Зошто скам мејловите се напишани на лош англиски?

СПОДЕЛЕТЕ

spam

Ако знаеш некои основни индикатори и малку подразмислиш, скам мејловите не се воопшто тешки за препознавање. Тоа што се напишани на лош англиски и што фората со нигерискиот принц ја утепаа од користење – исто така не им помага. Или им помага?

Баш кога мислевме дека класичната формула веќе нема ефект, научниците потсетија дека сега кога повеќе луѓе ја препознаваат измамата, таа е всушност многу поефективна. Во 2012-та, Microsoft Research објави извештај во кој се разгледуваше зошто измамата со нигерискиот принц (што во суштина е измама позната како „419“) преживеа толку години. Меѓу другото, во него се наведува дека тоа што сé повеќе луѓе научија/учат да ја препознаваат таа конкретна измама, значи дека оној дел од луѓето кои всушност одговараат на скам мејлот – имаат поголема тенденција да ги превидат критичните сигнали и да пратат пари.

Подобро срочен мејл дефинитивно би го привлекол вниманието на повеќе луѓе, но повеќето од нив би се покажале како „false positives“ и веќе во некоја од следните фази би ја сфатиле измамата. Тие не би пратиле пари, а тоа е изгубено време за измамниците.

Со други зборови, постојаното испраќање на очигледна скам електронска пошта всушност ги филтрира оние што го вклучуваат мозокот и ги остава само оние најнаивните овчички т.е. токму луѓето по кои измамниците трагаат.

Се разбира, ова звучи како генијална шема од голем размер, разработена од измамници кои и онака доаѓаат главно од Азија и Африка и зборуваат лош англиски. На крајот на краиштата, ако беа толку генијални како што извештајот сака да ги прикаже, ќе смислеа нешто подобро, нели? Па… не. Сé додека Нигерискиот принц добива пари, немаат потреба.

Патем, авторот на извештајот – Кормак Херли, смета дека најдобриот начин за борба против овие скамери не е бришење на мејлот или означување како спам. Не, Херли смета дека најефикасниот начин е да почнеме да им реплицираме и заеднички да ги ребриме така добро што максимално ќе им го потрошиме времето и веќе нема да им текне да се обидат да лажат преку спам мејлови; впрочем како што направи комичарот James Veitch. Ако ве интересира неговата авантура, можете да ја погледнете во форма на TED talk.

- Реклама -