Throttle/Brake #36: Хедонизам на квадрат: Rolls Royce Dawn и Mercedes-Maybach S650 Cabriolet

naslovna

Недостижен луксуз и ексклузивност на тркала. Така би ја опишал оваа категорија на ултралуксузни автомобили. Нема кој не знае за Rolls Royce. Дури и малите деца знаат за автомобилот со фантомот. Долги години овие автомобили ја носеа круната на најлуксузни, најудобни и најубави. Во време кога Rolls Royce го има најсекси автомобилот што некогаш излегол од нивната фабрика, Dawn, од Mercedes-Maybach фрлаат нараквица и се мешаат таму каде што Фантомот владее со децении.

Rolls Royce Dawn 2016

2

Знаете ли која е магијата на Rolls Royce? Безвременскиот дизајн и суспензијата. Кога за првпат имав прилика да возам Rolls Royce, имав едно незаборавно искуство. Моделот беше Ghost, го стартував моторот и нешто сосема безначајно ми го одзеде вниманието. По неколку секунди, бев збунет, помислив дека не сум го стартувал автомобилот. Кога погледнав во командната табла, индикаторите покажуваа дека автомобилот всушност работи. Драги мои, ниту шум, ниту вибрација. Просто не можев да верувам. Си реков добро, имаат добра звучна изолација (инаку моторот е V12), и го поместив менувачот во drive. Го тргнав стапалото од сопирачката и уште повеќе се збунив. Мислев дека автомобилот буквално лебди. Имам возено Mercedes-Benz S класа, многу модели на Bentley и BMW серија 7 во комфорт плус мод, но никако не можев да ги споредам со Духот. Потоа, имав прилика да возам Wraith, па Phantom, и секогаш го имав  истото чувство, како да лебдам со автомобилот. Дрво, првокласна кожа и други финеси имаат многу автомобили, но безвременскиот дизајн и суспензијата од бајките ги има само Rolls Royce.

3
Мојата дружба со Wraith.

Да се вратиме на Dawn. Ултра луксузен кабриолет за четворица, базиран на купето Wraith. Според Rolls Royce, Dawn, е “најсекси” автомобил што некогаш го направиле. За разлика од Phantom Drophead, овој модел е наменет за помладата клиентела. Всушност, замислата на дизајнерот Жил Тејлор, е патниците во Dawn да се чувствуваат како рок ѕвезди. Оваа јахта на четири тркала изобилува со невиден комфорт за четири возрасни особи, како напред така и назад, високо квалитетно дрво, најдобра кожа и она што мене најмногу ми се допаѓа, нема покрив. Замислете, Вие и вашата сакана или вашите пријатели, преубав сончев ден, Азурен брег, Јадранската магистрала или Беверли Хилс и Rolls Royce Dawn. Убавини.

4

Никако немојте ни да помислите дека овој автомобил има само една намена. Иако има приближна цена со Aventador SV и V12 мотор, но има и огромен багажник. Dawn можете да го возите секојдневно, исполнувајќи ги работните обврски, носејќи ги децата во школо, да одите на одмор, да се возите наоколу со девојката а да не бидете мета на уличните тркачи. Барем не на нив. Што се однесува до блогерите, влогерите и случајните минувачи, можете само културно да им речете благодарам. Да не биде дека Dawn е премногу домаќински автомобил, ќе ве потсетам дека е придвижуван од V12, 6.6 литарски, твин турбо мотор кој испорачува 563 коњски сили и 820 Nm. Од место до стотка, Dawn забрзува за 4,3 секунди со помош на погонот на задните тркала и 8 степениот автоматски менувач. Кога забрзувате со Dawn е  исто како кога полетување со Dreamliner. Иако небитно за овој автомобил, сепак ќе напоменам дека максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час. За автомобил со маса од 2560 килограми и V12 мотор, комбинираната потрошувачка од 14,2 литри на сто километри е буквално ништо, ако се земе впредвид дека VW Golf 1.4 со четири цилиндри троши повеќе од 10 литри. Знам дека 320 илјади евра за почетна цена се премногу пари, но зборуваме за Rolls Royce. Секако, доколку имате желба за специјална конфигурација на бои, ќе треба платите повеќе. Дури и вашето име може да биде испишано на седиштата. Колку е скапо да поседувате еден Rolls Royce? Мислам дека ова прашање е ирелевантно. Сепак, не заборавајте дека добивате брендиран Rolls Royce чадор, 24 часа услуги и сервис буквално секаде во светот.

Прочитајте и:  Throttle/Brake #46: Нејзиното Височество - Pagani Huayra Roadster, и Ferrari 812 Superfast

5 6 7

Mercedes-Maybach S650 Cabriolet

8

Mercedes-AMG е бренд на Mercedes кој се занимава исклучиво со перформанси. Maybach е бренд кој перформансите ги прави супер луксузни. Maybach е “Haute Couture” на Mercedes-Benz.

По Mercedes-Maybach S600, многу логично беше дека ќе пристигне и S650 Cabriolet. И пристигна, на саемот за автомобили во Лос Анџелес, во елегантна и секси црвена боја. Многумина сметаат дека S-класата на Mercedes е најдобрата премиум лимузина во светот. И јас сум во таа група. Со Maybach S650 Cabriolet, Mercedes го достигна највисокото ниво. Ова е алката што недостасуваше. Автомобил директен конкурент на Rolls Royce. И тоа во лимитирана серија од 300 примероци и многу пониска цена. Навистина звучи неверојатно.

9

Вистината е дека S650 Cabriolet е базиран на “обичниот” S кабриолет, што  воопшто не е лошо. Знаете, пребирливите и оние што немаат многу познавање ќе речат дека Maybach S650 Cabriolet е “малку” полуксузна верзија од обичната S класа, но, и Rolls Royce Dawn (Ghost и Wraith) има премногу заеднички особини со серијата 7 на BMW. Во денешно време, во автомобилската индустрија е многу тешко да најдете автомобили кои немаат или не позајмуваат одредени компоненти на други автомобили или модели.

Што е тоа што го прави Maybach S650 Cabriolet посебен? Ексклузивноста!

Ќе бидат произведени само 300 примероци, кои пак ќе се нудат во три варијанти: црвена циркон со порцелан и црн ентериер, азурна сина со порцелан и беж седишта и дијамантска бела, со порцелан и небесно син ентериер и темно син кров. Седиштата се посебна приказна, инспирирана од водопад. Засекувања во вид на линии кои изгледаат како да течат и два различни дизајни во зависност од надворешната боја. Среќните сопственици, исто така ќе имаат и гравури од типот (1/300) на неколку места како што е воланот и држачите за чаши.

10

Погоре напишав дека Maybach им дава убавина и луксуз на перформансите. Под хаубата на ова луксузно купе-кабриолет, се наоѓа 6.0 литарски твин турбо, V12 мотор, со 621 коњски сили и 1000 Nm влечна сила, која се пренесува на 20 инчните тркала преку седум степен автоматски менувач. Ако Dawn беше Dreamliner, S650 е Airbus A380. Доколку имате среќа да бидете еден од тие 300 привилегирани, ќе треба да издвоите само 240 илјади евра. Во цената се вклучени и четири Maybach патнички торби.

11 12

Mercedes-Maybach S650 Cabriolet е скоро 100 илјади евра поевтин од Rolls Royce Dawn и е лимитирана серија, што значи не може секој да го има. Помоќен е. Rolls Royce го има најдоброто дрво и има широка палета на бои. Maybach има порцелан и само три бои. Нема да кажам кој автомобил е подобар бидејќи не е можно, но ако и Mercedes-Maybach S650 Cabriolet има неверојатна суспензија како што има Rolls Royce, која создава илузија дека лебдите, тоа значи дека Фантомот не е повеќе сам на врвот.

13 14

Брацо Моралиќ
Брацо Моралиќ
СПОДЕЛЕТЕ