Почнува првата Македонска е-спорт лига

nature's-prophet-hd-dota-2-art-1920x1080[1]

Одлична вест за гејмерите, е-спортистите и ентузијастите: Македонската е-Спорт Федерација гордо најавува, за прв пат во Македонија, почеток на Првата Македонска е-Спорт Лига. После многу години учество на меѓународни турнири, МеСФ одлучи да направи историски чекор и да ја организира првата официјална и професионална лига во е-спорт во Македонија.

Гејмингот веќе е наголемо признат како релевантна спортска активност во светот, а еве, „ова е прв официјален чекор кон целосно признавање на е-спортот како официјален спорт и во Република Македонија“, објаснува Бобан Тотовски, претседател на МеСФ.

Е-спорт лигата ќе се фокусира на три игри – DotA 2, Counter Strike: Global Offensive и Hearthstone: Heroes of Warcraft. Голем интерес во Македонија има за сите три игри. За Counter Strike се подразбира, еден од најдобрите европски играчи во DotA 2 доаѓа од Maкедонија, а Hearthstone успеа да привлече стотина играчи на турнирите кои ги организираше Гоблин.

Пријавувањето на заинтересираните тимови ќе се врши од 11 Мај 2016 до 31 Мај 2016 година. Планот е да се почне со натпреварите од 1 јуни, и да траат до крајот на август. Последниот турнир ќе го даде македонскиот шампион кој ќе патува на Светското првенство, кое оваа година се одржува во Џакарта, Индонезија.

Процедурата за пријавување, според правилата на МеСФ е составена од неколку чекори: 

1. Пополнување на формуларот за учество во Прва Македонска ЛЕНОВО е-Спорт Лига
2. Пријавување на екипата – тимот во Централен регистар на РМ. МеСФ на сите апликанти ќе им овозможи подготовка и поднесување на документите за пријавување во Централниот Регистар. Во Централен Регистар ќе се пријават само играчите од првиот тим, додека резервите ќе можат да се менуваат со допис до МеСФ. При пријавата, тимот ќе мора да избере одговорно лице (капитенот најчесто) кое ќе комуницира со МеСФ и со сите други тимови.
3. Официјално пристапување на тимот кон Македонската е-Спорт Федерација со потпишување на договор

„МеСФ на сите апликанти ќе им овозможи бесплатна подготовка на документите за пријавување во Централниот Регистар и се откажува од наплата на членарина за првата година, бидејќи регистрацијата во Централниот регистар чини 2.500 денари“, вели Тотовски. „Ова е мала поддршка од наша страна за сите тимови кои се заинтересирани професионално да се занимаваат со овој спорт и да учествуваат на меѓународни турнири. Од следната година ќе имаме повеќе дисциплини, а се надеваме и дека Меѓународната е-спорт федерација ќе обезбеди полноправно членство на е-спортот на наредните олимписки игри“.

Линк до формулар за пријавување :
http://goo.gl/forms/5jupRbFeph – DOTA2/CS:GO
http://goo.gl/forms/9z0n0a8o5Y – Hearthstone

Линк до фејсбук страната: ТУКА

- Реклама -