Човекот од иднината: Отпорен на радијација и болести

СПОДЕЛЕТЕ

Генетското модифицирање ни дава потенцијал да го направиме човештвото посилно, побрзо и поотпорно на болести. Но секое вештачко зголемување на способностите на човекот носи ризик од создавање на нова класа од суперлуѓе. Сепак, тоа е неопгодно, ако сакаме да се спасиме при следното масовно исчезнување на видови, смета Хуан Енрикес – научник од Харвард.

Тој тврди дека вештачкото модифицирање и надградба на гени, клетки и органи ќе ни биде неопходно за да побараме дом на друга планета. Енрикес гледа иднина во која човечките клетки можат да се носат со радијацијата, со леснотија да се борат со смртоносните вируси како ХИВ, па дури и да одбиваат куршуми.

„Ќе ни биде навистина тешко да живееме на Марс ако човечкото тело не се промени. Промените ќе ни дозволат да стигнеме до места за кои денес дури не ни сонуваме“, вели Енрикес за Daily Mail.

Досега се регистрирани пет масовни изумирања на видови во историјата на Земјата. Енрикес се плаши дека и човечката раса веројатно ја очекува слична судбина. Супервулкани, астероиди или сончеви ерупции – и човештвото може да биде уништено за миг.

Затоа, научникот од Харвард смета дека генетските модификации треба да се користат за подобрување на човечкиот геном во продолжение на веков. Според него, изводливо е дијаметарот на невроните во мозокот да биде зголемен, со цел да се подобри времето на реакција на индивидуата. Изводливо е и човечките клетки генетски да се репрограмираат за да бидат имуни на смртоносната радијација на Марс. А белите дробови и ткивата ќе можат да бидат генетски преработени за да можат да собираат повеќе кислород во услови на ретка атмосфера на другите планети.

Ткивата исто така би можеле да бидат модифицирани за подобро да ги филтрираат смртоносните токсини. Со текот на времето, изводливо е луѓето да постигнат совршено генетско здравје и да се ослободат од болести, како цистичен фиброзитис или Хантингтонова болест, или да бидат отпорни на ХИВ.

Енрикес не е првиот што прогнозира слични вакви промени во вековите што претстојат. Според другите сценарија, додуша, телото ќе ни биде мешавина од човек и машина. Како и да е, експертите се сложуваат дека промените на климата, вештачката интелигенција и генетските мутации драстично ќе го трансформираат човекот.

- Реклама -