Албер Ками – фудбалерот

СПОДЕЛЕТЕ

camusCOVER

Да, Ками е нобеловец по литература и еден од најпознатите филозофи, ама за малку ќе го знаевме можеби како фудбалска ѕвезда, или ако ништо друго, фудбалски голман.

Роден во француски Алжир во 1913, Ками пораснал во сиромаштија; татко му починал набрзо откако тој се родил, а за да го прехрани семејството, мајка му интензивно работела како куќна помошничка. Така, не е ни чудно што младиот Албер брзо се запознал и вљубил во фудбалот, кој како и за многу други деца, станал негов издувен вентил од секојдневните проблеми.

Згора на тоа, му одело солидно – успехот во фудбалот не бил странец за идниот егзистенцијалист (иако Ками не бил така добар како што денес кружат легендите), кој како младо момче играл за школскиот тим, но и не застанал таму. Подоцна играл и за јуниорскиот тим на Racing Universitaire d’Alger (RUA) – националната фудбалска организација.

За жал, или за среќа, неговата фудбалска кариера завршила кога наполнил 18 години, кога фатил туберкулоза и заради оштетените бели дробови морал да ги препушти стативите во рацете на некој свој соиграч.

camus
Ками е момчето во црна униформа, тој што седи во првиот ред.

Во меѓувреме, Ками никогаш не ги заборавил лекциите по ферплеј и што значи да се биде дел од тимот. Така, Ками има напишано есеј со наслов „Што му должам на фудбалот“, во кој ја изнесува следната своја опсервација:

„По многу години, во кои видов многу нешта, тоа што најсигурно го знам за моралноста и должноста на еден човек, му го должам на спортот и го научив во RUA“.

The Telegraph, пак, веројатно најдобро го доловува Ками меѓу стативите:

„Има нешто соодветно во тоа филозоф како Ками да стои позициониран меѓу стативите. Тоа е осаменички повик, изолирана индивидуа во склоп на тимската етика, тој што игра во посебни рамки. Ако неговиот тим постигне гол, голманот знае дека тоа нема ништо со него. Меѓутоа, ако противникот постигне гол, сé е тоа негова вина. Стоејќи како сам војник-чувар на голот, Ками имал многу време да размислува за апсурдистичката природа на неговата позиција“.

Во една друга прилика, Ками наведува дека фудбалот го научил и по нешто за животот и за филозофијата, за која по преселбата во Франција сфатил дека е исто така груба игра. Ками ќе рече:

„Научив… дека топката никогаш не доаѓа од насоката од која ја очекувате. Тоа ми помогна во подоцнежниот живот, особено во средна Франција, каде никој не игра фер“.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ