Зошто не вреди да купиш смартфон поскап од 180 евра

hand-apple-iphone-smartphone-177[1]

Смартфонот одамна не е само средство за комуникација, туку и показател на статус и приходите. Еден куп корисници радо и редовно ги менуваат своите телефони, купувајќи ги најновите и најскапите модели. Според експертите, сепак, не вреди да купувате смартфон по цена над 200 долари (180 евра).

Сакате неколку причини?

Битка за милисекунди

Најскапите телефони не се разликуваат којзнае колку од поевтините модели. Генерално станува збор за перформансите.

Земете еден евтин телефон и некој што е бренд. Споредете ја листата на карактеристики. Сигурно нема да ги видите истите имиња, ама пак ќе има сè – плеери, навигација, канцелариски програми итн.

Најевтините телефони се способни да ги отвораат истите апликации, како и предводниците во полето. Единствената разлика е што овие скапите го прават тоа за неколку милисекунди побрзо. Вреди ли за тоа да платите стотици евра повеќе? Реално, перформанси со така деликатни разлики им се битни само на гејмерите. А така страстни гејмери не играат на телефон.

Предводниците стареат побрзо

Во денешно време, технологијата се развива толку брзо што многумина имаат потреба да бидат на самиот шпиц на прогресот, што пак значи дека треба постојано да вложуваат пари во новите трендови.

Проблемот е што овие уреди што се во првите редови на технолошките достигнувања, многу брзо стареат и го губат својот супер статус. Во просек, го носат најмногу една година, т.е. до појавата на следниот модел на компанијата. Во неидеален случај – само неколку месеци. Притоа, цената што сте ја платиле засекогаш ќе остане таа највисоката од периодот на полн сјај на моделот. Кај евтините телефони таков проблем нема. Кај нив не размислувате колку е нов и кога ќе остари. Знаете дека ви врши работа, и тоа е доволно.

Плаќате за бренд

Колку поскап е смартфонот, толку повеќе пари давате „за воздух“. Во 2014 година, по излегувањето на iPhone 6, на интернет протекоа податоци за производството. Излезе дека цената на чинење на еден iPhone е 200 долари. Но на пазарот, тогаш моделот беше лидер и се продаваше за 800 долари. Толку ли ви е важно да платите за бренд? 600 долари важно?

Селфи, Viber и Instagram

Сите критичари се едногласни дека неодамнешниот iPhone 7 Plus значително ја крена летвата во однос на квалитетот на мобилната фотографија. Неговата двојна камера е извонредна.

Проблемот, сепак, е што 99% од корисниците ќе ја користат оваа одлична камера за правење на селфиња или за брза размена на слики на Viber или WhatsApp. А да, и слики на храна на Instagram. Ако веќе задачата е таква, тогаш со неа може да се справи и камерата на некој поевтин телефон. Професионалните фотографи, за споредба, преферираат фотоапарати.

Трка за инчи

Екраните со висока резолуција се пред сé итар маркетингшки трик, отколку корисна функција. Не наседнувајте.

Неодамна, група истражувачи направија споредба на дисплеите со резолуција 1080p (1920×1080) и QHD (2560х1440). Излезе дека разликата е во неколку сантиметри.

Научниците поделиле 5-инчни екрани на група луѓе со нормален вид. Експериментот покажа дека волонтерите престануваат да ги разликуваат пикселите на екранот со резолуција 1920×1080 на растојание од 19.8 см од лицето. Кај QHD екранот, ова растојание е 15.2 см. Вие проценете дали и колку евра вреди да платите за вака деликатната разлика, која инстантно можете да ја решите со одвај забележително приближување на раката кон лицето.

- Реклама -