Деца со смартфон, мозоци со тумор

Досега, тие што бледо предупредуваа дека мобилните предизвикуваат рак обично спаѓаа во групата на теоретичарите на заговори. Ама сега има и научни докази да го поткрепат ова тврдење.

Истражувачите од Школата за медицина при универзитетот Јејл, заедно со истражувачите од Environmental Health Trust (EHT) – здравствено-едукациона организација водена од познатата докторка Девра Дејвис, тврдат дека постои врска помеѓу употребата на мобилни телефони и мозочниот канцер. Згора на тоа, нивните истражувања покажуваат дека најподложни на здравствени проблеми што потекнуваат од радијацијата на мобилните телефони се токму децата.

На состанокот на Pediatric Academic Societies од пред само неколку дена, тимовите од Јејл и EHT презентираа неколку извештаи кои укажуваат на тоа дека „децата апсорбираат повеќе микробранова радијација“ од возрасните. Состанокот беше дел од симпозиумот со наслов „Мобилните телефони, вајрлес и детското здравје“, на кој бројни експерти дискутираа за поврзаноста на користењето на мобилни телефони со здравствените и бихејвиоралните проблеми кај децата.

Покрај другото, беше презентирана и студија од 2013, која покажува дека кај децата што користат мобилни телефони постои зголемен ризик од развивање на ADHD (АДД или АДХД – Пореметување со намалување на вниманието и хиперактивност).

Сепак, главниот страв на докторите е дека продолжената изложеност на радијација за време на детството предизвикува канцер подоцна во животот. Лошото е што на канцерите, како што се мозочните тумори, им требаат околу 10-20 години за да „пуштат корен“, што значи дека ќе помине долго време пред со сигурност да знаеме колку всушност се ризични мобилните телефони.

Сето ова можеби и немаше да биде така страшно ако денес не ги користевме смартфоните во толкава мера и особено ако не им ги купувавме и на децата. Ама, резултатите на една неодамнешна анкета на Common Sense Media велат дека дури 50% од тинејџерите сметаат дека се ЗАВИСНИ од своите телефони.

Токму раскинувањето на таквата зависност е целта на Девра Дејвис, која одамна и јавно се залага за тоа производителите на мобилни телефони да спроведат сопствени истражувања околу тоа како да ја спречат опасната изложеност на радијација, особено повеќегодишната, и покрај тоа што и таа самата не сакаше да поверува во доказите за ваквата поврзаност со канцерот.

Има и друг, помал, но не помалку значаен проблем: „Овие направи навистина ги оптоваруваат и ги ставаат под стрес фамилијарните врски и односи. Просечната мајка или татко го проверува телефонот од 60-110 пати во денот“, вели клиничкиот психолог др. Кетрин Стејнер-Адар.

- Реклама -