Throttle/Brake – епизода 11: BMW M2 vs. Audi S3 vs. Mercedes – AMG CLA45 4MATIC

СПОДЕЛЕТЕ

Оваа епизода ќе биде наменета на автомобили кои се подостапни во нашето поднебје, кои можете да ги сретнете на улиците во Скопје, можете да си ги дозволите, но сепак се брзи и спортски. Овој таканаречен дроп или спин помеѓу автомобилските сегменти е со цел да го направиме Throttle/Brake шарен и тематски подостапен за сите читатели. Но, да нема забуна, нашиот акцент ќе биде секогаш на брзи, спортски и супер спортски автомобили.

Ако зборувате со мене за автомобилските сегменти и ме прашате, ќе одговорам дека овој сегмент на премиум спортски компактни автомобили некако ми е најомилен. Имав прилика да ги возам BMW и Mercedes и можам само да кажам дека овие автомобили се апсолутно забавни. Кога велам забавни мислам на можностите кои овие автомобили ги нудат, да бидат возени до самиот нивни лимит, а притоа да не бидете многу загрижени дека нешто ќе тргне наопаку. Како голем фан на нивните посилни браќа (M4, C63), искрено не знаев што да очекувам од помаливе, но некоја драстична разлика на прва и нема. Напротив, S3 е побрз до стотка од S4. Кога за првпат седнав во M2, автомобилот по автоматизам се најде во моите омилени. Перфектно спортско купе и одвнатре и однадвор. Истото важи и за CLA45 AMG 4MATIC, кој некако според сите параметри тежнее повеќе на страната на Audi. Сите три автомобили се брилијантни, но со различен карактер. Победникот за мене е познат, но ајде да направиме подетална анализа.

Како најнов, ќе почнам со BMW M2. Мислам дека од BMW со овој автомобил сакаат да ја зацементираат лидерската позиција во однос на конкурентите, во овој но и во сегментите каде што се M3, M4, M5, M6 и тн. Со растот на цените на M автомобилите, M2 е доста добро решение доколку сакате прав спортски автомобил. За цена нешто поголема од серија 1 М, добивате посилен и подобар M2.

Image-1

Овој автомобил доаѓа со 3.0 турбо мотор, со шест цилиндри и сила од 365 коњски сили. Стандардно автомобилот ќе биде испорачуван со шест степен мануелен менувач, на голема радост на олд скул ентузијастите, и погон на задните тркала. Како додатна опција ќе има седум степен автоматски менувач. Од фабриката тврдат дека автомобилот со автоматски менувач ќе забрзува до 100 км/ч за 4,2 секунди. Тркалата се 19 инчни, со специјално дизајнирани Michelin Pilot Super Sport пневматици што гарантира врвни спортски перформанси. Сега да позборуваме малку за конфузијата околу M1, серија еден M, и M2.

M2 е продолжение на успешниот купе автомобил серија еден M, кој не можел да смета на референцата M1, поради автомобилот со средишно поставен мотор на BMW од 70 и 80 години, но со нова подобра технологија. Моторот на M2 е скоро идентичен со оној на серија еден M. Во новиот автомобил се употребени доста елементи од постариот брат M4, како што се алуминиумските компоненти за суспензијата, диференцијалот, сопирачките со четири клипови напред и два назад, и 19 инчните тркала. Секако доста од овие компоненти се некомпатибилни со стандардната серија 2, па поради тоа предницата на M2 е доста поголема во однос на стандардниот автомобил. Како и во случајот со M4, и на овој автомобил шасијата е многу стегната, тврда односно супер спортски ориентирана. Перфектниот шест степен мануелен менувач исто така го надополнува тоа супер спортско чувство кое го дава ова купе. Максималната брзина е лимитирана на 250 км/ч.

Овој автомобил според мене е најубавиот BMW M автомобил. Со перфектни димензии, докажан турбо мотор, извонредни звуци, фантастични возни својства и најсекси предница, нема потреба да одите на M4, одете на M2, со што ќе заштедите и некој денар. Од прилика едно минимум 15.000 евра. И за крај да ве подсетам да не пробувате залудно да го најдете паркинг модот на автоматскиот менувач, затоа што нема да го најдете, не постои.

Image-2 Image-3 Image-4

Audi S3 

Image-5

Преубав мал спортски седан. Со изглед подобар од постариот брат, пониска цена но и подобри перформанси, не знам зошто некој воопшто би купил Audi S4. Но да се задржиме на директните конкуренти. За разлика од BMW M2 и CLA45 AMG, цената на овој автомобил е доста пониска, масата на автомобилот е помала, но исто така и моќноста од 292 коњски сили е помала, споредбено со конкурентите. Но, не секогаш важи правилото – помоќен, побрз.

Платформата е истата како кај Golf GTI, моторот е 2.0 турбо со четири цилиндри, и испорачува 292 коњски сили. Забрзува од 0 до 100 км/ч за 4,4 секунди што е побрзо од S4. Не сите помали браќа ја имаат таа привилегија да имаат подобри перформанси од поголемите. Менувачот е шест степен мануелен, односно шест степен автоматски S tronic со двојно квачило. Погонот е на сите четири тркала, Quattro. Управувањето не е баш на висината на задачата, односно не е баш “спортско”, но мора да се напомене дека филозофијата и пристапот на Audi кон овој спортски автомобил е далеку “поцивилизиран” од оној на BMW кон M2. Но, ако сте имале прилика да возите било кој модел на Audi освен R8, точно знаете што зборувам. Околу дизајнот, обичната верзија на S3 скоро и да не можеме да ја споредуваме со седан автомобилот. Широк, краток, со четири издувни цевки, детали од RS моделите…

Со еден збор поубав, и по безобразен од постарите браќа S4, S5, и многу посуптилен од CLA 45 AMG.

Image-6 Image-7

Mercedes CLA45 – AMG 4MATIC

Image-8

CLA класа, која е на стероиди. Со 375 коњски сили, турбо и погон на сите четири тркала, мислам дека нема што многу да се зборува. Но сепак, има. Доколку сте AMG фан како мене, посебно на звукот кој V8-та го произведува кога го стартувате моторот, во овој случај ќе бидете разочарани. Го нема оној лавовски урлик, напротив, се е мирно и тивко, како кај CLA 250. Но, во првата ситуација кога ќе го споите педалот за гас со подот, сфаќате дека автомобилот не е CLA 250, туку е на стероиди. Моите импресии за овој автомобил се малку измешани, затоа што се некако имам чувство дека ова е AMG за жени!!! Но настрана моето мислење. Да ѕирнеме под хаубата. Моторот е 2.0 литарски, турбо со четири цилиндри и 375 коњски сили, десет повеќе од M2, и погон на сите четири тркала или 4MATIC. Менувачот е 7 степен, автоматски со дупло квачило и нуди три различни мода на возење. Забрзувањето е 4,2 секунди до 100 км/ч, исто како и кај M2. Сепак мислам дека на 400 метри M2 е побрз.

Image-9 Image-10

Околу внатрешноста на автомобилот, имам замерки за задната клупа која е претесна, и големи замерки за евтината пластика која ја има доста, а цената на автомобилот е околу 50 илјади евра. Само за напомена, за десет илјади евра помалку, можете да купите Focus RS, кој има слични перформанси и ентериер, но и дрифт мод. Mercedes и се е можно.

Image-11

Сума сумарум, битката околу перформансите ќе ја водат M2 и CLA45 AMG, но не е исклучено и малото безобразно братче на S4.

За дизајнот, односно убавината немам коментар, бидејќи за вкусови не се расправа. Сите три автомобили се секси. Секси е правиот збор. За намената…

Доколку сте спортски и само спортски настроен, дефинитивно M2. Доколку сте неутрален и со помал буџет а сакате да се замешате во приказната, Audi S3. Млад, успешен, кој после работа сака доза на адреналин, Вие сте за Mercedes. Но, бидејки се уште моето мислење е дека ова е женско AMG, ќе ги охрабрам и добро ситуираните независни дами. Доколку сте дама која е независна, храбра, спортски настроена, но и елегантна, Вие сте за CLA45 AMG.

Image-12

И, победникот е M2. Зошто? Затоа што сите тие пари што ќе ги дадете за спортски автомобил, мора да бидат оправдани со прав мал спортски автомобил а тоа е BMW M2.

Image-13

braceeee11[1]

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ