Илон Маск го претстави планот: Како ќе го колонизираме Марс

musk

Илон Маск сака да оди на Марс, и му треба твоја помош – особено ако си влијателна фаца во НАСА или футурист со длабоки џебови.

На вчерашната конференција, Маск ги соопшти грубите детали околу плановите на SpaceX за тоа како да нé однесе на Црвената планета. На кратко, тоа вклучува куп нови технологии: гигантски реупотребливи ракети, резервоари за гориво од карбонски влакна, ултра-напојувани мотори… Плус вселенски брод способен да носи 100 или повеќе патници, да слета, па да се врати на Земјата за да земе уште. Насетувате (или стопати сте прочитале), Маск не само што сака да оди на Марс, туку сака да го колонизира и таму да изгради цивилизација. А тоа значи дека целата таа опрема ќе треба да биде доволно евтина за да работи.

По слободна проценка на Маск, карта во еден правец за Марс, кога би ја купиле во моментов (не, сé уште нема таква во продажба), би ве чинела 10 милијарди долари. За споредба, со тие пари можете да купите неколку блокови среде Менхетн. Ама не е до толку поразувачко: штом таканаречениот Интерпланетарен транспортен систем на SpaceX (и Маск признава дека треба да поработи на името) стане целосно функционален, визионерот проценува дека човек ќе може да патува до Црвената планета за околу 200.000 долари. ITS ќе го постигне тоа користејќи пред сé полесни материјали, посилни ракети и реупотреблива технологија.

Ајде да се повозиме со Илон низ неговата Марсовска фантазија. Јас, ти и уште 98 патници, качени на голем патнички вселенски брод, закачен на масивна нова ракета – заедно се високи како 40-катна зграда. 42 Raptor мотори ни татнат под нозете, и набрзо ние и нашите сопатници се пробиваме низ периферната атмосфера со брзина од десетици илјади километри на час. Откако бродот е изнесен во орбитата, првиот „бустер“ (ракетата што го носи) паѓа назад на Земјата и се самонавигира назад до лансирната платформа во Cape Canaveral. По краткиот ремонт, кранот закачува нов вселенски брод на ракетата. Само што овој не носи луѓе, овој е полн со гориво. Ракетата е лансирана уште еднаш и го ослободува танкерот во орбитата, кој се сретнува со нашиот патнички брод и му ги полни резервоарите со горивото што го носи. Така уште неколку пати, додека стрелката на горивометарот не покаже „фул до даска“. Е, после тоа, тргаме за Марс.

Благодарение на шесте вакуум-оптимизирани мотори кои го забрзуваат нашиот брод до брзина од околу 30.5 илјади километри на час, ќе стигнеме на Марс за нешто повеќе од три месеци. Во меѓувреме, додека трае летот, ќе имаме можност да уживаме во разноразни игри во нулта гравитација, да гледаме филмови (сé освен вселенски хорори), или да јадеме пица во бродската пицерија. „Ќе биде како… навистина ќе биде забавно да се оди, ќе си поминете супер“, инсистира Маск, иако ако прашате некој што служел во подморница, ќе биде многу скептичен дека нулта гравитација, пица и затвореност во цевка можат доведат до „супер поминато време“. Како и да е, одиме на Марс.

По пристигнувањето, топлотните штитови на трупот на бродот ќе создадат блага фрикција со тоа малку од атмосфера што го има Марс, за да помогнат бродот да забави. Но главната запирна моќ ќе биде резултат на суперсонична ретропропулзија – во основа, испалени мотори кон планетата, со „газот надоле“, на ист начин како што SpaceX ги слетува нивните Falcon 9 ракети. Само што, нашиот брод ќе се движи со многу пати поголема брзина од таа на ракетите, а капсулата за екипажот и патниците ќе биде многу потешка. Од друга страна, гравитацијата на Марс е околу една-третина од таа на Земјата, па којзнае, можеби сé ќе биде океј. Во тој случај, стигнавме! Добродојдовме, добронајдовме.

Сега да се потсетиме, зошто сме тука уствари? А да, да го спасиме човештвото. Како што рече Маск на почеток на неговиот говор: „Навистина сметам дека постојат две основни патеки за луѓето: едниот е да останеме на Земјата засекогаш, додека венетуално не нé збрише некој катаклизмичен настан…“.

– Чекај, што?!

„Немам пророштво за Судниот ден“, вели Маск. „Ама историјата вели дека некаков сличен настан ќе се случи“.

– Илон бе, па тоа е пророштво за Судниот ден по дефиниција!

„…Алтернативата е, да станеме вселенско-патувачки и мултипланетарен вид“.

Марс, истакнува тој, е една од најдобрите опции каде што можеме да воспоставиме вселенска цивилизација за почетници. Блиску е, има многу вода (смрзната под површината), а атмосферата ги има виталните нутриенти потребни за земјоделство – јаглероден диоксид и азот. А гравитацијата е само 37% од таа на Земјата, што значи дека кошарката ќе биде страшно забавна и сите ќе забиваме како Мајкл Џордан. Плус, црвена боја никогаш не излегува од мода.

И мошне важно, Интерпланетарниот транспортен систем не е систем во еден правец. Користејќи гориво од метан собран од марсовскиот реголит, вели Маск, вселенскиот брод ќе биде способен да се подигне вон дометот на слабата гравитација на планетата и да полета и да се врати на Земјата. Ова е клучниот дел од планот во кој треба да се намалат интерпланетарните трошоци. Ако комерцијалните авиони не беа реупотребливи, карта можеше да чини и до милион долари, па и повеќе. Така и со бродовите на Маск, бидејќи ќе бидат реупотребливи, тој се надева дека ќе го направи патувањето на Марс поевтино и од повеќето (американски) кирии.

Крајната визија на Маск е марсовски град со милиони жители. Тоа значи илјадници бродови, десетици илјадници патувања наваму и натаму. И, по негова проценка, околу 40 до 100 години. Но, за почеток, потребни се мали чекори. И покрај неодамнешната пре-ланч експлозија, Маск сепак се надева да прати Dragon 2 капсула на Марс во 2018-та, кога орбитите на Земјата и Марс ги позиционираат планетите најблиску една до друга. И пак така, и пак така, на секои 27 месеци (колку што им треба на Марс и Земјата повторно да стигнат во таа точка), SpaceX ќе транспортира два или три тона опрема на површината на Црвената планета.

Но SpaceX ги нема потребните пари да го направи сето ова на своја рака. Како што брилијантно истакна Елизабет Лопато од The Verge, целата поента на вчерашниот настап на Маск е да се привлече интересот на другите богати вселенски фанатици. Маск е богат, а SpaceX тера добар бизнис праќајќи сателити во орбитата (со по некоја чудна експлозија одвреме-навреме), но компанијата не е ни блиску до потребните милијарди неопходни за конечен почеток на реализацијата на марсовските амбиции.

Уште колку ни преостанува? Па, SpaceX направи успешно тест-испалување на моторот Raptor, кој има трипати поголема двигателна моќ од Merlin-ите кои ги користи Falcon 9. „Воодушевен сум што не експлодираше на првото палење“, рече Маск. Инженерите на компанијата исто така бележат напредок и со горивните резервоари од карбонски влакна. Како што ќе ви потврдат некои велосипедисти, карбон фиберот има извонредна цврстина во однос на својата тежина, сé додека е компактен и не го ставите под менгеме. Но да се направи доволно голем труп, без пукнатини, а кој ќе се „опоравува“ на соодветна температура – е скстремно голем предизвик. Маск се надева дека ќе го има првиот развоен оперативен вселенски брод за околу три години. Ако нештата се одвиваат со огромна среќа,  бродот би можел да биде спремен да тргне кон Марс за околу 10 години.

Но претпазлив е: „Не сакам да речам дека тоа е тоа што ќе се случи за 10 години. Постои огромен ризик, многу ќе чини, и има добри шанси дека нема да успееме“, вели тој. „Но ќе се обидеме и ќе дадеме сé од себе“.

Во продолжение, комплетниот лајвстрим:

https://youtu.be/A1YxNYiyALg

Wired

- Реклама -