Да се има деца не е за секого

landscape-1439411592-gettyimages-513496595-1[1]

Според новото истражување објавено во Demography, има една голема причина зошто многу парови избираат да немаат деца: така се посреќни.

Еве ги и деталите: авторите на студијата – Рејчел Марголис и Мико Мирскила, се обиделе да го пресметаат ефектот кој раѓањето на детето го има врз целокупното задоволство од животот. Во студијата биле вклучени повеќе од 2.000 луѓе од Германија, каде што нивото на наталитетот е исклучително ниско во споредба со другите земји. Учесниците го оценувале нивото на среќа на скала од 1 до 10 – пред да имаат деца и две години откако им се родиле малите.

Се покажало дека родителството ја убило возбудата за животот кај многу од нив.

Да, 30% од испитаниците рекле дека се исто толку или и посреќни откако имаат деца. Но кај мнозинството се посведочени прилично остри падови во нивото на среќа. На скала од 1 до 10, падот во задоволството од животот, кај тазе родителите бил од околу 1.4 поени, што се смета за „прилично сериозен“ пад. Колку за да ги имаме нештата во перспектива, овој пад е поголем дури и од тој кај луѓето што штотуку доживеале развод (пад на нивото на среќата од 0.6 поени), од тој кај луѓето што останале без работа (1 поен), па дури и од тој кај луѓето чии партнер неодамна починал (пад за 1 поен).

Па така, истражувачите заклучуваат дека падот во нивото на среќа е главната причина што ги обесхрабрува луѓето да имаат деца, и на што веројатно се должи демографската криза во Германија.

Иако студијата е специјално наменета за Германија, индикатор е за многу од она што младите родители низ светот го доживуваат на своја кожа: децата се сериозен ангажман, и некои луѓе едноставно не треба да ги имаат.

Во САД, наталитетот меѓу жените од генерацијата на миленијалците е во голем пад токму во овој момент. И покрај стигмата на тоа да немаш деца, младите сметаат дека постојат безброј причини зошто 20 и неколку годишните можеби би сакале да се воздржат од родителството: финансиски проблеми, амбиции за кариерата и грижи околу пренаселеноста на светот.

Да имаш деца е искуство што го менува животот, го менува начинот на кој гледате кон себеси и кон светот. Но судејќи според резултатите од истражувањето, ова искуство можеби не е за секого.

- Реклама -