Одење болен на работа

Got the damn flu

Стануваш наутро за да се спремиш за на работа, а телото ти дава јасни сигнали дека треба да земеш боледување и тој ден да го поминеш дома. Да се оди или да не се оди?

Како што знаете и самите, одговорот е потежок отколку што звучи. Строгите и захтевни шефови, несигурната работа, воркохоличките навики и притисокот од страна на колегите – сето тоа влијае во еднаков степен, а најчесто и ја надгласува потребата од еден или два дена поминати во боледување.

Последната анкета на BBC открива дека најголем дел од вработените одат на работа и кога не би требало. Што се крие зад таквата, во крајна смисла – нелогична одлука?

Првенствено, многу компании строго го следат бројот на работни денови на своите вработени, што подоцна, најчесто на годишно ниво, се претопува во бројот на слободни денови или бројот на денови од годишниот одмор. Исто така, тука е и притисокот на околината – во аспект на тоа дека колегите ќе мораат да ги завршат дневните обврски на тој што изостанува. Притисокот на околината се манифестира и преку тоа дали другите колеги доаѓаат кога се болни – ако кај повеќето на работното место постои таква култура, постои непишано правило дека и од вас се очекува исто да се однесувате.

Во денешно време, многу од компаниите немаат проблем со отсуството од работа на своите вработени, бидејќи во тие случаи се работи од дома – што баш и не е „отсуство“, а ни „слободен“ ден.

Вработените пак, од своја страна наведуваат многу повидливи причини. На нашиве простори (и во другите сиромашни или земји во развој) најчесто се работи за тоа дека работникот не може да си го дозволи намалувањето на платата што му следува заради пропуштениот ден. Други сметаат дека е апсурдно тоа што за еден ден отсуство треба да однесеш боледување: наместо да закрепнуваш во кревет, треба да одиш болен до амбуланта, да чекаш редови, да изгубиш пола ден и да се вратиш во уште полоша состојба – во најмала рака поисцрпен. „Полесно ми е да одам на работа отколку да се влечам по амбуланти“, е најчестиот одговор.

Како и да свртиш, работникот е во незавидна позиција.

- Реклама -