Скапи „италијански“ чевли – евтини Македонци и Албанци

Македонија и Албанија - европските Made in China

Деталната истрага врз европската индустрија за чевли вроди со скандал. Се покажува дека милиони и милиони Британци се натерани да веруваат дека скапите чевли што ги купуваат од познатите брендови се произведени во Италија и Германија, кога всушност, ги произведуваат работници за мизерни плати од сиромашните региони на источна Европа, пренесува The Guardian.

Во текстот со наслов „Скапи ‘италијански чевли произведени за мали пари во источноевропските свет-шопови“ (sweatshops – фабрики, особено текстилни, каде работниците работат во лоши услови, за мали плати, и со прекувремено работно време), Гардијан пишува дека големите брендови користат извесна дупка во законот која им овозможува нивните производи да ги означуваат со „Made in Italy“ или „Made in Germany“. Со тоа сугерираат висок квалитет, а всушност истрагата покажува дека чевлите ги произведуваат Албанци што работат за 49 пени за час работно време (0.57 евра/ч) – што е нелегално „дури и за така сиромашна земја како Албанија“, и Македонци што работат за 64 пени/ч (0.74 евра/ч) т.е. одвај 200 евра за 30 работни дена. Во извештајот се наведува и дека една македонска фабрика која произведува Geox чевли, плаќала илегално мали плати од 131 евро месечно, со вклучена прекувремена работа. „Легалниот минимум е 145 евра, со нормално работно време“, пишува Гардијан.

Во извештајот, истражувачите наведуваат сведоштва на работници (и од Македонија) кои тврдат дека им се случувало да завршат и во болница, сето тоа како резултат на неподносливите услови во престудените/претоплите фабрики, каде притоа работат и со многу силни хемикалии. Работниците се жалеле и на реума, болки во грбот, алергии и респираторни проблеми. Кожата им била често изложена на хемикалиите, бидејќи носењето ракавици значи помала продуктивност, а дури и помала плата.

„Ако ми се слоши и имам кола, некој од колегите ќе ме однесе во болница. Ако немам кола, ќе ме однесат со количка за песок“, раскажува работник од Словачка.

„Ако работодавачот сака да комплетира, да речеме, нарачка од 9.000 парови чевли, тој ќе стави 90 пара на лента, и дури и да умираш, мораш да ги завршиш“, раскажува еден од Македонците.

чевли2

Дупката во законот што ја користат производителите на чевли е мошне едноставна, и е позната како „трговија со надворешно процесирање“ т.е. OPT шема. Компаниите прво ги сечат калапите и деловите за чевлите во матичната земја, по што се носат во некои од земјите со сиромашна економија, каде што се составуваат, лепат и шијат. Потоа се „увезуваат“ во матичната земја без дополнителни трошоци, што пак дозволува да им биде ставена етикета дека се произведени во оригиналната земја.

Меѓу брендовите за кои таканаречените светшопови произведуваат чевли се и Zara, Lowa, Deichmann, Ara, Geox, Bata и Leder & Schuh AG. Меѓу земјите во кои се експлоатираат работници, покрај Македонија и Албанија, се и Босна, Полска, Романија и Словачка. Еден од тројца албански работници добива плата помала од законскиот минимум од 121 евра месечно. Жените обично поминуваат потешко, а од работниците се очекува да сработат дури и по 60 пара чевли на ден.

Летово, во една словачка фабрика амбулантното возило доаѓало шест пати.

„Кутрите паѓаат како муви“, вели заменик-градоначалникот на Калафат во Романија.

„Кога еднаш се онесвестија три жени, супервизорот од Италија се пошегува дека ако продолжат со тоа темпо, ќе мора да направи импровизирани гробишта зад фабриката“, раскажува еден Романец.

Годишно, во светот се произведуваат околу 24 милијарди парови чевли. 729 милиони се произведени во Европа. Но цените на европските чевли се многу повисоки: просечен пар италијански чевли се извезуваат за 45.38 евра, додека просечен кинески пар се извезува за 3.5 евра.

Ана МекМулен, од Labour Behind the Label – британска организација за работнички права, вели дека британските потрошувачи мора да знаат дека се излажани да мислат дека купуваат чевли „произведени во Европа“, и да ја знаат вистината за тоа во какви услови се произведуваат.

„Всушност, сега добро знаеме дека работниците во Албанија и Македонија се платени со толку мали плати, што не можат ни да си ги прехранат семејствата – до толку што јазот меѓу минималната плата и платата потребна за основен живот е поголем дури и од Кина“, заклучува МекМулен за Гардијан.

- Реклама -