Зошто бегаме во други земји

aerodrom_0[1]

„Последниот што ќе замине, нека го изгаси светлото.“ – непознат автор

Низ годините многупати сум се прашувал зошто луѓето емигрираат. Зошто ние, Македонците, емигрираме. Го прошетав и половина свет, и пак не добив одговор, сé додека еден ден едноставно не го сфатив сето тоа. И тоа во временска рамка од чекање на семафор.

Причината луѓето да емигрираат е во почитта, или поточно – во недостатокот на почит. Би можел да завршам со тоа, но од почит кон луѓето што ја отвориле оваа статија ќе ви дадам уште неколку информации, со кои ќе се дообјаснам.

Државата не ги почитува своите граѓани. Не само со тоа што ни нуди и допушта изроди и криминалци за политичари. Всушност, секојдневното непочитување е многу пострашно.

Државата нé тутка симболично во градскиот транспорт. Не дека е скапо да се купи уште некој автобус, или дека мора пола град (погрешната половина) да се вози бесплатно пола од деновите, или дека нештата не можат да се синхронизираат поправилно за да им е удобно на луѓето. Ама државата (во случајот, и градот) сака да демонстрира став, и да покаже дека може да нé тутка колку сака во своите пренатрупани автобуси.

Државата нé гмечи и преку своите вработени. Полицаецот ти се обраќа со „Еј, дојди тука и дај документите“, или пак те запира со претпоставка дека си терорист, наркоман или одметник на патот, по што свесно бара причина да те казни и неоправдано да ја манифестира својата власт над тебе.

Државата не нé почитува и со тоа што поставува нељубезни државни службеници кои нé праќаат од шалтер на шалтер, демонстрирајќи ја сопствената власт и непочитување на нашето време.

Државата не ги почитува твоите права, затоа и не ѝ е гајле како работи судот. А судот работи во насока да те понижи тебе – обичниот граѓанин. Државата не ги почитува и твоите родители, со тоа што им дава пензии со големина на една просечна вечера во ресторан на пратеник, а тебе ти дава плата што те прави зависен од нивните пензии. Државата не го почитува ни твоето дете, бидејќи го сакати емоционално и интелектуално во училиште, за од него да направи уште еден граѓанин достоен за непочитување.

А кога државата со својот бескраен апарат не ги почитува граѓаните, во еден момент граѓаните почнуваат да не ја почитуваат како државата, така и сличните на себе – бидејќи се чувствуваат немоќни или им е страв да извршат притисок врз државата, тие вршат притисок врз околните, демонстрирајќи двојно поголемо непочитување.

Затоа тие позади свират како луди кога некој не тргнува на жолто на семафор. Затоа улиците ни се со дупки – бидејќи никој не го почитува твојот труд со кој си ја купил колата што сега ја кршиш секој ден до работа. Затоа возачите паркираат на местата за лицата со хендикеп, тротоарите и пешачки патеки – бидејќи не почитуваат никого, освен оној со поскапата кола… А него го почитуваат само од страв, бидејќи тој пројавува двојно посилно непочитување. Во секаквите фирми, вработените ги коментираат своите клиенти пред очите на другите клиенти, и со тоа не ги почитуваат ниту нив, ниту работодавците. На крајот, никој никого не почитува.

И каков е резултатот од сето ова непочитување? Ако поминеш доволно време во оваа неоправдано непријателска средина, порано или подоцна, ти самиот ќе станеш човек кој не се почитува сам себе. Бидејќи, самото допуштање да бидеш понижуван, покажува дека ти веќе си ја изгубил самопочитта. А кога тоа ќе се случи, враќање назад нема. Само ќе си гласаме за секој нареден идиот, и ќе продолжиме да го манифестираме своето непочитување кон нас самите.

Тоа е причината што многу луѓе, особено млади, избираат да заминат во било која друга земја. Да, може таму насмевките се лицемерни, може таму и почитта не е искрена, може и средината таму да е стерилна… Но да, ќе ти се насмевнат, ќе возиш по улици без дупки, ќе патуваш во нормални услови – во транспорт направен за луѓе, а не за биомаса. И да, општеството ќе нé почитува, дури и кога нема причина за тоа, макар и со ништо да не сме заслужиле. Ќе нé почитува, а при тоа со насмевка.

Насмевката – чиј недостаток е првиот симптом дека едно општество умира од болеста на непочитувањето.

- Реклама -