Има ли живот без пробиотски јогурт?

yogurt_2a[1]

Нашите тела одат во пакет со систем за детоксификација (црниот дроб и бубрезите не ни се само за украс), иако ако го набљудувате популарниот интерес за пробиотски продукти, тоа не изгледа така. Вистината, е дека бактериите во нашите црева се саморегулираат откако постоиме.

А сепак, луѓето како да станаа анти-црева, префрлајќи ја вината на цревните бактерии и наводниот дисбаланс таму, за цела низа од здравствени проблеми, од замор и мигрени, до дијабетес. Стварно ли нашата модерна исхрана ја има нарушено нашата цревна флора до тој степен што ни треба цела индустрија да штампа продукти кои ќе воведат ред во цревниот хаос?

За цревните бактерии се знае, на пример, дека нивната распореденост и застапеност во дигестивниот тракт варира во зависност од тоа во кој дел од светот живееме, и со тоа – каква традиционална исхрана следиме. Се знае и дека бебињата родени со царски рез имаат различна цревна флора од бебињата родени вагинално. Се знае и дека бебињата што се доени со мајчино млеко имаат различна цревна флора од бебињата што ги хранат со беби-формула. Тоа што не се знае, е кое од овие е подобро.

Знаеме и дека се случуваат интеракции меѓу цревниот микробиом т.е. меѓу сите видови организми што живеат во нашиот дигестивен тракт. Едно од најголемите полиња на истражување поврзано со овој факт, е полето на имунитетот. Поконкретно, нашиот дигестивен тракт зафаќа голема површина, што значи дека мнооогу клетки се постојано изложени на околината што ги опкружува.

Сето ова се поврзува и со „Хигиенската хипотеза“, која во основа вели дека заради модерната исхрана на западното општество, таа околина е премногу стерилна, и дека во периодот додека сме бебиња не сме изложени на истата разноликост на организми како што сме биле пред 100 или пред само 50 години.

Таквата стерилна околина може да објасни дел од дигестивните заболувања, како што се инфламаторните цревни болести, Кроновата болест или улцерозниот колитис, па одредени луѓе, да, треба да внимаваат на тоа какви продукти користат и кои би им пријале на дигестивното здравје. Но дали обичниот човек кој јаде како и секој „Западњак“, а нема хронични гастроинтестинални проблеми, треба активно да се труди да биде дел од треската околу пробиотскиот јогурт – за да го сочува дигестивното здравје? Треска која, патем, е многу, многу профитабилна за индустријата што ја негува.

„Има голем комерцијален интерес, а некогаш тоа знае да ги движи нештата посилно од научните докази“, вели др. Кевин Раф – доктор по гастроентерологија на Mayo Clinic. Тоа што Раф сака да каже, е дека научниците дефинитивно знаат дека постои врска меѓу дигестивниот тракт и здравјето генерално, но дека ова околу цревната флора е сé уште во рана фаза на истражување и дека не постојат многу поврзаности кои научниците дефинитивно можат да ги потврдат.

Од друга страна, има пробиотски суплементи што се продаваат и во форма на лекови, но реалноста е дека малку од нив се проучени и препорачани од докторите. Дел од нив, сепак, можат да ублажат одредени симптоми настанати од дигестивни заболувања, но кога се работи за здрав човек, веројатно на телото добро му оди и без да го клукате со пробиотици. Во однос на вештачките бои и слободните радикали во храната кои ви предизвикуваат страв околу цревната флора, Раф вели дека нема вистински докази дека тие продукти се штетни (барем по цревната флора) и дека можете слободно да уживате во нив. На крајот на краиштата, вкусни се.

- Реклама -