Поентузијаст и од Дедо Мраз: Дома има накитено 114 новогодишни елки

СПОДЕЛЕТЕ

elki

Дедо Мраз до толку ја сака Нова година, што една вечер ги дарува сите деца на светот. Томас Џеромин толку ја сака Нова година, што кити елки цели 2 месеци.

Однадвор, куќава во Ринтелн во Германија не изгледа ништо посебно. Ама убаво рекле старите (турбофолкери): „не суди по амбалажи“. Одвнатре, домот на Томас е ништо помалку од спектакуларна шума од накитени елки. (Факин) 110 елки да бидеме попрецизни, накитени со повеќе од 16.000 лампиони.

До пред пет години, Томас украсувал една елка, како секој нормален човек. Сепак, во 2012-та решил да накити уште неколку, со цел да го рашири божиќниот дух низ домот. Му се заарнило. Следната година накитил 20, па 45, па 80, па денешната колекција од 110 елки. Ги има по цела куќа, дури и во вецето. Без елка му е само главната спална, по инсистирање на сопругата.

Како што напомнавме, а и самите претпоставувате, да накитиш 100 ноговодишни елки бара време. Џеромин потврдува дека годинава му требале 2 месеца. Почнал во октомври, а една недела потрошил само на набавка на елките. Уште седум недели му требале за да ги украси, работејќи од сабајле до вечер. Ставил над 16.000 лампиони и стотици сијалички и венци.

Томас е локална легенда во Ринтелн, а соседите често му го посетуваат домот за да видат како изгледа овогодинешното украсување со рекорден број елки. Годинава Томас стигна и на националните вести, па луѓето дури почнаа и да му праќаат елки за подарок. Кога ТВ екипата го посетила имал 110, но во следното интервју рече дека додал уште 4 (оттаму и 114 во насловот).

И нормално, следува прашањето: Колку го кошта? Џеромин вели дека трошоците се прифатливи, главно зашто купува на големи попусти. Вели дека најдоброто време за купување на украси е две-три недели по Божиќ/Нова година. Од друга страна, струјата за овие 6 недели додека му светат елките го чини околу 100 евра, за што смета дека е исто така прифатливо.

Нормално, тие што ги чуваат елките украсени до пролет имаат уште едно важно прашање: Не ли го мрзи да ги раскитува? По сé изгледа, не. Освен што му се потребни две недели за да ги спакува елките на таванот, Џеромин уредно ги пакува сите украси, во свои посебни кутии, за кои има посебни соби во куќата.

Томас признава дека луѓето што го посетуваат неговиот дом го нарекуваат „луд“, но вели дека ништо на светот не сака повеќе од тоа насекаде да има украсени новогодишни елки. Признава и дека вештачките (какви што користи) не се добри како природните, но повеќе од 100 природни елки би го чинеле прескапо.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ