Девојчето што стана неважно зашто трчаше голо во погрешно време

xQ9CUlq[1]

Неодамна, еден од администраторите на одреден Фејсбук форум, пријави друг од администраторите на тој форум, затоа што објавил слика „од мало девојче што трча голо по патот“.

На прв поглед, пријавата си е океј, затоа што сме во време кога извештачената политичка коректност на луѓето од Западот, пред сé, прави тие да се навредени и ако видат гола рака без ракавица.

Ама тоа така безобразно девојче што трча голо по патот е всушност 9-годишната Ким Пук, фотографирана на 8 јуни 1972 година. Истата таа фотографија ќе ви се појави меѓу првите резултати ако изгуглате „напалм“ и „Виетнам“, бидејќи токму напалмот во војната во Виетнам ѝ ја изгоре облеката и беше почнал да ѝ ја гори и кожата.

Објавувањето на фотографијата на форумот било во контекст на тоа да се истакне огромната моќ на важните фотографии која ја имаат во обликувањето на јавното мислење. Посвеж пример е сликата со малото 3-годишно мртво мигрантче заринкано на турската плажа, која исто како и таа со Ким Пук предизвика масивни тектонски движења во јавното неодобрување на одредени политички одлуки и ставови. Ефектите од смртта на малиот Ајлан Курди и сега се очигледни низ Европа.

infant

Ким Пук, позната и како „Napalm Girl“, заедно со масакрот кај Ми Лај, пак, беа настани што помогнаа да се собори кревката јавна поддршка што ја имаше војната во Виетнам и во краен ефект го поплочи патот до снимката на која и последниот американски хеликоптер си замина од Сајгон.

И така, Американците кои уште на времето, во директен пренос ја видоа фотографијата од голата Ким Пук, сметаа дека таа ќе остане безвременска и значаен споменик на западната либерална култура. Ама, настанот со Фејсбук вели дека малце се зезнале. Најтажно е што токму тие луѓе на форумот кои најмногу се бунеле за сликата (читај: повеќето), појма немале ни за Ким Пук, ни за Виетнам, ни за тоа што е напалм. За нив, во време на политичката коректност, фотографијата значела само уште една фотка што има цел популаризација на сексуализацијата и злоупотребата на децата.

Навидум, проблемот не е во модерните генерации на душегрижници со добри намери, бидејќи тие и не ја паметат војната во Виетнам и за нив сликата нема никаква историска, морална или културна вредност. Можеби тоа е и главниот одговор на прашањето „Зошто не учиме од историјата?“: бидејќи мнозинството не го интересираат нешта што не му се имаат случено. Напалмот е забранет, па помладите и немале шанса да го видат неговиот ефект, а речиси гарантирано е и дека не го гледале Apocalypse Now на Копола (што е сосема друга тема, ама ај).

Ким Пук денес.
Ким Пук денес.

Некои ќе се пожалат дека денес имаме многу повеќе информации на дофат, а сепак сме сé поглупави. Ама и кога немаше смартфони, луѓето не седеа по библиотеки да читаат за граѓанската војна во Британија, на пример, освен ако можеби луѓето во библиотеките беа Британци. Со други зборови, работите околу колективната глупавост се немаат сменето нешто посебно многу.

За жал, по сé изгледа дека не учиме од историјата, затоа што учиме единствено од личното искуство, а ова важи за сите полиња на општествениот живот. Луѓето и понатаму пушат и добиваат рак, пијат и гинат во сообраќајќи, кршат нозе при искачување на Алпите или при фудбал, бизнисмените и понатаму банкротираат, банките немаат план за ризик, а политичарите се однесуваат како никогаш порано во светот да немало криза или војна. Најбледиот израз со поглед на збунето теле, на пример, Џорџ Буш го извади кога го прашаа дали можеби инвазијата врз Ирак би можела да резултира со истите последици како и вмешаноста на Америка во Виетнам…

Сепак, случкава со Фејсбук не е така наивна. Главниот проблем е што овие луѓе се дрзнале да цензурираат нешто со голема историска важност, без разлика дали биле свесни за истата. Трудот што го вложиле за да ја пријават фотографијата можеле да го вложат за да ја погледнат подобро и да сфатат дека контекстот е друг, или да ја изгуглаат. Кога би продолжиле со вакво темпо и светот би ја прифатил ваквата слепа политичка коректност, без дилема ќе бидат цензурирани и ќе настрадаат еден куп важни историски и какви ли не моменти, а во тој случај нема да можеме да учиме од историјата дури и ако конечно се решиме тоа да го направиме. А ако ваква политичка коректност и степенот на лудило до кој достигнува не ве засега затоа што е демек далеку од нас, сетете се – го покривме Прометеј во Жена парк, нешто слично на тоа што го направи Рим со голите скулптури кога беше посетен од иранскиот претседател Хасан Рухани.

- Реклама -