Бесмртната тутуноберачка Хенриета Лакс

СПОДЕЛЕТЕ

9e53f-35-henrietta_lacks[1]

Како потомок на робови, Aфро-Aмериканката Хенриета Лакс била сосема обична работничка на фарма за тутун во американската држава Вирџинија. Зад себе оставила пет деца, пред да почине на возраст од 31 година, од рак на грлото на матката. Сепак, нејзината оставштина е огромна и прави Хенриета да е речиси буквално бесмртна.

Еден ден во 1951, Хенриета се разбудила со јаки болки во долниот дел од стомакот, па отишла во болницата „Џон Хопкинс“ – единствената болница што тогаш примала црнци. Ѝ бил дијагностициран рак на грлото на матката и била подложена на радиумска терапија, која не ѝ помогнала. Во тој период, медицината допрва била на почеток во потрагата по најдобриот начин на лечење на рак.

Тогаш се правела генерална разлика меѓу два типа канцер: инвазивен и неинвазивен. Притоа погрешно се верувало дека неинвазивните канцери не треба да се третираат, бидејќи не се шират. Д-р Ричард ТеЛинд од Хопкинсоновата болница имал поинакво уверување. Тој ја испитувал можноста неинвазивниот канцер да претставува само рана фаза на инвазивниот, т.е. дека овие два типа на канцер водат кон исти последици.

За своите истражувања, ТеЛинд често користел примероци од ткивата на пациентите без нивно знаење. Со оглед на тоа што дозволите за користење на информации околу пациентите во истражувачки цели тогаш не биле законски регулирани, тешко дека може да му се замери. Пред почетокот на терапијата на Хенриета, ТеЛинд ѝ направил операција во која земал примерок од нејзиното канцерогено ткиво, и овој пат без нејзино знаење и дозвола. По операцијата, во нејзиниот картон напишал дека „добро ја поднела процедурата и ја напуштила операционата сала во добра состојба“, но во реалноста, Хенриета починала кратко по истата.

Бесмртната клетка

Потоа, нејзиното ткиво е предадено на доктор Џорџ Геј од истата болница, кој се бавел со истражувања во областа на канцерот и бил решен да ја создаде првата бесмртна човечка клетка. Геј успеал да одгледа клеточна култура од клетките од канцерот на Хенриета, култура што не само што останала во живот, туку и се размножувала со „митолошка брзина“.

Овие клетки – кои истовремено претставуваат и првите ин-витро човечки клетки, ќе направат потполна револуција во медицината, а нивната употреба нагло ќе се рашири во полето на медицинските истражувања. Самиот Геј не добил ништо од откритието, ниту финансиски, ниту го спасило кога починал од рак на панкреасот. Потребни беа три децении за да се открие вистинската причина за ракот на Хенриета, како и за тоа дека „бесмртноста“ на одгледаните клетки се должи на само еден ензим.

Клетките на ракот имаат способност за бескрајна митоза, за разлика од останатите човечки клетки кои по одреден број делби почнуваат да стареат и да умираат. Оваа способност им ја овозможува ензимот наречен теломераза. Теломерите, кои се наоѓаат на краевите на хромозомите, кај обичните клетки се скратуваат после секоја делба. Заради ова скратување на хромозомите, клетките евентуално ја губат способноста да продолжат да се делат. Теломеразата пак, им овозможува на теломерите да се продолжат по секоја делба, што на клетките на ракот им дава способност да се размножуваат бескрајно долго.

Клеточната култура која настанала од клетките на Хенриета е наречена HeLa, по нејзините иницијали (Henrietta Lacks). И покрај таквата „чест“, семејството на Лакс не можеше да премине преку фактот што нејзините клетки се земени без нејзино или нивно знаење, особено што за „бесмртните“ клетки на мајка си дознаа дури две децении подоцна, кога веќе беа наголемо раширени низ целиот свет, а дури ја „посетија“ и вселената.

Етичката дилема која се покрена околу целата ситуација, е опишана во делото на Ребека Склут – „Бесмртниот живот на Хенриета Лакс“. Авторката успеа да го привлече вниманието кон проблемот така што ја изнесе приказната на децата на Хенриета во јавноста нејзините деца, кои живееја во вртлог од неправда, расизам и едно од најголемите научни откритија на векот. Во својот роман таа пишува за големиот парадокс – потомците на жената чии клетки за навек ја задолжија медицината, живеат без здравствено осигурување. Дури откако книгава (објавена во 2010) стана бестселер на Њујорк Тајмс, Хенриета доби надгробен споменик на местото каде што е погребана. На тој споменик семејството чекаше повеќе од пола век, а случајот предизвикува еитчки полемики и ден денес.

Screen-Shot-2014-05-13-at-9.15.59-AM[1]

Меѓутоа, за научната вредност на HeLa нема простор за дискусија. Благодарение на ова откритие, вирусологијата и биотехнологијата доживејаа огромен подем. Се отворија можности за испитувања и тестирања на отпорноста на човечкиот организам на сите можни услови – од вируси, преку радијација, па до животот во вселената, во која HeLa клетките исто така успешно преживејаа.

Благодарение на HeLa клетките, конечно е утврдено дека телесните клетки на човекот поседуваат 46 хромозоми. По ова откритие, можноста за дијагноза на генетичките заболувања и евентуалната превенција на истите – конечно станува стварност.

HeLa клетките го инспирираа настанувањето и на клеточните линии за останатите типови канцер, како MCF7 за ракот на дојка, или JuRKAT за леукемијата. HeLa доведоа и до првото успешно клонирање. Клонирањето на матични клетки, пак, го овозможи настанувањето на вонтелесното оплодување. Благодарение на истражувањата врз клетките на Хенриета, денес имаме вакцина за туберкулоза, полио и многу други болести. Придонесоа и во големиот подем во разоткривање на природата на ХИВ вирусот, а нивната корист во медицинските истражувања и ден денес е во нагорна линија.

- Реклама -