Фотографот што ја истрола цела шпанска полиција

СПОДЕЛЕТЕ

Daniel-Mayrit_Authorised-Images01[1]

Уште од најраните денови на 20-от век, а особено во денешно време, фотографијата е моќна алатка за борба и изнесување на неправдата на виделина. Еден човек со смартфон е доволен да покрене илјадници луѓе во акција. Впрочем тоа и се случи во САД, каде снимките и фотографиите од мобилните телефони разоткрија куп убиства на невооружени црнци од страна на полицијата, па оттаму се формираше и движењето Black Lives Matter, заедно со сите последици што произлегоа од целокупната ситуација.

Но во Шпанија, такво нешто не е можно. Таму постои драконски закон што забранува аматерски снимки и „неавторизирана“ употреба на истите такви фотографии како тие што ги покренаа протестите во САД – фотографии од полицајци. Дури ни новинарите не се исклучок – еден новинар што на Твитер споделуваше фотографии од апсење, беше казнет со 680 долари. Таканаречениот „Граѓански закон за безбедност“, кој критички настроените Шпанци го нарекуваат термин со значење слично на „закон за задушување“, толку многу го налутил Даниел Мајрит, што овој решил да го истрола, ама до коска.

По неколку пропаднати обиди, шпанскиов фотограф решава дека најдобриот начин да се исмееш со законот е да работиш како што самиот закон ти наложува. И така, Мајрит поминува неколку месеци симнувајќи „авторизирани“ слики од официјалните друштвени профили на шпанската полиција. На вкупно 50 слики, Мајрит го цензурира ликот на полицајците покривајќи ги со пиксели, а потоа отвара нов профил на Инстаграм – пародија на официјалниот Инстаграм на шпанската полиција. Се разбира, на новоотворениот профил ги постира цензурираните фотографии.

„Само детално следам сé што законот наложува“, вели тој. „Ако всушност го примениш на сé, резултатот е урнебесен, и зборува колку е смешен самиот закон“.

Но зад сето тоа „хахаха“ и „хихихи“, останува да стои вознемирувачкиот заклучок. Откако почнаа луѓето да фотографираат, фотографијата се користи и за поттикнување на промени. Напорите на шпанската влада да ја криминализира таквата фотографија со право го вознемирува Мајрит. Во ера кога владата може да ги гледа и набљудува буквално сите, мора и сите да можат да ја гледаат владата.

ПС., во случај да не забележавте: Ако ја зумирате насловната слика, всушност ќе видите дека ликовите на сите полицајци се цензурирани.

- Реклама -