Франција ги забрани пластичните чашки и другиот прибор за една употреба

СПОДЕЛЕТЕ

plastic-cup-cutlery-ban-france[1]

Французите наскоро ќе немаат веќе можност да балансираат три кобасици во пластично тањирче додека се на пикник, затоа што завчера Франција ги забрани пластичните чашки, вилушки, ножеви, тањирчиња и другиот прибор за јадење за еднократна употреба. Забраната е во обид да се намали производството на пластика и со тоа, и поважно, загадувањето со пластичен отпад.

Мерката е дел од француската програма за „транцизија кон зелен раст“ од 2015, а стапи во ефект минатиот месец. Сепак, нема да биде формално усвоена сé до 2020-та, за да им се даде време на производителите да се пренасочат кон нови продукти за еднократна употреба, овој пат направени од биоразградливи материјали. Според The Local, во Франција се фрлаат 4.73 милијарди пластични чашки годишно. Од нив само 1% завршуваат на рециклажа.

Не сите се среќни со одлуката.

Од бриселско-европската Pack2Go – организација на производители на амбалажа на храна, како и пластичен прибор за една употреба, ја обвинија француската влада дека ги нарушува законите на Европската Унија кои се однесуваат на слободното движење на стоки и продукти, и повикуваат ЕУ да преземе легална акција против одлуката.

Од француското Министерство за животна средина уште нема одговор за поплаките на Pack2Go, но Франција изгледа решена да продолжи со напорите да го редуцира отпадот кој се праќа на депониите за 50% до 2025 година. Во февруари, француската влада исто така донесе закон со кој супермаркетите се должни да ја донираат непродадената храна во добротворни цели, а во јули ги забрани и пластичните ќеси.

Можеби француските кампери ги очекува ера на луто мрморење додека мијат куп садови на излет или после журка, ама барем животната околина, барем во Франција, ќе може малку да здивне.

 

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ