Како е да си фризер во затвор?

СПОДЕЛЕТЕ

frizer

Секогаш ме испраќаат во самица.

Не дека нешто сум згрешил, туку затоа што сум фризер, автоматски, најдобар пријател на сите кои завршуваат таму. Ги шишам сите по ред, од убијци и силувачи до „почетниците“ кои заглавиле по првата тепачка.

Кога ќе влезете во „дупката“, тоа е еден сосема поинаков свет. Се` мириса на г`нса и гомнеж. Луѓето врескаат на сиот глас да ги пуштат надвор.

Затворениците во самицата ги шишаат еднаш месечно, и кога тие треба да излезат на суд, имаат шишање гратис, значи јас се појавувам  само во посебни прилики. Кога ќе ја слушнат вратата и ќе ме здогледаат, започнува урлање „Ууууууу, кој е прв? Јас сум прв! Прво мене!

Им кажувам дека сите ќе дојдат на ред, ја вадам опремата и почнувам со работа.

Ги редам работите на стражарското масиче, четкичките, ножиците и сето тоа, ги редам пластичните црвени столчиња едно врз друго, за да ми биде полесно (немаме вистинско фризерско столче што се подига и спушта). Потоа почнуваат да ми ги носат муштериите еден по еден.

Оние кои доаѓаат од самица мораат да носат цинџири на рацете и нозете, кога ги вадат од ќелијата.

Веднаш штом ќе седнат им го давам огледалото. Повеќето од нив немале шанса да го видат нивното лице сигурно месец дена, а глетката секогаш ги шокоира. Тие знаат дека имаат уморен изглед, дека се ослабени, болни, но не до тој степен. Често велат „Погледни ме каков сум, како мртов, ајде врати ме малку во живот“.

Токму тоа и се обидувам. Затворските фризури мора да бидат според теркот, кратко избричени, но јас ги прашувам луѓето дали сакаат нешто да измислиме.

Зборуваме за се’ и сешто, како кај вистински бербер. Разликата е во тоа што овде сите сакаат да слушнат новости наместо да ги разменуваат. Сакаат да им кажам што се случува надвор, дали нивниот тим победил, што е ново во нивниот затворски блок. Некои спомнуваат дека им недостасуваат децата.

Пред некое време, видов на ТВ дека во Вашингтон уапсиле полицаец за силување. Случајот привлече многу внимание, а бидејќи се работи за полицаец, претпоставив дека ќе биде испратен во самица. Размислував како би го шишал него.

Додека лежев во затвор, беше силувана мојата најмала ќерка. Бев ужасно бесен што не можев да ја заштитам. Ги мразам сите силувачи. Не можев ни да замислам да шишам таков лик.

Но, дојде и тој ден, бев нервозен. Сите други затвореници ми велеа дека не треба да го шишам. Кога стражарите го изнесоа, целиот блок викаше по мене.

Штом го здогледав, ми дојде да му ја скршам главата.

На почетокот бев малку груб. Ликот очигледно сакаше да поразговараме, јас не му дозволив, го сечев со прашања во врска со фризурата. Тој сфати, и продолжи уште повеќе да раскажува, дека не е виновен, дека знае што мислам за него…

Тогаш застанав, го погледнав во очи за да му кажам дека тој не знае што мислам за него. Му реков што се случи со моето мало девојче. Тој почна да плаче, да се лигави. Не прозборевме повеќе.

Најлошо од се’ е дека на крајот веројатно му ја направив најдобрата фризура, од сите што ги направив тој ден.

Кога шишањето ќе заврши, многумина сакаат да си го задржат огледалото за себе. Постојано се гледаат, велат дека конечно малку заличеле на себе. Понекогаш се нудат да ми платат, но јас никогаш не сум им наплатил. Некои се шегуваат и велат „Кога судијата ќе види како си ме суредил, веднаш ќе ме прати дома“.

Стражарите понекогаш ме викаат и кога не е ред за шишање, за да ги смирам колку толку. Кога ќе помине доста време, затворениците почнуваат да фрлаат по нив со измет или да ги кршат прскалките во ќелиите. Фризурата на човекот му значи многу повеќе кога е во затвор отколку кога е на улица, особено за оние кои се во самица. Не можат да зборуваат со членовите на семејството, живеат во кафез 23 часа на ден. Ако имаат доволно среќа ќе ги пуштат на воздух, а потоа само седат во кафез на отворено.

Три години чекав на судење, конечно ми е изречена казната и сега чекам да видам каде ќе ме сместат. Каде и да одам, се надевам дека ќе бидам во можност да ги задржам ножиците. Сите затвори се преполни со затвореници кои би биле задоволни повторно да се почувствуваат како луѓе.

Андре Лајонс (40) очекува да биде префрлен од воспитно-поправниот дом во Федералниот затвор во Вашингтон. Тој се изјасни за виновен под обвинението за дистрибуција на дрога, и осуден е на седум години затвор.

Вајс Њуз

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ