Зошто миленијалците не трпат критика

millennials-taking-selfie-e1442002170319[1]

Кога твојата рационална критика кон нешто ќе биде нападната со зборовите „хејт“ и „тролање“, кога ќе те наречат „расист“, „сексист“, „ксенофоб” и „хомофоб” и кога ќе те блокираат на друштвените мрежи, сфаќаш дека си имаш работа со класични миленијалци.

„Миленијалс“, миленијал(ц)и или генерација Y. Тоа се родените помеѓу средината на 1980-тите и 2000-те години и имаат тенденција (особено најмладите меѓу нив) да создаваат стерилна култура на политичка коректност, антиинтелектуална гордост, неподнослива пречувствителност и ерозија на западната цивилизација.

Уште на почетокот треба да се истакне една поделба помеѓу миленијалците од развиениот западен свет и оние на балкансково поднебје – мнозинството и во двете групи е разгалено, се лигави, неподготвено е за реалниот свет и се сведува на потрошувачи кои создаваат виртуелна содржина со сомнителен квалитет. Сепак, дел од причините за однесувањето на едните и другите се различни.

Со својот страв од критика и остра сатира, миленијалците ја заслужија жаргонската дефиниција на „специјални снегулки“, како што некои ги нарекуваат. На овие простори ги има во две крајности – тие што се оптоварени од политичкото наследство и тие под влијание на глобалниот интернет тренд на отвореност и заедништво. Младите бегаат од реалниот социјален и културен пејзаж во засолништето на селфијата и контролираните виртуелни пријателски средини, каде дисидентите не се добредојдени.

Основниот капитал на миленијалците е нивното виртуелно присуство – профилите на социјалните мрежи и медиите. Во стерилната сајберсредина комуникацијата е деформирана, а критиката – недобредојдена и несакана.

Лаиците го пумпаат балонот на егото, а секој негативен коментар е еднаков на неприфатлив хејт. Чувствата се поважни од фактите. Искривената комуникација ја потхранува заблудата дека сè треба да е убаво, розево и одобрувано. А ако сé е супер и подеднакво добро, а сите сме во „убавиот филм“, тогаш која е поентата на разговорот, дебатата, дискусијата?

Глетката на кренати веѓи и превртување на очите при завземањето на критичен пристап кон одреден филм, драма или песна е веќе досадно клише. „Не биди таков хејтер”, „Мора ли сé да расипуваме”, „Не може ли сите да се сложуваме“, „Аман, само нешто критикуваш”, „Типично македонски”, „Дај да кулираме”… се само дел од стандардните фрази на миленијалците кои имаат за цел да ја запрат секоја дебата уште во зародиш и да ја потврдат заблудата дека сé што ни треба е позитивизам.

Миленијалците се заљубени самите во себе и се нарцисоидни ликови кои ја сакаат својата содржина и таа создавана од нивните кругови, и не дозволуваат можност за поинаква проценка. Тие слепо веруваат во вродениот напредок, исправноста и чистотата на младоста и ги отфрлаат авторитетите надвор од нивната генерација како застарени.

На нашиве простори, нетолерантноста кон различните мислења е производ на триење и судир помеѓу светскиот конформизам и тешките економски перспективи на локално ниво. Од една страна се националните комплекси, а од друга – опсесијата по трендовите.

Во меѓувреме, младите создаваат празна, егзибиционистичка култура на антиинтелектуално самозадоволување, обединета околу идејата дека „сé треба да ни е супер, брат!“.

За ракурсот кон развиениот западен свет зборува и авторот и културниот критичар – Брет Истон Елис. Тој ја отцртува пречувствителноста на генерацијата Y и нивната упорност секогаш да бидат во право, независно дали огромната маса од докази директно ги рушат нивните позиции. Во претставниците на оваа генерација, Елис гледа неумеење да се постават нештата во контекст, комбинирано со преповторување, преувеличување и расфрлање со пасивно-агресивна позитивност. Уште од детството, овие млади луѓе се воспитани во религијата на сигурноста и претераниот протекционизам од страна на нивните родители.

Во развиениот западен свет, а најмногу САД, миленијалците се одгледани од Генерацијата X, што преку својот родителски чин всушност се бунтува против сопствената бунтовничка култура од минатото. Според Елис, причината за прекумерната загриженост со која генерацијата Х ги оптоварува своите потомци, е компензација за љубовта која тие не ја добија од своите егоистични родители од “бејби-бумер” генерацијата – златната генерација на повоена Америка.

Писателот и општествениот сатиричар ја опишува и неадекватната подготовка што миленијалците ја добиваат за справување со тешкотиите на животот. „Тие не знаат како функционира светот: луѓето може да не те сакаат, објектот на твоите желби може да не ти ја возврати љубовта, децата се сурови, работата е заебана, тешко е да станеш добар во нешто, животот е составен од неуспеси и разочарувања, можно е да немаш талент, луѓето страдаат, стареат, умираат. А оваа генерација реагира на оваа реалност така што колабира во сентименталност, ја игра улогата на жртва и одбива да ги признае тешките факти на постоењето, да ги проголта, да ги обработи и да продолжи напред”, пишува Елис во Vanity Fair.

Миленијалците не се во состојба да поднесат еден непријателски или рамнодушен свет. Песимизмот, иронијата и бунтот на претходната генерација X се заменети со анксиозност и страв дека на некој нема да му се допаднеш и дека може да не ти стави „лајк“ под статусот, линкот или сликата. Тоа е колективна генерациска паника, испровоцирана од перспективата дека нештата кои ги нудиш во јавноста се подложни на критика, игнорирање или дискредитација.

Брет Истон Елис е силно скептичен кон тоа што го создаваат миленијалците: „Кога тие создаваат нешто, пред нив има толку многу канали за ширење, тие можат да ја понудат својата содржина веднаш и насекаде, но поради оваа нова слобода се губи прецизноста, трудољубивоста, потребата од вештина и на крајот нивната содржина често е скапана, што е нормално”.

Негативниот однос, така, ги испраќа младите во спиралата на срамот, а оној кој ги критикува е брендиран како хејтер и трол. Вината за ова инфантилно однесување Елис ја гледа во родителите кои ги размазуваат своите деца со постојани и незаслужена пофалби, кои ги бранат од темните аспекти на животот, кои им доделуваат медали дури и кога се последно место (многу истакнат американски проблем) и кои им градат кревок и наивен оптимизам базиран на површински позитивен став. А како резултат, дури и при најмалото оддалечување од зоната на комфорот, сето тоа се руши за само неколку секунди.

Сонот и мисијата на миленијалците е секогаш на сите да им се допаднат, никогаш да не се критикувани и сите заедно да танцуваат под утешителните звуци на виртуелната „Кумбаја“, без да дозволат големиот лош свет да им го загрози занесот или илузијата дека секогаш се во право и дека сто посто се талентирани во сé што прават.

Е, а токму тоа треба да се случи.

- Реклама -