Чиниш и потта кал се стори

СПОДЕЛЕТЕ

Текстот е преземен од порталот Призма.

­

Со механизација се чистат пристапните приоди, но тие мали улички којзнае кога ќе дојдат на ред. За да се мине таму мора низ дворовите на комшиите, по уличките нема шанси, ако стапнеш во калта како да ти ги бетонира нозете. Секаква помош им е добредојдена.

Сѐ до центарот на Ченто нема никаков знак дека нешто трагично и катастрофално се случило во предградијата на Скопје. Првите знаци дека нешто не е во ред се долгите колони возила кои чекаат влез во погорните делови од населбата. Таму полиција/војска контролира кој, како и зошто влегува во поплавениот регион. Хуманитарната (неофицијална) помош се пропушта, но и тоа зависи од моќта на преговори со која располага шоферот.

„Не може навака“, вели полицаецот.

„Ама носиме хуманитарна помош за мало дете, ептен е итно“, одговараме.

Ѕирка на задното седиште преполно со кеси и нѐ пушта.

Продолжуваме по главната улица која е проодна и следуваат само забелешки, види овде како е, лом, види ја куќава, хаос. Луѓе растрчани по улиците кој со лопати, кој со кеси со храна, по улиците вода, кал. Се дели хуманитарна помош. Камиони, цистерни минуваат постојано, но автомобилите ги забавуваат.

st
Луѓе растрчани по улиците кој со лопати, кој со кеси со храна, а по улиците има само вода и кал

Вртиме на бројот кој го добивме за да оставиме помош на настрадано семејство. Марија нѐ пречекува на главната улица, не може со возило до кај нив. Додека им оставаме тоа што им треба, подзастануваат луѓе со свенати погледи, без прашање им подаваме работи од багажникот. Еден човек само стои молчејќи. Од другите луѓе што беа погласни, за малку немаше ни да го забележиме. Мислеше ништо нема да добие и тргна да си оди натажен.

„Господине, господине, му викаме, извинете вратете се, ви треба ли нешто?“

„Како не ми треба, сѐ ми треба“, одговори со тажен глас и беше благодарен што му подадовме неколку основни намирници.

Згрешивме што не подготвивме пакети пред да тргнеме. Брзо се пакуваме и продолжуваме во далеку попогоденото Стајковци.

Пред Стајковци повторно полиција. Овие личат посериозно, облечени во маскирни униформи, првата помисла е: не проаѓаме. Полицаецот нѐ праќа преку некоја друга уличка, вика од таму поминете. Ама се предомислува и нѐ пропушта.

Пред нас се појавуваат обременувачки слики на организиран хаос. Тешко објасниво. Возачите без зборови, па и без стандардната нервоза од скопските улици прават место за да поминат камионите.

Улиците во Стајковци не се ни забележуваат, десетици сантиметри кал. Искршени автомобили, шут на улиците, пумпи со кои се испумпува водата и калта од домовите, луѓе со лопати. Пред училиштето полиција, војска, Црвен крст, се дели помош за оние што можат да дојдат да ја земат.

st2
Искршени автомобили, шут на улиците, пумпи со кои се испумпува водата и калта од домовите, луѓе со лопати е глетката што ве дочекува на поплавените места

Застануваме на крајот од селото. Земаме другар кој живее таму и ни објаснува каде се најпогодените. Неколку споредни улички на улицата „Антон Велков“ како да се на друго место. Само поплавени подруми, додека на неколку стотини метри погоре, на улиците 20 и 21 – хаос. Не може да се припари.

Со механизација се чистат пристапните улици, но тие мали улички којзнае кога ќе дојдат на ред. За да се мине таму мора низ дворовите на комшиите, по уличките нема шанси, ако стапнеш во калта како да ти ги бетонира нозете. Секаква помош им е добредојдена. Велат никој не ги посетил. Смрди, топло е, лепливо, прашина, а луѓето сами копаат, се борат со урнати дрвја, бетони, мислиш потта им се претворила во кал. Им нудиме маски и ракавици, бидејќи со ништо не се заштитиле, а тие одговараат: „Не ни треба тоа, багер ни треба“.

„Цревава ми се залепија, не се може само со сува храна“, ни вели една жена.

21[1]
Улицата „21“ во Сингелиќ

Сто пати се прекоривме што носиме плински боци, но не и плинско решо.

Луѓе прекриени во кал и пот постојано исфрлаат ѓубре, чистат. Личи на сизифовска работа. Без механизација може да трае со недели. Тони кал, земја, камења, плус уништената покуќнина пред дворовите. Војската помага, исто и работници од разни јавни претпријатија. Но, тие се сконцентрирани на улиците, пристапот е приоритет. Најбарани се ракавици и маски, чизми нема ни за лек.

Им се придружуваат млади кои сами се организирале, земале лопати и со насмевки тргаат да помагаат. Нема никаков знак дека некој ги координира. Тоа е и една од главните цртички кои остануваат како сеќавање, дека и по пет дена од поплавите институциите недоволно и хаотично реагираат на терен.

Нивните пропусти, барем за хуманитарна помош ги пополнуваат волонтерите и самоорганизираните граѓани. Коментарите и реторичките прашања „дали на ова можеше да се реагира превентивно и последиците да бидат далеку помали, па дури и без жртви“ се постојан придружник.

Пред тргање за назад, се слуша: „Ние сме ок, на комшијата повеќе му треба“.

Од солидарноста која беше заштитен знак на Скопје, сепак нешто останало. Вакви несреќи кај некои луѓе го вадат најдоброто, кај некои најлошото. Овие слики постојано се видливи по медиумите. Она што е тешко видливо и речиси необјасниво со зборови се погледите на луѓето на кои оваа поплава им има однесено сѐ.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ