Throttle/Brake #25: Mercedes Maybach 6 и убиецот на LaFerrari, Rimac Concept One

Изминатиов викенд во Монтереј или поточно во Пебл Бич, Mercedes ни ја покажа својата перверзна, ултра луксузна страна, својата јахта на четири тркала, Mercedes-Maybach 6. За што станува збор?

Визијата Mercedes-Maybach 6, е ултра луксузно купе, со две врати, наменето за два патника, чија должина е неверојатни 6 метри. На прв поглед, се на овој автомобил изгледа премногу. Толку премногу, што дури и љубителите и сопствениците на Rolls Royce ќе останат без текст. Ако до вчера имавме ултра луксуз, Maybach 6 е хипер луксуз.

Image-1

Дизајнот, кој е безвременски, потсетува на AMG GT, долга предница и краток заден дел, додека димензиите и задните светла се слични со Mercedes AMG Vision Gran Turismo, концепт автомобил кој беше претставен пред неколку години. Предницата на која Mercedes се особено горди, односно големата решетка, е инспирирана од костум на риги. Оваа јахта од шест метри, се потпира на 24 инчни тркала кои имаат своја аеродинамика. Хмм…

Доколку мислевте дека придвижувањето на ова шест метарско купе ќе биде проблем, грешите. Станува збор за целосно електричен автомобил, со четири електро мотори кои произведуваат 738 коњски сили, што е доволно да ја забрза оваа грдосија од место до стотка за нешто помалку од 4 секунди. Моторите се напојувани од 80 kWh батерија, а од компанијата тврдат дека автомобилот ќе може да помине 200 километри. Најинтересниот факт е дека, за да ја наполните батеријата со енергија за 100 километри, ќе ви требаат само пет минути, нормално со соодветен полнач. Кога сме кај полнењето, Maybach 6 ќе може да се полни со полнач камо што сите ги полни е нашите телефони, и WIRELESS.

Image-2 Image-3

Внатрешноста, која на прва делува збунувачки е приказна сама за себе. Покрај класичните аналогни мерачи на брзина кои се обработени во ново руво, и седиштата кои сеуште се Sci-Fi, поседува и ветеобранско стакло кое всушност е огромен мулти тач систем. Само да напоменам дека во седиштата се вградени сензори кои ќе го препознаваат кројот и брендот на вашиот костум.

Тешко е да се каже колкави се шансите овој концепт да го видиме во сериско производство, и дали би ја имал сета оваа екстраваганција како автомобил кој би возел во секојдневниот сообраќај. Но, сетете се на Maybach Exelero, концепт автомобил кој беше продаден како целосно легален автомобил.

Image-4 Image-5

Кога зборуваме за електричните автомобили, од Хрватска ни доаѓа нешто електрично, екстремно брзо и за разлика од Maybach 6, реално. И да, побрз од LaFerrari, Rimac Concept One.

Image-6

Во некоја од моите претходни епизоди, напишав дека сме сведоци на најдобрите времиња за автомобилската индустрија, посебно за спортските автомобили. Овој хипер електричен автомобил е најдобриот пример. Rimac Automobili е компанија која е регистрирана во 2009 година, на чело со Мате Римац. Компанијата во минатото се занимавала со производство на мега батерии. Во далечната 1984 година, Мате, при една трка со своето BMW M3, доживеал незгода, односно му експлодирал бензискиот мотор. Решил да ги искористи своите знаења и во BMW M3 вградил целосно електричен мотор со 600 коњски сили. Автомобилот го нарекол “Зелен Ѕвер” и во 2011 соборил пет рекорди на забрзување. Инспириран од супер спортските автомобили и подемот на Tesla, Мате и неговите соработници решаваат да направат електричен супер автомобил. Тоа и го прават. Во 2011 година на саемот во Франкфурт за првпат е прикажан Rimac Concept One. Поради големата верба во бензиските мотори, јавноста тогаш не покажала некоја посебна заинтересираност за овој автомобил. Додуша и автомобилот сеуште бил во некоја експериментална фаза. Следува Pikes Peak International каде Нобухиро Таџима со E-Runner Concept One го освојува второто место. И конечно, пред неколку месеци, на саемот во Женева за првпат беше прикажан Rimac Concept One.

Image-7 Image-8

Електричен супер автомобил со 1088 коњски сили, 1600 Nm влечна сила. Електричен Bugatti Chiron. Од место до стотка забрзува за 2,6 секунди, а достигнува максимална брзина од 355 километри на час и може да помине 500 километри со едно полнење. Автомобилот е придвижуван од уникатниот All Wheel Torque Vectoring систем. Во превод? Секое тркало има свој елетро мотор со со посебна трансмисија и векторско распоредување на силата. Инженерското чудо, ни овозможува целосна контрола на секое тркало, 100 калкулации во секунда и неверојатно возачко искуство. Значи, овој начин на придвижување е многу сличен со погонот на сите четири тркала. Ако се сеќавате, пишував за сличен систем кој е вграден кај Ford Focus RS, и кој овозможува префрлување на 70% од целокупната сила на задните тркала, и дури до 100% од таа сила на некое од задните тркала. Системот кај Rimac е далеку пософистициран и овозможува 100% контрола на силата на секое тркало во даден момент и инстант влечна сила од нула километри. Трансмисијата е исто така новина. Менувачот на моторите на предните тркала има само една брзина, а задните мотори имаат менувач со дупла спојка и две брзини, секое тркало посебно. Батеријата е со моќност од 1MW.
Однадвор Rimac Concept One изгледа феноменално. Супер спортски дизајн каде секоја линија и отвор имаат своја задача, перформанси и ефикасност. Внатрешноста е на ниво, и помалку наликува на кокпитот на Koenigsegg Agera, што е фантастично.

Image-9 Image-10

Единствената “маана” која ја има овој автомобил е масата од 1850 килограми. Неодамна се појави видео, каде што Rimac Concept One на трка од 400 метри, со леснотија ги победува Tesla Model S и Ferrari LaFerrari. Лавина од коментари, бурни реакции, но и огромен публицитет за Rimac Automobili. На коментарите дека Rimac Concept One на тркачките патеки би бил нула, Мате има соодветен одговор, Rimac Concept One S. Тркачки настроена електрична машина, која е ставена на сериозна диета и има 1384 коњски сили и 1800 Nm влечна сила. Зборуваме за целосно електричен автомобил, не за хибрид. За Concept One S повеќе во некоја наредна епизода. Дотогаш му порачувам на Елон Маск да оди на консултации во Rimac.

Image-11

Image-12
Rimac Concept One_S.

Во видеото: Rimac Concept One vs. Tesla Model S vs. Ferrari LaFerrari.

Брацо Моралиќ
Брацо Моралиќ
- Реклама -