Швајцарски ланец супермаркети ќе продава бургери и ќофтиња од инсекти

hamburger_pxb[1]

Од следната пролет, швајцарскиот ланец супермаркети Coop ќе почне да продава бургери, ќофтиња и други слични производи, а направени од инсекти.

Согласно швајцарскиот закон, необичните прехранбени производи како тие што содржат инсекти, досега не смееја да се продаваат без посебно одобрување. Сепак, во петокот Федералната канцеларија за безбедност на храна соопшти дека го поедноставува тој систем.

Од 1 мај 2017-та, на швајцарскиот пазар ќе може да се продава секој прехранбен производ, сé додека ги исполнува прописите за безбедност на храна. Coop брзо реагираше на таквите измени, и на своите полици ќе продава производи од инсекти веќе следната година.

Трговскиот гигант наведе дека работи со швајцарскиот стартап Ешенто – кој е специјализиран за развој на храна базирана на инсекти, на асортиман од „изненадувачки“ производи кои содржат протеини од инсекти, вклучително и гореспоменатите ќофтиња и бургери.

gburger1[1]

Се смета дека скакулците, на пример, имаат над 50% протеини, за разлика од белото месо, на пример, кое има 30%. Притоа одгледувањето на инсекти е поевтино отколку одгледувањето на животни, па затоа инсектите се сметаат за храна на иднината. Не дека ќе јадеме цели инсекти (всушност, којзнае, човек со тек на време на сé свикнува), ама ако ништо друго, протеините од инсектите ќе се наоѓаат во многу од намирниците.

Coop го знаат тоа. „Тајната на нашиот успех лежи во нашата способност да ги препознаеме трендовите и да воведуваме новини“, вели портпаролот на Coop – Роланд Фрефел. Останува да видиме дали и потрошувачите ќе бидат еднакво тренди.