Зошто ни се наежуваат влакната

СПОДЕЛЕТЕ

goosebumps_2443265k[1]

Некогаш кога ни е ладно, некогаш кога слушаме добра музика. Има ли воопшто смисла оваа реакција на нашето тело? ASAP Science објаснува во уште едно информативно клипче.

Излегува дека наежувањето е релативно бескорисна карактеристика на човекот. Секое влакно има минијатурни мускули прикачени за него, наречени „аректор пили“ мускули, а кога овие мускули имаат контракции, влакното се исправа. Притоа се формираат плитки џебови во кожата околу влакното, правејќи околниот дел да изгледа испакнат.

За сето тоа е заслужен адреналинот. А што предизвикува проток од адреналин? Од една страна – студот. Кај животните со густо крзно, оваа реакција ги чува нивните тела топли. Кога влакната се креваат, меѓу нив се заробува повеќе воздух. А кога телото ќе го загрее тој воздух, практично создава изолација од надворешната температура.

Од друга – адреналинот е предизвикан и од стресни ситуации, како оние што ја предизвикуваат реакцијата „бори се или бегај“. Мачките се совршен пример. Кога се исплашени, крзното им се наежува. Оваа неволна реакција прави животното да изгледа поголемо и пострашно.

А зошто се ежиме и од музика? Засега науката нема конкретно објаснување. Според една од теориите, одредени елементи од музиката – на пример ненадејните промени на гласноста,  или неочекуваните и уникатни секции во парчето – предизвикуваат потсвесно чувство на страв. Нашето тело многу сака сé да е предвидливо, и сé што го изненадува предизвикува своевиден аларм. Сепак, овој страв брзо исчезнува кога нашиот мозок ќе сфати „Океј, тоа е само музика“, а овој контраст во доживувањето доведува до спуштање на влакната на кожата.

Има и други теории – мозокот е исклучително комплексен орган и односите меѓу музиката, емоциите и физиолошките манифестации се тешки за провалување. Барем засега.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ