Интервју со првата Македонка што ќе оди на лан турнир во Кантер Страјк во странство

angelka

На интернационалниот лан турнир во Кантер Страјк кој ќе се одржи на 24-27 ноември во Јонкопинг во Шведска, меѓу играчите ќе се најде и една претставничка од поубавиот дел од македонската нација. На наше, а и на ваше задоволство, ја имаме со нас на муабет:

Тристашееспет: Здраво. Кажи ни која е „ANGELKA“, од каде доаѓа, и зошто ја имаме честа да разговараме со неа?

– Здраво. Јас сум Ангела Николовска од Битола, попозната како „ANGELKA“ од Counter Strike Global Offensive.

Тристашееспет: Што прави Ангела кога не игра Counter Strike? 

– Студира (се смее). Квалитет и безбедност за храна на биотехнички факултет Битола.

Тристашееспет: Колку долго си гејмерка, кога почна со Кантер Страјк и имаш ли нешто да се пофалиш за досегашната кариера?

– Имам 19 години, а гејмер сум околу 9 години.

Тристашееспет: Скоро пола живот, а?

– Да, хехе. Почнав со Counter-Strike 1.6, и продолжив со CS:GO во август 2012. Сега играм професионален Кантер на интернационално ниво, а во кариерата сум играла за многу тимови и организации. Со мојот претходен тим „NoNamers“ остваривме големо достигнување кога како аутсајдери освоивме 3-то место на квалификациите за ESWC (Светски шампионат во е-спортови).

Имам играно и на многу мали турнири во Македонија, но турнирот на кој ќе учествувам овој ноември во Шведска е најголемиот евент досега. Исто така, на овој турнир ќе се натпреваруваат само женски тимови.

Тристашееспет: Има ли ANGELKA некој спешл скил?

– Во секој тим јас бев најмладиот играч (се смее).

Тристашееспет: Имаш/е ли некои други ‘љубови’ во слободното време, или отсекогаш тоа бил Кантер Страјк?

– До пред 2 години играв одбојка, но кога почнав со професионален Кантер морав да одберам што повеќе ме исполнува. И, веќе знаете, мојот избор беше Кантер. Исто така стримам на Twitch, но не толку често, зашто (го гледа рутерот со прекор) немам доволно добар интернет за квалитетен стрим.

Тристашееспет: Е ајде де, ќе се изрекламираш или ние треба сé да правиме?

– Мојот канал е twitch.tv/angelkaaaaa4kgr. 🙂

Тристашееспет: Туку, кажи ни нешто повеќе за турнирот на кој ќе учествуваш во ноември во Шведска.

– DreamHack е познат како најголемиот дигитален фестивал во светот. Ќе учествувам со  LGB (Hedje, L.K.S, Mattye, Kim), и ќе се натпреваруваме на ESU RAZER CS:GO LADIES TOURNAMENT 2016. Исто така ќе бидеме и на штандот на Intel на 25 ноември, па ако некој е во Шведска слободно дојдете да се дружиме!

Тристашееспет: Ооо, ние дефинитивно ќе дојдеме.

(нé гледа чудно, со прашалници)

Тристашееспет: Букиравме карти уште кога дознавме дека турнирот ќе биде само за женски гејмерки.

– Аха… Океј.

Тристашееспет: Туку, пред да те испратиме, некого да поздравиш или нешто да ги советуваш младите гејмери, и особено гејмерки?

– Пред сé ѝ благодарам на организацијата LGB за шансата, и им благодарам и на сите оние кои ме следат уште од почеток. Мој совет е да продолжат така 🙂 , а во меѓувреме никогаш да не се откажуваат од своите соништа и цели, бидејќи упорноста секогаш се исплати.

Тристашееспет: Ни беше чест, ти држиме среќа, и те чекаме пак да ни дојдеш на муабет.

А вие (кон читателите) можете да ја следите на Твитер, Фесјбук, Инстаграм и Твич.

- Реклама -