Најдосадното работно место на Олимпијадата во Рио

СПОДЕЛЕТЕ

Околу беспрекорното одвивање на Олимписките Игри се грижат еден куп луѓе. За тоа колку добро им оди ќе зборуваме во некоја друга прилика, ама меѓу овие луѓе има и такви што умираат од досада, благодарение на тоа што имаат прилично бесмислени работни задачи.

Спасувач на олимписки базен.

Безнадежноста во погледот во празно на оваа спасувачка кажува многу. Задачата на овие луѓе е да ги надгледуваат натпреварите во пливање и да бидат на готовс за во случај на некој од учесниците да му затреба помош. Значи, помош. На професионални пливачи. И на олимписки шампиони.

Фативме да бараме информација колку пати интервенирале спасувачи на натпревари во пливање на Олимписки игри. Најдовме – ич. Ама Бразил си има закон според кој на базените поголеми од таа и таа големина мора да има спасувачи, и затоа – има спасувачи и на Олимпијадата. Добра околност за спасувачите во Рио е што ризичниот степен на досада им е платен со солидна сума – 306 евра за две недели, што е за малку повеќе од просечната плата во Бразил. А да, и најдоброто место од сите во публиката.

„Признавам дека потајно посакувам да треба да го спасувам Мајкл Фелпс“, вели еден од нив.

- Реклама -