Дванаесет прилично радикални идеи за иднината на светот

club of rome
Основан уште во 1968, Римскиот клуб е сочинет од истакнати интелектуалци и глобално признати аналитичари.

Да се стави крај на економската глобализација, луѓето да имаат повеќе денови за одмор, платите од трудот да не се оптоваруваат со даноци и да има повеќе праведност наместо неолиберализам – така Римскиот клуб (глобален тинк-тенк кој се бави со широк дијапазон од интернационални политички прашања) ја гледа иднината на светот.

Станува збор за 12 делумно радикални предлози испратени кон индустријализираните нации. Предлозите не се од кого било: уште во 1972 година, Римскиот клуб го објави својот извештај „Границите на растот“ кој му донесе светска слава. Во клубот членуваат бизнисмени, индустријалци, академици и други јавни личности. Од 2012 година претседател на клубот со седиште во Швајцарија е германскиот академик Ернст Улрих фон Вајзекер.

Перење на мозоци преку неолиберализмот 

Двајцата автори на извештајот (кој ќе излезе и како посебна книга) – Јурген Рандерс и Греам Макстин, тврдат дека по 30 години глобализација и економски прираст, ситуацијата во светот се влошила. Милиони луѓе ја загубиле работата, а јазот меѓу богатите и сиромашните е уште поголем од порано. Затоа Макстин повикува на смена на системот. Економскиот систем кој се залага за остварување на сé поголем раст не е решението, туку причината за проблемите, тврди тој. Според него, сето тоа се должи на неолиберализмот, со кој трајно биле промивани мозоците на мнозинството. За да се оствари смена на системот, според двајцата автори, неопходно е да се остварат редица барања, кои двајцата ги наведоа во книгата со програмен наслов: „Раст од еден процент е доволен“. Многу од нивните предлози не се нови – на пример, барањето за пакет мерки со кои ќе се стимулира стопанската коњунктура, повисока возраст за пензионирање, повисоки даноци за потрошувачка или настојувањето за гарантиран минимален доход. Но, некои од предлозите им се радикални – на пример, инсистирањето за семејна „политика на едно дете“ и повеќе денови за одмор.

Еве дел од конкретните предлози на Римскиот клуб:

1. Повисоки даноци за фосилните енергенси, како што е јагленот, и фокусирање кон алтернативни извори на енергија, со цел зачувување на климата.
2. Субвенции за оние вработени кои се принудени да ја сменат професијата за време на еколошката трансформација.
3. Реформи на даночниот систем така што да не се оданочуваат доходите од трудот, туку потрошувачата на енергетските суровини со цел намалување на штетните дејствија врз животната средина. Зголемување на цените на авионските билети и на греењето.
4. Високо зголемување на данокот на наследство, за да биде намалена нееднаквоста во општеството и за да се зголемат државните приходи.
5. Повеќе денови за одмор за вработените, а дополнителното слободно време да се користи за порационална распределба на работата.
6. Гарантиран минимален доход за оние кои најмногу имаат потреба од помош – возрасните, децата и невработените.
7. Зголемување на возраста за пензионирање до 70 години, со цел луѓето подолго да можат да се грижат за себеси.
8. Повисоки даноци за богатите и фирмите, за да има поправедна распределба на заработувачките, особено во контекст на роботизацијата.
9. Ограничување на наталитетот преку „политиката на едно дете“, за да се намали прирастот на светското население.
10. Нова дефиниција за „платен труд“. Кон него треба да се приклучат и грижата за возрасни и болни членови на семејството.
11. Да се засилат позициите на синдикатите со цел пораст на платите и намалување на невработеноста.
12. Ограничување на трговијата која им се заканува на работните места.

Западниот начин на живот не е образец за земјите во развој 

Германскиот министер за земјите во развој – Герд Милер, кога ја претстави книгата на Римскиот клуб во Берлин, рече дека според него, авторите предлагаат не намалување на економскиот раст, туку промена на неговиот карактер. Сепак, во принцип тој е  согласен со нивната анализа дека светот се наоѓа на „глобален крстопат“. Милер оптимистички се изрази за идниот развој на Германија и цела Европа. Неговите аргументи се: има доволно иновации и технологии со чија помош може да биде решен светскиот проблем со гладта.

„На Земјата има место за десет милијарди луѓе, но само во ситуација ако економскиот раст стане понезависен од потрошувачката на ресурсите“, изјави тој. „Западниот потрошувачки модел со „нашите автомобили и нашиот начин на живот“ не може да биде модел за копирање во Индија или Африка, затоа што користи многу суровини и енергија“.

Сепак, министерот не одговори на прашањето од публиката за тоа зошто сака да ги одврати луѓето во Индија и Африка од подобар начин на живот, каков што е западниот.

Раѓајте помалку деца! 

Римскиот клуб е институција која не е неоспорувана. Некои негови критичари алудираат на фактот што сегашниот економски систем не е пропаднат насекаде. Милиони луѓе низ светот излегле од апсолутната сиромаштија. Некои веќе се дел од средната класа, како што покажуваат примерите од Кина и Индија. Најостра критика кон Римскиот клуб предизвика предлогот за семејната „политика на едно дете“ која, според авторите на извештајот, би требало да биде спроведувана во индустријализираните држави. Рандерс пак, го правда предлогот со тоа што едно дете од индустријализирана држава троши 30 пати повеќе ресурси во споредба со едно дете во Индија. Затоа, Западот треба да даде пример и да покаже грижа за ограничување на раѓањата. Рандерс инсистира дури и на воведување на парична премија за жените кои раѓаат само по едно дете.

Како министерот Милер смета да ги намали разликите меѓу сиромашните и богатите земји во светот?

Тој рече дека помошта за развој треба да биде удвоена, а сегашната глобализирана слободна трговија да биде заменета со почесни трговски модели, кои ќе спроведуваат чесно плаќање на трудот и праведен пристап до пазарите. Според него, земјите во развој се земји кои имаат потреба од повеќе иновации и подобра образовна политика. Милер го поздрави извештајот на Римскиот клуб и рече дека сите конкретни предлози за решавање на проблемите се „добредојдени“, затоа што предупредувањата за престојната апокалипса не помагаат никому.

Дојче веле

- Реклама -