Избегнувајте ги празните приказни на тривијалните луѓе и лошото друштво

trivia

Една од препреките кои пречат да се научи вештината на постоењето е и препуштањето на празни, тривијални разговори. Што значи тривијално? Буквално – oпштопристапно (од латинскиот tri-via = точка во која се сретнуваат три патишта); обично укажува на плиткост, излитеност, недостаток на способност или морални квалитети. Тривијалното исто така може да се дефинира како став кој ја допира само површината на појавата, а не и причината, ниту подлабоките слоеви; став кој не прави разлика меѓу она што е од суштинско значење и тоа што не е, или став кој се карактеризира со тенденција да ги превртува овие две значења. Покрај тоа, можеме да додадеме дека тривијалноста произлегува од апатијата, рамнодушноста, вкочанетоста или од грижа за нешто што не е поврзано со централната задача на човекот: да се биде потполно роден. (…)

Колку милијарди разговори се водеа во изминативе години за инфлацијата, Виетнам, Блискиот Исток, изборите и така натаму, и колку ретко овие разговори одеа малку подлабоко од она очигледното – строго пристрасната гледна точка – за да би навлегле во корените и причините за појавите за кои се дискутира. Просто да ве натера да поверувате дека на повеќето луѓе војните, злосторствата, скандалите, па дури и болеста, им се нужни за да имаат за што да разговараат, односно да имаат причина меѓусебно да комуницираат, макар и во безлична тривијалност. Но навистина, кога човечките суштества се претворени во потрошна роба, какви ли можат да бидат нивните разговори освен тривијални? Кога робата во самопослуга би можела да зборува, зар не би зборувала за купувачите, за продавачкиот персонал, за сопствените надежи дека ќе биде продадена по висока цена и за своето разочарување кога ќе стане јасно дека воопшто нема да се продаде?

Можеби најпразните приказни потекнуваат од потребата да се зборува за себе; оттаму и бескрајните темни за болестите и здравјето, децата, патувањата, успесите, кој што направил, и за безброј поединости на секојдневието за кои се чини дека се важни. Бидејќи човек не може цело време да зборува за себе, а да не стане досаден, мора значи да ја споделува оваа привилегија со другите, така што ќе биде подготвен да ги слуша другите кога зборуваат за себе.

Блиските друштвени средби меѓу поединци (а често и средбите меѓу здруженија и групи од сите видови) всушност се мал пазар каде секој ја разменува својата потреба да зборува за себе и желбата да го сослушаат со потребата на другите кои трагаат по истата можност. Повеќето од луѓето го почитуваат овој аранжман на размена; оние кои не го почитуваат, туку би сакале повеќе да зборуваат за себе отколку што се подготвени да слушаат -­­­­­­ „мамат“, и затоа се презрени и мораат да пронајдат поподредено друштво во кое ќе ги трпат.

Човечката потреба да се зборува за себе, а притоа другите да слушаат, е речиси невозможно да се прецени. Ако оваа потреба постоеше само во многу нарцисоидните луѓе, полни со себе, би била лесно разбирлива, меѓутоа таа постои во секоја просечна личност, од причини својствени за нашата култура. Современиот човек е човек од масите, високо „социјализиран“, но многу осамен. Дејвид Рисман впечатливо го искажа­­­ овој феномен во насловот на својата книга од 1961 година – „Осамена толпа“. Современиот човек е оттуѓен од другите и соочен со дилема: се плаши од близок допир со другите, а поеднакво се плаши и да биде сам и да нема допир со другите. Улогата на тривијалниот разговор е во тоа да одговори на прашањето: „Како да останам сам, а да не бидам осамен?“.

Зборувањето станува зависност. „Додека зборувам, знам дека постојам; дека сум некој, дека имам минато, работа, семејство. Зборувајќи за сето тоа, јас се потврдувам самиот себе. Меѓутоа, потребен ми е некој да ме слуша; ако би зборувал сам со себе, јас би полудел“. Слушателот ја создава илузијата на дијалог, додека всушност тука се одвива монолог.

Лошото друштво, од друга страна, не е само друштво од начисто тривијални луѓе, туку зли, садисти, деструктивни, луѓе непријателски расположени кон животот. Но зошто, може да се постави прашање, друштвото на лошите луѓе е опасно за некого ако тие не се обидуваат, на еден или друг начин, да го повредат?

За да се одговори на ова прашање, потребно е да се увиди еден закон во односите меѓу луѓето: Не постои контакт помеѓу две човечки суштества којшто нема обострано влијание. Нема таква средба помеѓу двајца луѓе, нема таков разговор меѓу нив, освен можеби некој најпопатен, после кој било кој од нив ќе остане непроменет – макар таа­­­­ промена била толку мала да останува невидлива, освен ако тие средби не се доволно чести за да создадат збирен ефект.

Дури и некоја попатна средба може да има значајно влијание. Постои ли некој човек што никогаш во животот не бил допрен од мило лице на некој кого го видел само на минута, а притоа воопшто не размениле ни збор? (Човек) во кого никогаш некое навистина злобно лице не предизвикало ужас, макар и ако му се покажало само на миг? Многу ќе се присетат на такви лица, и како деството кое го оставиле на нив потрајало со години, или за цел живот. Кој не доживеал после извесно време поминато во нечие друштво да почувствува дека живнал, дека се разведрил, дека расположението му се поправило, па дури во некои случаи и дека стекнал нова храброст, нови увиди, макар што содржината на разговорот не ги предизвикала овие промени; и обратно, многумина искусиле, откако поминале време со одредени други луѓе, како ги обземала потиштеност, замор, безнадежност, а сепак во разговорот не можеле да пронајдат никаква содржина која би била одговорна за ваквата реакција. Овде не зборувам за влијанието на оној во кого некој е заљубен, кого го обожува, од кого стравува и така натаму; очигледно е дека тие луѓе можат силно да влијаат со тоа што го кажуваат и со тоа како се однесуваат кон оној кој е фасциниран од нив. Зборувам за влијанието на некои луѓе врз оние кои со ништо посебно не се поврзани со нив.

Сите овие разгледувања доведуваат до заклучок дека злото и тривијалното друштво е пожелно потполно да се избегнуваат, освен ако некој не е во состојба целосно да остане при себе и така да го доведе оној другиот во сомнеж во својата позиција.

Ако некој веќе не може да избегне лошо друштво, тогаш не би требало да биде измамен:  би требало да ја види неискреноста зад маската на пријателството, деструктивноста зад маската на нечие вечно кукање за тоа како е несреќен, нарцизмот зад шармот. Исто така, не би смеел да се однесува како да наседнал на лажната надворешност – во спротивно и сам ќе биде приморан на одредена неискреност. Човек не би требало да им зборува на лошите луѓе за она што го гледа, но не би смеел ни да се обидува да ги убеди дека е слеп. Големиот еврејски филозоф од дванаесеттиот век – Мојсеј Мајмонид, согледувајќи ги последиците од лошото друштво, изнесе еден драстични предлог: „Ако живееш во земја чии жители се зли, избегнувај ги. Се обидат ли да те примораат да се дружиш со нив, напушти ја земјата, макар и ако тоа значи дека ќе мораш да заминеш во пустината“.

Ако другите не го разбираат нашето однесување – па што? Нивното барање да го правиме само тоа што за нив е разбирливо е всушност обид за диктатура. Ако тоа што го правиме во нивните очи е „асоцијално“ или „ирационално“, нека е. Нив им е главно одбојна нашата слобода и храброст да бидеме тоа што сме. Никому не му должиме ни објаснување ни полагање сметка сé додека со своите постпаки не ги повредуваме или нарушуваме неговите права. Колку само животи се упропастени заради оваа потреба да се „објасни“, што обично подразбира дека објаснувањето треба да биде „сфатено“, т.е. „одобрено“. Нека вашите дела бидат проценувани, а преку делата и вашите вистински намемри, но знајте дека слободниот човек објаснување должи единствено пред себе – на својот разум и совест – и на оние малубројните кои му го потврдиле своето право на објаснение.

Извадок од „Уметноста на постоењето“ (The Art of Being) на Ерих Фром

- Реклама -