Најпотребната празнична информација: Може ли желудникот да пукне од прејадување?

Стави ја раката на жешка рингла, и за неколку милисекунди импулсот ќе стигне до мозокот, а овој ќе нареди тргање на раката од ринглата. Седни да јадеш, и на импулсот му требаат 20 минути да стигне од желудникот до мозокот за да му каже дека си сит. Кај се шлае 20 минути, само тој си знае.

Како и да е, очигледно е дека се соочуваме со намерна или ненамерна саботажа од сопственото тело, кога се работи за прејадувањето. А тоа може да е опасно, особено за време на празници, кога сите диети паѓаат во вода и се одложени за пост-празничните периоди…

Кога желудникот е празен, тој е голем отприлика колку вашата тупаница. Ама има капацитет да се рашири, и тоа голем. Лошото е што механизмот со кој нашето тело ни соопштува дали сме гладни или сити е многу сложен. Подразбира неколку хормони, кои се произведуваат како одговор на присуство или отсуство на храна во дигестивниот систем.

Двата најважни хормона се грелин и лептин. Ако ги објаснуваме просто, грелинот го зголемува апетитот, а лептинот го намалува. Главно се произведуваат во стомакот и масните клетки. Грелинот обично го има во поголеми количини пред јадењето, а потоа полека се намалува, додека лептинот е задолжен да му соопшто на мозокот дека сме сити.Гојазните луѓе, на пример, со тек на време изградуваат отпорност на лептинот и практично никогаш не се сити.

Што се случува кога ќе се прејадеме?

Храната може да оди само во два правца: понатаму во системот за варење, или назад од каде што и дошла – преку повраќање. Прејадувањето како такво, може да предизвика лошо варење и да ја истурка стомачната киселина во хранопроводот. Желудникот е отпорен на киселина, ама хранопроводот не е. Исто така, кога има повеќе храна, телото вложува повеќе енергија во варењето, што нé прави многу уморни и исцрпени.

Може ли желудникот да пукне од прејадување?

За жал, може. Наводно постои случај каде желудникот станал толку голем што пукнал од количината храна во него. Една 23-годишна девојка имала 2.500 милилитри во својот желудник, па толку ѝ натекол, што го зафаќал најголемиот дел од нејзиниот абдомен – од ребрата, па до карлицата.

Може ли да се умре од прејадување?

Да. Постојат неколку случаи на смрт од прејадување. Ретки се, ама ги има. Затоа, не претерувајте, особено за празници.

- Реклама -