Неандерталците изградиле комплексна подземна структура уште пред 176.000 години

СПОДЕЛЕТЕ

cave-structure_1024[1]

Се покажува дека знаеме многу помалку за Неандерталците отколку што мислевме, бидејќи овие наши роднини – покрај цртањето во пештери, изработката на алати и користењето на оганот – очигледно биле и доволно софистицирани да градат комплексни подземни структури уште пред 176.500 години, како што покажува новото археолошко откритие.

Длабоко во темна, подземна пештера на 50 км. од Тулуз во Франција, истражувачите најдоа остатоци од шест древни структури направени од сталагмити. Откритието не тера да ги преиспитаме нашите претпоставки околу овие архаични луѓе, бидејќи тоа што го имаат изградено е далеку од сé што ние мислевме дека тие биле способни.

„Неандерталците биле инвентивни, креативни, суптилни и комплексни“, вели Жак Жоберт – еден од тимот од францускиот универзитет во Бордо. „Тие не биле едноставно дивјаци што биле единствено фокусирани на наоѓање на алати или убивање на бизони за храна“.

Прстенастите структури се најдени на длабочина од 300 метри во внатрешноста на пештерата Bruniquel, а една од нив е широка речиси 7 метри. Извртените коридори на оваа пештера се потполно темни на оваа оддалеченост од влезот, што значи дека сето тоа неандерталците го изградиле со помош на осветлување од оган.

Жоберт и неговиот тим откриле околу 400 столбови од сталагмити, кои заедно би тежеле околу 2 тона и се протегаат 112.4 метри. Сето ова сугерира дека неандерталците знаеле како да работат тимски и да конструираат комплексни градби во тешки услови.

„Тоа што нé изненадува најмногу е способноста на неандерталците да истражуваат толку многу длабоко во пештерата, далеку од природната светлина“, вели Жоберт. „Сметаме дека нудиме доказ за капацитетот на неандерталците да влегуваат во непознати, непријателски и подземни средини, користејќи оган за да го осветлат патот и да прават нешта што се фокусирани и вон опстанокот“.

Структурите се стари од 174.400 до 178.600 години, а според истражувачите, тоа е доказ дека неандерталците конструирале градби уште десетици илјади години пред првиот Хомо сапиенс да стапне во Европа.

Во оваа фаза, тоа што не е јасно е зошто оваа заедница се здружила за да ја постигне таквата комплексна, тешка задача во негостопримлива средина. Ако им било потребно засолниште од природата или предаторите, тие веќе се наоѓале во длабока пештера, тогаш зошто потребата од структура во рамките на друга структура (пештерата)?

Очигледниот одговор е дека овие структури служеле за некој вид на религиозна или церемонијална намена, ама бидејќи археолохијата се бави само со материјалните докази, не постои аргумент што може да ја потврди таа теза.

Други, пак, не се убедени ни дека имаме доказ дека структурата е дело на луѓе, макар и неандерталци.

„За мене, контруирањето на некаков вид на структура – нешто што многу животни го прават, вклучувајќи и шимпанза – и споредувањето на тоа со модерното културно однесување е голем скок“, вели Харолд Дибл – археолог од универзитетот во Пенсилванија. Според него, поубедливо би било ако сите 400 сталагмити имале помалку или повеќе слична големина и форма, со што дополнително би ја истакнале идејата дека зад нив стои свесна мисла.

Сепак, и покрај скептицизмот, имаме право да се радуваме на откритието, бидејќи што и да се овие структури, немаме видено такви на Земјата.

Плус: „Овие структури се меѓу најдобро презервираните конструкции што ни се познати од целото плеистоценска ера, веројатно затоа што биле запечатени со калцит многу скоро откако се изградени“, вели Мари Сорези – археолог од универзитетот Лејден во Холандија.

- Реклама -