Македонскиот шарпланинец – бренд меѓу кучињата

СПОДЕЛЕТЕ

Последното државно и светско првенство на шарпланинци што неодамна се одржа во Скопје уште еднаш ја потврди важноста на македонскиот овчарски пес како дел од културно-историското наследство на земјава. Кралот на канидите и легендарен цар на планините, како што е уште познат македонскиот овчарски пес – Шарпланинец, е единствената автохтона изворна раса на кучиња во земјава, создадена независно и природно.

Тој е доминантен, има силна компактна конструкција на телото, мускулеста градба и моќни шепи, покриено со густи и груби влакна и мирен темперамент. Но кога треба, многу е остар, неизмерно е храбар, пожртвуван, интелигентен и верен придружник на оној кој што тој самиот ќе го избере за пријател, со инстинкти кои го прават вековит чувар и заштитник, еднакво и на стадата и на луѓето. Со сите епитети и вредности што ги поседува, се смета за национална гордост и со право е изгравиран на основната македонска парична единица – денарот. Ликот на шарпланинецот за кој уште се вели дека е лав меѓу кучињата се наоѓа и на поштенска марка.

Денес, според Кинолошкиот сојуз на Република Македонија, во земјава има 20. одгледувачници на кучето заштитник на планините, а од над 2000 регистрирани расни кучиња, најголемиот број припаѓаат токму на расата Шарпланинец.

Македонија лулка на шарпланинецот

Шарпланинецот е автохтона раса лоцирана примарно во Македонија. Или, подобро речено, Македонија е лулката на шарпланинецот, иако тој може и се одгледува секаде во светот каде што му погодуваат климатските услови. И денес, како и во минатото македонскиот овчарски пес изворно и најоригинално е присутен и најраспространет токму на пасиштата и на планинските масиви во земјава. Како негова матична територија. Не само на Шар Планина и соседните планински региони, од каде му потекнува името. Туку и на Кораб, Стогово, Бистра, Дешат, на Јабланица, Галичица и Маврово, Пелистер, Кожув, Јакупица, на Скопска Црна Гора и Караџица…

sp2

Главно постојат две теории за потеклото на Шарпланинецот, односно, за тоа како тој се нашол токму во овој регион. Според пошироко прифатената, песот е дојден од Исток, од централна Азија, а според другата, преку Север, така што од Русија, Алпите и централна Европа се раширил на Балканскиот Апенинскиот и Пиринејскиот полуостров. А, во Македонија е стасан преку Словенија, Истра и Далмација. Основата и на двете е дека тоа било со големите миграции, во текот на инвазиите и на освојувачките походи на номадските народи кои го донеле и песот од тие подрачја. Што подразбира дека „прадедото“ на сите големи овчарски пси на Европа, како и на крупните пси за придружба и одбрана, односно за војна, познатите „мастифи“, е Тибетскиот мастиф.

Но, фактот што тие, и взаемно и сите заедно, значително се разликуваат од Тибетскиот мастиф, како наводен заеднички предок, за поддржувачите на оваа теорија што практично ја оспорува автохтоноста на сите европски раси на кучиња, па така и на македонскиот овчарски пес, не е спорен. Тие ова го оправдуваат со миграцијата која траела со векови и при која доаѓало до мешање на Тибетскиот мастиф со локалните кучиња од подрачјата низ кои патувале или се населувале. Што според нив и донело до шареноликост и во изгледот и во карактерот на европските раси, па со тоа и на Шарпланинецот. Но, според европските кинолози истражувачи, како и според љубителите и одгледувачи на македонскиот овчарски пес, „тие како да не сакаат да се соочат со голата вистина дека постоечките европски раси по своите белези толку се разликуваат од претпоставениот „пра-тип“ што никако не можат генетски да се изведат од него“.

sp3

Најновите сознанија го потврдуваат ова и кога е во прашање македонскиот пес: родоначалниците на денешните шарпланинци водат потекло од планинските масиви на Македонија. Клучните својства и квалитетите на расата, како надворешните така и карактерните, се наследени од песот што на подрачјето на Македонија постои пред големите миграции. Имено, сочувани се голем број историски извори кои покажуваат дека во регионот на Јужен Балкан значително пред големите миграции, постоела група на голем и силен пес, најголеми такви за одбрана наречени Молос, и во основа идентичен со типот на онаа група во која спаѓа и Шарпланинецот. Самото име укажува на овој регион како нивната матична регија, затоа што прецизно географски е лоциран во подрачјето на Епир и ги покрива зоните до централните сртови на Шар Планина.

Имено, грчките и римските извори, датирани повеќе од седум векови пред големите миграции, експлицитно го споменуваат овој пес како раса која од памтивек живее во планинскиот регион на Јужен Балкан. Тие за него имаат многубројни записи и описи. На пример, потеклото на „џинот од Неапол“ античките автори директно го доведуваат во врска со “Епирскиот Молос“ – прапредокот и на денешниот Шарпланинец. Аристотел, пак, меѓу древните медитерански раси го споменува и дава описи – „бел лакедемонски пес“, „моќниот жолт пес од Крит, сличен на лав“, „кучињата од Епир се страшни, груби, со големи глави и нозе како кај лав„, или „кучињата од Епир се најчесто темни, нивната волна е густа и долга…“. За „величенствениот пес од Епир“ или „големите Молоси“ пишувале и Опијан, Овидиј, Вергилиј, Хорациј…

Оттука, како што ќе констатира професорот Ферид Мухиќ во една своја анализа за потеклото на македонскиот овчарски пес – Шарпланинец, „во големите преселби доаѓале и кучињата од азиски подрачја и народи и да се прифати дека и тие на одреден начин интервенирале во генетиката на Шарпланинецот е една работа, но сосема е друго да се тврди дека тие биле и клучен фактор на нивното формирање. Ова, не само што не е точно, туку дури и не можело ни да се случи затоа што целото подрачје на Медитеранот, а внатре во него и Епир со Шар-Планинецот, сосема ретко биле изложени на генетското влијание како резултат на географската изолација па со самото тоа го задржале основниот автохтон вид на расата постара од спомнатите миграции“.

Впрочем, за развојот на шарпланинецот како една од најхаризматичните раси на кучиња придонела токму географската положба на Република Македонија, нејзините природни ресурси, убавите планински предели богати со вегетација, високите брдовити рамнини и големите пасишта. Тие им овозможиле на луѓето кои живееле и кои се населувале во овие краишта да се занимаваат со сточарство и со одгледување на на овци, чиј заштитник е токму македонскиот планински горостас, овчарскиот пес – Шарпалнинец.

Пес со особен карактер

Шарпланинецот нема господар. На вистинскиот шарпланинец никој не може да му биде газда. Тој може да биде пријател, и тоа на оној кого тој го одбира, а кон него исто така може да се воспостави пријателски однос – но само од оној на кого тој тоа му го дозволува. Интересно е што е многу приврзан кон децата. Она што го издвојува и го прави особен е неговата појава која на прв поглед делува застрашувачки. Не е помал од 64 сантиметри височина за мажјак и 60 сантиметри висина за женка. Неговата оптимална висина може да биде од 68 до 73 сантиметри за мажјак и од 62 до 68 сантиметри за женка. Македонскиот планински пес е тежо од 40 до 50 килограми, мажјак и од 35 до 45 килограми женка. Неговото крзно може да е во сите бои, од темна до снежно бела, а изворниот Шарпланинец има шепи со пет прсти. Тој е нашата македонска гордост и нашиот македонски бренд.

Кети Мицковска / МИА

Фотографии: Алсат

- Реклама -