Брендовите ќе ни ги скенираат лицата и ќе нé профилираат преку Youtube видеа

Добродојдовте во иднината.
Добродојдовте во иднината. Тешко дека ќе ви се допадне.

Природниот стремеж на адвертајзерите е да експлоатираат, а во иднина имуни нема да останат ни тоновите видеа што се прикачени на популарните медиа сајтови, како Youtube.

Последниот пример на корпоративно надгледување доаѓа од Mattersight Corporation од Чикаго и нивниот „Predictive Video“ („видео што предвидува“) систем. Наводно, овој систем ќе го анализира говорот и фацијалните изрази на луѓето во видеата, со цел да „го предвиди однесувањето врз основа на емоционалната состојба и стилот на личноста на било кое лице во било кое видео“.

„Брендовите сега можат да ‘ископуваат’ податоци за личноста на било кој корисник, анализирајќи ја видео датата што е јавно достапна онлајн преку друштвените канали“ – се пофали компанијата во прес-конференцијата на која зборуваше за својот најнов патент. Целта на платформата е да им се овозможи на компаниите да го предвидат (и со тоа, да го манипулираат) однесувањето на луѓето, преку алгоритамско проучување на нивниот говор и фацијални изрази, и развивање на профили на личноста на секој поединечен корисник.

„Таквите увиди ни овозможуваат да правиме подобри, попрецизни предвидувања околу тоа како индивидуите се чувствуваат за нашите продукти и сервиси, и кои одлуки имаат тенденција да ги донесат во иднина“, вели Крис Дансон – главен офицер за технологија на Mattersight. Да, компанијата наводно сака „да им помогне на брендовите да имаат подобар разговор со нивните потрошувачи“, но во овој случај тоа значи „манијачко скенирање на лицата на луѓето без нивна согласност“, макар што некои паметњаковци сигурно ќе речат дека содржината што е објавена јавно, под опција „public“, автоматски подразбира таква согласност.

Технологиите како „predictive video“ по сé изгледа се заслужни за бранот што адвертајзерите ги поплавија видео платформите, овозможувајќи им да копаат досега недофатни и поинтимни информации за човечкото однесување. IBM го претстави нивниот систем за фацијално препознавање и „personality insights“ како начин за адвертајзерите и брендовите да добијат фидбек во реално време за реакциите на луѓето кон производите, додека купуваат. Новите друштвени видео платформи, како Facebook Live, исто така се чини дека се во насока да станат златни рудници за фацијално профилирање.

„Морничаво е затоа што се обидува да те прочита од внатре. Буквално се обидува да ти ги прочита мислите преку лицето“, вели за Motherboard Адам харви – уметник и експерт за приватност кој работи на развивање на одбранбени системи против фацијалното препознавање.

Mattersight, како и сите други, тврди дека намерата на нивниот систем е „да го подобри потрошувачкото искуство“, но лесно е да се види како таквата технологија може многу лесно да биде пренаменета за масовно следење од страна на полицијата или војската. На Олимписките игри во Сочи во 2014, слична технологија наречена VibraImage ги следеше фацијалните изрази на гостите, со цел на руската FSB да ѝ овозможи да „детектира некој кој изгледа незабележливо, но чија ментална состојба сигнализира претстојна закана“, како што напиша New York Times во тоа време.

Нормално, за податоците што Mattersight сака да ги собира и анализира се (особено) заинтересирани и американските безбедносни агенции. ФБИ има огромна биометриска датабаза за која се предвидуваше дека ќе содржи повеќе од 52 милиони лица до крајот на 2015-та, лица од кои милиони се на граѓани што никогаш не биле осомничени за криминал. Во едно јавно судење порано месецов, ФБИ тврдеше дека не треба да биде натерана да открива дали некој е или не е во датабазата, и дека треба да има право да ги задржи податоците на неодредено долго време, со цел да ПРЕДВИДИ ИДНИ КРИМИНАЛИ (пс. Ви текнува на Minority Report?).

Дури и технологијата да остане во рацете на рекламирачите, многу од луѓето со право не се чувствуваат удобно со тоа некоја компанија да ги профилира во секое видео во кое се појавиле – макар и ако некогаш многу одамна се согласиле со „Условите за користење“, кои во меѓувреме се сто пати сменети и им овозможуваат на ваквите компании да „крадат“ информации.

- Реклама -