Фејсбук ќе ви пушта реклами, дури и со Ad Blocker. Или не?

СПОДЕЛЕТЕ

adblocking

Користите ли апликација за блокирање на реклами? Зашто од сега па натаму, таа нема да ги блокира рекламите на Facebook. Компанијата на Марк Закерберг се пофали дека „нашла начин да го заобиколи ваквиот софтвер“. Промената, која компанијата ја најави во вторникот, се однесува и на десктоп компјутерите (мобилната апликација и онака е во голема мера отпорна на ад-блокери).

Така, социјалната мрежа ќе ги менува дигиталните обележја кои апликациите за блокирање ги бараат и препознаваат кај рекламите. Со други зборови, ќе ги маскира рекламите во „органска содржина“ и ќе ги направи недопирливи за блокерите.

Околу 26% од персоналните компјутери во САД блокираат реклами, пишува WSJ. Фејсбук не е баш во зорт за ќар, ама таков процент, на бројка од 1.71 милијарда корисници на мрежата, значи голем пропуштен потенцијал за профит. На пример, приходите од реклами на компанијата во вториот квартал на 2016 година достигнаа 6.2 милијарди долари, а од нив само 1 милијарда долари се од емитување на реклами на десктоп компјутери. Останатите 5.2 милијарди се од мобилно рекламирање. Со новиот чекор, јазот меѓу овие бројки се очекува да се намали. Целта на Фејсбук е пред сé да им помогне на останатите компании да се рекламираат преку мрежата – што поголема пита, поголем дел за Фејсбук.

„Досадните реклами се проблем за индустријата генерално, а подемот на апликации за нивно блокирање говори за фактот дека луѓето не сакаат да ги гледаат. Сепак, овие апликации се лошо и крајно решение“, вели Ендрју Босворт, потпретседателот за рекламирање на Facebook. Според него, овие системи се најлоши по самите издавачи и медиуми, како и за социјалните мрежи, бидејќи тие се потпираат токму на овие приходи.

facebook_mobile_app_ad_video[1]

Иако апликациите за блокирање на реклами располагаат со опции што им овозможуваат на корисниците да ги активираат рекламите само на конкретните сајтови што им се допаѓаат, и на тој начин да го помогнат нивното постоење – многу малку од корисниците го прават тоа, а ги исклучуваат рекламите за сите сајтови. Негативниот ефект ги загрозува дури и најголемите светски изданија, како The New York Times и The Wall Street Journal, кои исто така пријавиле пад на приходите од рекламирање.

На глобално ниво повеќе од 200 милиони корисници користат апликации за блокирање на рекламите на десктоп компјутерите, а кај мобилните телефони бројката е двојно поголема – 420 милиони луѓе (ама мобилни има повеќе од десктоп компјутери). Wired, Forbes и The Times, исто така веќе почнаа да експериментираат со анти-техники кон адблокерите.

Сепак, девелоперите зад ад-блокерите се скептични. „Планот на Фејсбук е малку далеку од реалноста“, вели Бен Вилијамс, кој стои зад популарниот Ad Block Plus плагин. „Тактиките на заобиколување постојат веќе 10 години, а бидејќи ад блокерите ја имаат опен-сорс поддршката на заедницата, овие привремени решенија ќе мора да бидат многу подобри од претходните“. Многумина се сомневаат дека можеби „решението“ на Фејсбук е едноставно да им плати на адблокерите за да ги пропуштаат неговите реклами.

Бидејќи во основа, веб пребарувачите и нивните плагини, како што се адблокерите, имаат способност да ја видоизменат содржината што ја симнуваат пред да ја прикажат – на многу начини. Можат да ја реформатираат целата страна за да можат слепите да ја читаат, на пример. Или можат да отстрануваат реклами. Финтата е што тоа треба да биде балансирано и заедно со рекламите да не настрада и легитимната содржина. „Обичната раја“ секогаш ќе биде на страната на ад-блокерите, освен ако Фејсбук не успее солидно да го наруши споменатиот баланс. Ама и тоа веројатно би било привремено.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ