Throttle/Brake – епизода 18: Ѕверот од зелениот пекол – Mercedes AMG GT R

Image-1 Image-2

Формула 1 возачот Џеки Стујарт, е првиот кој го употребил називот “Зелен Пекол”, а се однесува на патеката Нурбургринг Нордшлаифе. Сместена на падините на планината Ајфел, со својата комплексност и должина од 20,8 километри е единствена во светот. Изградена е во дваесеттите години од минатиот век во густа шума, во близина на градот Нурбург. Низ историјата оваа тркачка патека е домаќин на безброј автомобилски трки од најпопуларните шампионати, како што се F1, Le Mans 24 Hours и многу други. Токму на оваа патека, Ф1 возачот Ники Лауда ја доживува онаа страшна несреќа, од која сите го знаеме исходот. Џеки Стујарт, понесен од напнатата атмосфера, амбиентот, окружувањето и комплексноста, во една своја изјава ја нарекува оваа патека Зелен Пекол. Од тогаш, па наваму, Зелениот пекол е најпопуларната тркачка патека во светот, иако не е дел од Формула 1 шампионатот. Нурбургринг е еден вид тркачко светилиште, каде сите производители ги носат своите автомобили на финални тестови, но и за да ги покажат и докажат перформансите на своите најексклузивни модели. Оваа патека е толку популарна, што вљубеници во автомобилизмот од целиот свет доаѓаат со своите автомобили за да го доживеат неверојатното искуство. Низ историјата, повеќе спортски автомобили се развиени токму на оваа тркачка патека, односно инженерите биле инспирирани да направат спортски автомобил кој ќе има добри перформанси на Нурбургринг Нордшлаифе. Апсолутни владетели на “Зелениот Пекол” се Porsche, чии автомобили се повеќекратни рекордери на оваа патека. Тркачкиот автомобил Porsche модел 956 од групата C – prototypes, го држи рекордот на патеката со време од 6:11.13, кој датира од 1983 година. Од легалните автомобили, рекордер повторно Porsche со моделот 918 Spyder со време од 6:57.

Nurburgring Nordschleife – Зелениот пекол

Последниве години, доминацијата на Mercedes AMG во F1 шампионатот, ги окуражи инженерите од одделот на AMG, да почнат да размислуваат во еден сосема нов правец, легални тркачки автомобили. Моделот AMG GT S од 2014 година, им беше перфектна платформа за развивање на еден таков легален тркачки автомобил. Инспирирани од “Зелениот Пекол”, пред неколку дена на Goodwood Festival of Speed официјално го претставија “Ѕверот од Зелениот Пекол” Mercedes AMG GT R.

Image-3

Прво, морам да кажам браво за зелената – маналиши боја, која иако е нетипична за Mercedes, совршено му прилега на овој легален тркач. Mercedes AMG GT R е автомобил кој е базиран на сега веќе “стандардниот” AMG GT S, со перформанси на AMG GT3 race car, секако, спакувани така прецизно за автомобилот да биде легален, односно да може да се вози по улиците. Моторот е истиот, фронтално – средишно поставен како кај AMG GT/GT S, 4.0 литарски, V8, битурбо, но засилен од 503 на 577 коњски сили и 700 Nm влечна сила, благодарение на поголемите турбо полначи. Турбо полначите при полна пареа развиваат 186.000 вртежи во минута и притисок од 19.6 psi. Менувачот е автоматски, седум степен со двојна спојка. AMG GT R од место до стотка забрзува за 3,5 секунди, а максималната брзина му е 318 километри на час. Патеката од 402 метри ја проаѓа за 11,2 секунди и забрзува до 204 километри на час. Споредено со претходниот модел AMG GT S, овој автомобил е засилен за 74 коњски сили и целосно нов аеро пакет, со извонредни решенија, кои го прават AMG GT R во свиоците или на патека да се однесува како AMG GT3, односно тркачки автомобил. На прв поглед, ќе забележиме дека AMG GT R и AMG GT3, се многу слични, односно многу отвори за проток на воздух, wide body kit, тркачка предна решетка како кај AMG GT3, статичен поголем заден спојлер, елементи кои придонесуваат за подобра аеродинамика и downforce, односно за подобра управливост. Целосно нова технологија е активниот аеродинамичен профил, кој се наоѓа под автомобилот, помеѓу предните тркала, целосно невидлив, кој при брзина од над 80 километри на час се спушта со што одредена количина на воздух струи и ја прави предницата на овој ѕвер за 50% постабилна при големи брзини, и во исто време ги лади сопирачките. Друг аеро елемент се воздушните завеси кои се наоѓаат на страните на предниот браник, кои даваат додатен downforce. Задните дифузери и големиот заден спојлер кој е адаптивен по желба на возачот ја подобруваат стабилноста на задниот дел. Друга иновација кај AMG GT R е активниот регулатор или спроводник на воздух, систем кој се наоѓа зад предната решетка, кој се првата и затвора на една секунда давајќи додатен грип и напред и позади. За сопирањето на овој ѕвер се грижат 15.8 инчни карбон керамички ротори напред и 14.2 назад.

Image-4

Внатрешноста е типично тркачка, облечена во алкантара и елементи од карбон фибер, што ако ме прашувате е перфектна комбинација.

Image-5

На моја среќа и огромно задоволство, имав прилика да го возам “стандардниот” модел, AMG GT S, кој и покрај лавовските звуци кои доаѓаат од V8 моторот, е типичен Gran Turismo автомобил. AMG GT R е легален тркачки ѕвер, што ме донесе до еден заклучок… Пораката од Mercedes е јасна, дека ова е само почетокот, а исто така имаат порака и за Porsche, во која му порачуваат: Пази се GT3 RS, зелениот ѕвер доаѓа. Јас пак, имам да Ви кажам три работи поврзани со Mercedes AMG GT R. Првата е дека сум малку збунет, околу тоа дали воопшто ќе има и ако има што ли ќе биде Mercedes AMG GT Black Series, дали можеби ќе биде лимитирана серија или уште посилен легален тркач??? Втората работа е доколку во моментов имам на располагање нешто помалку од €200.000 за автомобил, без размислување би одел со Mercedes AMG GT R. Нормално, следи прашањето, а што е со Porsche 911 GT3 RS? Ништо, перфектен легален тркачки автомобил, но AMG GT R е нешто сосема ново од Mercedes, има неодолива уникатна зелена боја, уникатни звуци, и е повеќе од вреден за парите. И третата работа… Дали само замислувате што Brabus ќе направи од Mercedes AMG GT R?

Image-6 Image-7 Image-8 Image-9

Брацо Моралиќ
Брацо Моралиќ
- Реклама -