизода 40: Егзотика, Италија, Британија…

Изминативе две-три години, во автомобилскиот свет доминираа три автомобили. Ferrari LaFerrari, McLaren P1 и Porsche 918 Spyder или “Светото Тројство”. Тие беа најбрзите, најсовремените и најпосакуваните автомобили, по кои сонуваа буквално сите автомобилски ентузијасти. Годинава (2016) која е на заминување, автомобилскиот свет го одбележаа неколку неверојатни автомобилски случувања, кои се со историска тежина. Беа претставени и најавени уште побрзи и посовремени хипер автомобили. Имаше и такви, кои поради својата егзотика и уникатност беа главните ѕвезди на автомобилските збиднувања. Во оваа епизода, главните улоги ќе ги толкуваат три ултра егзотични автомобили. Инженерски и дизајнерски ремек дела, кои се толку ретки и уникатни, што дури ни Top Gear и The Grand Tour не успеваат да стигнат до нив. И да, направени со една цел: да бидат екстремни, брзи и скапи. 

Pagani Huayra BC

Гордоста на Хорацио Пагани. Најбрзиот, најсовремениот, најекстремниот и најубавиот автомобил кој излегол од фабриката на Pagani Automobili. Се до овој автомобил, Pagani немаа рационален супер автомобил кој ќе го сместите во некој сегмент или пак ќе го споредувате со конкурентните автомобили. Моделот Zonda беше и остана еден од најбрилијантните супер автомобили. Автомобил, кој според многумина, ги создава најдобрите звуци во автомобилската индустрија. По успехот со моделот Zonda, Хорацио во 2012 реши да оди чекор понатаму со своите лудории и ја направи Huayra. Автомобил кој запира и ги сече свиоците со помош на авионски флапсови. Неверојатен дизајн и изработка, 730 коњски сили кои ја забрзуваат таа маса од јаглеродни влакна до неверојатни 370 километри на час. Но… Хорацио не беше воопшто задоволен. Автомобилот дури и потфрли на неколку споредбени тестови. Од Pagani Automobili вината ја бараа во несоодветните пневматици. Не знаејќи што да прават, решија Huayra да ја направат колекционерски автомобил, и се фатија за работа. Одговорот за сите што ја критикуваа Huayra пристигна во Женева. Pagani Huayra BC. Хардкор верзија на Huayra со 789 коњски сили и сериозен, ќе речам, тркачки аеродинамичен пакет. Која е разликата помеѓу “стандардната” и Huayra BC? Интересно е дека Хорацио Пагани решил да ги стави иницијалите од името на неговиот прв клиент, Бени Кајола (BC), на неговиот нај-нај автомобил. Риспект. Инспирацијата за Huayra BC доаѓа од најекстремниот автомобил на Pagani, Zonda R. По се изгледа дека Хорацио бил незадоволен од перформансите на Huayra, па решил да го засили моторот, да додаде плус аеродинамика, да ја доработи и “стегне” шасијата, подобри сопирачки и уште мал милион ситници, кои на крајот би покажале одличен резултат. 

Моторот е истиот како и кај “стандардната” Huayra, 6 литарскиот твин турбо V12 од AMG, дополнително засилен за 60 коњски сили, за вкупни 789 коњски сили и 1100 Nm влечна сила која преку новиот седум степен автоматски менувач со едно квачило (XTrac) се пренесува на задните тркала. Подобри сопирачки, нови амортизери Öhlins со четири начини на подесување, кои според Pagani се најсовремените амортизери кои се вградени во легален автомобил и значително подобар аеро пакет. Покрај флапсовите, додаден е и огромен заден спојлер, странична активна аеродинамика која исто така го разладува и цел заден дел, заден дифузер и сплитери во предниот дел. Масата е намалена на минимални 1218 килограми. Епа Хорацио, ако се ова не е доволно твојот најдобар автомобил да биде екстремно брз, тогаш незнам… На хартија, сите бројки говорат дека Pagani Huayra BC е побрз автомобил од Porsche 918 Spyder, но засега сето тоа е само на хартија. Од место до стотка забрзува за 2,8 секунди, а максималната брзина, неофицијално ќе оди “само” до 355 километри на час. Интересна е филозофијата за автоматскиот секвенцијален менувач со едно квачило на Хорацио Пагани, кој вели дека, иако при мали брзини менувачот не е баш прецизен, на големи брзини тој е перфектен и дека всушност менувачот е главниот фактор во диетата на овој автомобил. Шасијата на Huayra BC е направена од Карбо-титаниум, а доколку направите инспекција на целиот автомобил, верувајте дека нема да најдете пластика или некој старомоден метал, односно се што е вградено во овој автомобил е направено од јаглеродни влакна, најдобар алуминиум и титаниум. 

Внатрешноста е приказна за себе. Егзотична до безсвест, но помалку тесна. Доколку сте човек кој е повисок од 180 cm, можно е имате проблеми при влегување и излегување од автомобилот. Но, сепак станува збор за супер спортски автомобил кој е создаден да има перформанси. Ќе бидат произведени само 20 промероци, а цената на ова ремек дело од автомобил е 2.35 милиони евра, нормално без давачки. И како и секогаш, со големо жалење ќе ви соопштам дека сите автомобили се веќе распродадени.

Lamborghini Centenario 

По повод сто годишнината од раѓањето на Феручио Ламборџини, фармерот кој направи подобар автомобил од Енцо Ферари, на саемот за автомобили во Женева, каде што деби имаше и најдоброто од Pagani, беше претставен Centenario, најдоброто од Lamborghini. Лимитирана серија на хипер автомобил, кој е всушност базиран на Aventador LP750-4 SV, но е побрз и полесен, и е опремен со најнова технологија, која во блиска иднина ќе се примени во серискиот наследник на Aventador. 

По ултра ретките и уникатни Reventon и Veneno, овој модел е збир на најдоброто од Lamborghini и еден вид насока, база за моделите кои ќе се прават во иднина. Пред да почнам да го сецирам Centenario, ќе напишам збор два за дизајнот. Сите добро знаеме дека Lamborghini од секогаш правеле автомобили со фантастичен дизајн односно постер-автомобили, но овој дизајн како да е испратен од некоја надреална димензија. Дефинитивно еден од најубавите автомобили на сите времиња. 

Под хаубата ништо ново. Истата брилијантна музика од атмосферскиот 6.5 литарски V12 од Aventador SV, но сега засилен за 19 коњски сили. Centenario официјално има сила од 759 коњски сили при 8600 вртежи во минута, кои се пренесуваат преку седум степениот автоматизиран мануелен менувач на сите четири тркала. До сто километри на час забрзува за 2,7 секунди, до 300 за 24 секунди, а од фабриката тврдат дека максималната брзина со сигурност ќе оди над 350 километри на час. За разлика од Aventador SV, Centenario е направен целосно од јаглеродни влакна, со што масата е намалена за минимални 5 килограми, но зголемена е ригидноста на шасијата. Еден од најголемите предизвици за супер брзите автомобили е да бидат супер стабилни и при брзини од над 300 километри на час. Затоа, за да немаат грижи, инженерите на Lamborghini значително ја подобруваат аеродинамиката на овој автомобил. Значително значи активен аеро пакет, со двојно повеќе downforce во однос на нормалниот Aventador, и подобра аеродинамика во однос на Aventador Superveloce. Еден чекор напред е и масивниот заден дифузер, кој ги усмерува издувните гасови во таканаречен “slipstream” за да се зголеми силата која го лепи автомобилот за патот. Уште една новина кај Lamborghini е и four-wheel-steering, или по нашки систем со кој вртат сите четири тркала.

Centenario не е само колекционерски автомобил. Овој автомобил е база на технологии кои ќе бидат употребувани во идните Lamborghini автомобили. Најсвеж пример е новиот Aventador S, кој го позајмува four-wheel-steering системот токму од Centenario. Ќе бидат произведени вкупно 40 автомобили, 20 купе и 20 топлес. Цената за овој супер автомобил кој изгледа како да е повратник од иднината изнесува 2.35 милиони евра. Како и Pagani Huayra BC, и Centenario е целосно распродаден.

Aston Martin Vulcan 

Најекстремниот егзотичен автомобил во светот- Aston Martin Vulcan. Чудното име го добива по британски бомбардер од Студената Војна. Автомобил за кој не постојат регулативи и правила. Директен одговор на Ferrari FXXK и McLaren P1 GTR. Да бидам искрен, кога за првпат го видов овој автомобил на Goodwood, не можев да поверувам дека ова чудо доаѓа од погоните на Aston Martin. Бев збунет бидејќи тие од секогаш биле во Џејмс Бонд фазонот. Но си помислив, нема никаква најава за нов Џејмс Бонд филм и тогаш се ми стана јасно. Vulcan е експеримент, славење на старо модните тркачки автомобил и предвесник на нешто многу големо, ново, во нашиов случај, брзо. Круна на целокупната работа на Aston Martin, пред да стапи во брак со F1 тимот на Red Bull и заедно да го прават AM-RB 001. Но, затоа потоа. 

Многумина мислат дека Vulcan е нешто сосема ново од Aston Martin. Не е. Базиран е на One-77, или поточно на еден од концептите на One-77. Тркачка шасија од јаглеродни влакна, направена по стандардите на FIA, 7.0 литарски, атмосферски V12 мотор кој произведува 820 коњски сили, кои преку магнезиумска осовина се пренесуваат на шест степениот Xtrac секвенцијален менувач. Целосно тркачка суспензија, тркачки сопирачки и тркачка внатрешност. Нема клима, а и прозорците не се спуштаат во случај да ви стане жешко. 

Ајде да позборуваме за аеродинамиката. Знам, прво што ви паѓа на памет е огромниот заден спојлер, со кој може да таксирате патнички авион, но грешите, најголемиот удел во аеродинамиката го има дифузерот кој се наоѓа под автомобилот. Бидејќи се работи за автомобил со мотор кој е вграден во предниот дел, воздухот кој доаѓа го отвара сплитерот многу рано и помага предниот дел на автомобилот да биде неверојатно стабилен. За стабилноста допринесуваат и слик пневматиците Michelin Pilot Sport Cup 2, но откако ќе се загреат до одредена оптимална температура. Интересно е дека огромниот заден спојлер произведува повеќе тежина која го лепи автомобилот за патот (downforce), отколку што тежи самиот автомобил, односно 1350 килограми. Од место до стотка оди за 2,9 секунди, а бидејќи се работи за тркачки автомобил, чиј фокус се тркачките патеки, максималната брзина која Vulcan ја развива е околку 310 километри на час. Неофицијално, група на автомобилски ентузијасти, некаде во Италија, на иста патека и со исти возач, ги одмериле силите на Vulcan и McLaren P1. Замислете, Aston Martin Vulcan бил за цели 9 секунди побрз од McLaren P1. 9? Џереми Кларксон би рекол дека тоа е цела вечност. Ќе бидат направени само 24 примероци, а секој ќе се продава по цена од 2.3 милиони евра. За крај, не би сакал да ве разочарам, но… Aston Martin Vulcan не е легален автомобил, односно не може да го регистрирате и да го возите по улица. Освен ако не живеете во некоја од заливските земји. 

Моето мислење за овие три автомобили? Вака: Сите три автомобили се уникатни ремек дела на автомобилската индустрија. Но, ако би требал да изберам само еден, би одбрал Lamborghini Centenario. Зошто? Pagani Huayra BC секогаш ќе биде под силен притисок за тоа дали е навистина толку брз автомобил, што е добро, но може да биде и многу разочарувачки. Aston Martin Vulcan е нелегално лудило. Lamborghini Centenario е супер брз и еден од најубавите автомобили на сите времиња. Можеби е побрз и од Pagani Huayra BC. Но луѓето од Lamborghini, ќе речам многу паметно, ги држат настрана своите автомобили од сите тие приказни за најбрз автомобил, а работат од позадина. Ако сакате ветар во косите, имате и топлес верзија. 

Видео: Крис Харис и Aston Martin Vulcan. 

… Ова беше последната епизода за оваа не толку добра 2016-та година. Се читаме во Новата 2017, која, се надевам ќе биде подобра. Throttle/Brake ви посакува Среќни Новогодишни и Божиќни празници. 

Пишува: Брацо Моралиќ
- Реклама -