Throttle/Brake 14: Последниот aмерикански супер автомобил

Image-8

Dodge Viper ASR – најбрзиот Viper е всушност најбавен???

Американски сон? Да. Американски супер автомобили? Па, не баш. 

Уште од почетоците на автомобилската индустрија, кога се во прашање спортските автомобили, Американците биле со некоја своја чудна замисла и реализација, секоја чест на неколку модели кои се исклучок. И кога зборуваме за исклучоците… Само еден е Dodge Viper. 

Image-1

Некој еднаш рече дека ако не ви е мил животот, купете Dodge Viper. Беше и во десетте топ убиствени автомобили. Јас би го ставил и во десетте најубави супер автомобили. Зошто? Доколку имате прилика, застанете до него и се ќе ви стане јасно. 

Image-2

Како што одминуваа годините, загрижени од негативните коментари и муабети за нивниот супер автомобил, луѓето од SRT решија да го направат Viper повторно убиец, но овој пат на времиња на тркачките патеки. Така и бидна. Тие го направија Viper SRT 10 ACR, најбрзиот Viper на сите времиња кој всушност е најбавен. Да одиме полека.

Сите знаеме дека Viper има огромен мотор, односно мотор со енормна зафатнина од 8.4 литри. Исто така знаеме и за неговата неискористеност, ако се земе впредвид дека автомобили со зафатнина од 3.8 литри имаат околу 700 коњски сили. За разлика од претходните Viper автомобили, за моделот ACR може да се каже дека потенцијалот е паметно искористен. Зошто? Инженерите од SRT, знаејќи дека не можат да ги мерат силите во сегментот каде се достигнуваат вртоглави максимални брзини, решија тоа да го прават на патеките, каде максималната брзина и не е најважен фактор. За да се добие добро време на тркачка патека, потребно е автомобилот да има исклучителна управливост, односно што повеќе да лепи за патеката, а за тоа треба downforce. Downforce е сила која со правилно распределување на воздухот преку спојлери и дифузери го притиска автомобилот надолу, со што автомобилот добива на управливост. Е сега, кај што има многу downforce, нема голема максимална брзина. Со брзина од само 285 километри на час, овој Viper е најбавниот. Но баш поради тој хендикеп, овој Viper е многу брз на тркачките патеки, барем така велат луѓето од SRT. 

Моторот е стандардниот 8.4 литарски, V10 природно аспириран, со 645 коњски сили и 814 Nm влечна сила, која преку шест степен мануелен менувач се испорачува на задните тркала. Звучи како и секој “обичен” Viper. Што е тоа што го прави овој автомобил различен? Аеродинамичниот пакет и намалувањето на масата. Правилно распоредени крилца, огромен подесувачки заден спојлер и дифузери, плус маса од само 1500 килограми (што за Viper е одлично), и 645 коњски сили, е еднакво на одличен резултат. Единствена маана е аеродинамичниот ѕид кој се испречува пред вас, кога стрелката на брзиномерачот ќе покаже 285 километри на час. Но кога е Viper во прашање, две добра нема. Популарната драгстер четврт милја ја проаѓа за 11,6 секунди, но да напоменам дека се работи за автомобил со мануелно трансмисија. Овој автомобил е и еден од најбрзите сериски автомобили кои возеле на тркачките патеки, поточно со време од 1:28.65 на Лагуна Сека во Америка, што е за 1.24 секунди подобро време од кралот на Нурбургринг Porsche 918 Spyder. Сега кога брзинските лимити на Нурбургринг се тргнати, се очекува Viper ACR да атакува на времето поставено со 918 Spyder. Инаку, како најава ќе кажам дека ACR моделот од 2010 година веќе има осмо најдобро време на Зелениот Пекол.

Image-3 Image-4

Сопирачките се огромни карбон-керамички, 15,4 инчни со шест клипови, напред, и 14,2 инчни сокриени во внатрешноста на огромните задни тркала, кои во комбинација со аеродинамичниот downforce пакет, ја вршат работата претерано добро, онака тркачки што дава простор и за сигурно задоцнето запирање. Пневматиците се Kymho ACR, специјално направени за овој автомобил и се еден вид слик пневматици. Суспензијата е исто така тркачки настроена со разни подесувања на Bilstein шок апсорберите. 

Image-5

И полека сакам да излезам од овој досаден технички дел, говорејќи за внатрешноста, која е повеќе тркачки ориентирана, што и доликува, со убави детали, конец во боја и карбон. Алкантарата исто така ја доловува тркачката раса на овој автомобил. И да, браво за Dodge, им одржа лекција на многу производители дека и без кожа внатрешноста може да изгледа убаво. Клима уред има, што е реткост кај автомобилите од овој тип (Camaro Z28). Многу интересна опција е подесувањето на педалите во висина и длабочина.

Image-6

Се на се, за нешто помалку од 125.000 евра добивате легален тркачки автомобил, кој по мое мислење има неверојатен дизајн и предизвикува воздишки каде и да се појавите во Европа. Споредбено со конкурентите од класата, за парите добивате најмногу, плус неверојатно тркачко искуство, какво што на пример не може да ви понуди Aston Martin Vantage или Audi R8 V10 Plus. Како за крај да го кажам и моето. Доколку ми понудите Viper ACR или да речеме Audi R8 V10 Plus кое чини 165.000 евра, дефинитивно би одел со Viper ACR во црвена боја со две црни линии по средината, не толку заради возните својства, колку што заради неверојатниот дизајн. Единствен мал проблем кај нас е цената на горивата. 

Image-7 Image-10Image-9

Рекордот на Viper ACR од 2010 година:

Viper ACR vs Porsche 918 Spyder

Брацо Моралиќ
Брацо Моралиќ
- Реклама -