Вонредна состојба и 48 отруени во Русија: Пиеле лосион за тело зашто содржел алкохол

СПОДЕЛЕТЕ

1105500694[1]

Во сибирскиот град Иркутск е прогласена вонредна состојба. Причината е смешна, во смисла апсурдно трагична – има голем број загинати зашто пиеле лосион за тело.

Зошто некој би пиел лосион за тело? Затоа што содржи метил алкохол, т.е. метанол. Притоа, на етикетата на лосионот пишува дека лосионот не смее да се конзумира и дека е опасен.

Имало предупредување или не, истражниот комитет соопшти дека починале 25 лица што се напиле од лосионот, но се покажа дека тоа е само првична бројка. Последните информации се дека бројот на жртви достигна 48, плус 9 во тешка состојба.

Градоначалникот на Иркутск – Дмитриј Бердников беше безмалку приморан да прогласи вонредна состојба во градот оддалечен на  4.200 километри источно од Москва, и притоа ја забрани продажбата на мало на сите течности кои содржат алкохол, а не се наменети за консумација. Така, лосионите за тело и сличните течности ќе бидат отстранети од полиците.

За продажба на лосионот се осомничени и приведени седум лица, а во меѓувреме беа конфискувани и повеќе од 2000 контејнери со лосионот. Секој од нив собира по околу 500 литри.

Ова не е изолиран случај, во смисла на тоа Руси да пијат супстанци што не се подобни за внатрешна консумација, а содржат алкохол. Тоа е прилично честа појава особено меѓу младите, а една од главните причини е што овие препарати често знаат да се поевтини од алкохолните пијалоци.

„Ова е ужасна трагедија која бара поголемо внимание”, рече Дмитриј Песков – портпаролот на Кремљ. За труењето е известен и Владимир Путин.