Трикови од Сибир: Живот и преживување на -50° Целзиусови

Ако сабајлево се разбуди и се смрзна од самата помисла дека најдвор е -5° Целзиус, сети се на следново – истово ова сабајле, жителите на било кој град во Сибир отишле на работа на минимум -40°, а можеби и на -60° Целзиусови. И ќе преживеат. Научиле да живеат на негативната половина од термометрите, па со право можеме да им украдеме по некој трик за полесно да ги истуркаме нашиве патетични (во споредба со сибирските) минуси.

А и самите Сибирци ќе ви кажат дека температурите од -25 до -30 се релативно поднослови со адекватна гардероба, но дека кога живата паѓа и до 40-от степен под нулата – почнуваат неволјите.

За човек кој почнува да се тресе на -6 тешко е да замисли како изгледа живот на -20, а не па на -50 или -60. На така ниски температури, очните капаци можат да се залепат од студот. Доволно е да замижите на неколку секунди и готово, веќе не можете да ги отворите очите. Ако во тој момент немате никој друг во близина, за да ве однесе како да сте слеп/а до најблискиот затворен простор за да се опоравите на топло, единственото решение ви е да ги покриете очните дупки со дланките (во ракавици, се разбира). Најважното е ништо да не правите на сила – има такви што пробале, па останале без трепки и ги скинале очните капаци, раскажува еден „натурализиран“ Сибирец, кој таму завршил по работа.

Неколку слоја волнена гардероба

Кога слетал во Иркутск на -40, носел само еден слој волна – еден џемпер, волнени панталони, тенка капа и ракавици, и виндјакна без постава. За само неколку секунди, пред да стигне да влезе во автобусот, почнал да чувствува како околу него се формира ледена обвивка – во грлото се добива чувство како кога ќе вдишите прашина, или пак ве стегнува болка проследена со кашлица, а ледената обвивка ја чувствувате и на трепките – па тешко можел да ги затвори и отвори очите.

Тогаш научил – кога излегуваш на сибирски минус, задолжително мораш да го облечеш долниот дел од тренерките, па една или две маици, па блузон, па дуксер со капуљача. На главата, освен капуљачата, треба да ставиш капа – задолжително со додатоци за ушите, и подкапа (Balaclava). Па облекуваш волнени чорапи и чизми „ваљенки“ – волнен симбол на Русија, направени од сукана овча волна, познати по тоа што се изработени во еден дел и немаат шавови.

Кога излегувате на шетање, носите едни тенки и едни многу дебели ракавици.

„На -52°, кога би го соблекол дебелиот пар за нешто да направам со рацете, за 20 или 30 секунди го губам најголемиот дел топлина од рацете, па кога ќе ги вратам дебелите ракавици вежбам уште пет минути во движење, за да ми се загреат прстите“.

Зимно време се пие ладно, се јаде сладолед и се бања со ладна вода

Русите се познати по водката – најдобрата ја произведуваат, а најмногу ја пијат, но тоа не е причината што во зима јадат сладолед и се бањаат со ладна вода, за на лето да пијат топол чај и да одат во сауна. Слично функционираат и жителите на скандинавските земји, бидејќи така полесно го поднесуваат и студот и горештините (условно речено; тие не знаат што се горештини), односно подобро ја прилагодуваат температурата на своето тело на надворешните услови. Кога пиеш ладно во зима, помала е разликата во температурата, и со самото тоа има помал шок врз системот за варење. Ладните напитоци исто така ги стеснуваат крвните садови, со што спречуваат ширење на воспаленија, а притоа и на многу микроорганизми не им одговараат ниските температури.

Мислењето пак, дека сладоледот предизвикува воспаление на грлото е тотално погрешно. На крај краева, сладолед им се дава и на децата непосредно по операција на крајници, па му доаѓа како ладна облога.

Кога го палиш автомобилот, нема гасење

Да поседуваш автомобил на место каде температурата е -40 или -50 три или четири месеци во годината – е скап подвиг и подразбира многу посветеност и внимание. Во Сибир, автомобилот мора да биде затворен во простор кој се грее 24 часа. Ако веќе ја оставате колата надвор, моторот никогаш не го исклучувате и некој мора да остане внатре и да направи круг од едно 10-15 минути, за да се спречи замрзнување на механичките делови далеку од моторот. Моторот и ладилникот се покриени со ќебе, за топлината да не се ослободува. Во случај на дефект, ситуацијата станува сериозна: за да го загреете автомобилот,морате околу него да изградите/поставите шатор и да запалите оган. Во спротивно немате избор – едноставно го оставате каде што е и чекате специјализирана влечна служба, или евентуално пролет.

Ако замрзне куќата, се селите

Системо за греење во станбените згради е од критична важност и мора да работи без прекин, инаку се спремаат сериозни проблеми. Практично зградата може целосно да замрзне, а ако тоа се случи, нема загревање до следната пролет. Влезовите имаат по трикратни врати, со цел да се смали губењето на топлина кога некој влегува или излегува од зградата. Прозорите, исто така, имаат трослојни стакла.

И последниот совет: Не допирајте ништо со голи раце додека сте надвор, особено не метал. Тоа важи и за кваките на овие трикратни врати. Да ги допреш кваките на -50° без ракавици може да биде многу болно искуство.

- Реклама -