Home Популарно на 365 Дописник од Шведска: Скапо е да си сиромашен

Дописник од Шведска: Скапо е да си сиромашен

0
Дописник од Шведска: Скапо е да си сиромашен

SWEDEN-nat-russia-threat[1]

Работиш пола ден, ама трошиш уште 4 саата да стигнеш од Аеродром до Центар и обратно. Уште полошо кога треба слична дестинација да поминеш за време на работните часови. Додај го тука и времето што го губиш при сите контакти со администрацијата, посетите на поштите, лошата инфраструктура, изгубените денови ако не дај боже изгубиш личен документ, гужвите на касите во маркетите, редиците за пензии во банка и слично, и станува јасно дека всушност во секоја ваква земја се губат илјадници работни и продуктивни часови. Кога некој економист би се дрзнал да пресмета колку тоа нé чини во пари, резултатите сигурно би биле повеќе од интересни, да не речам – застрашувачки.

Од друга страна, ја имаш Шведска, рајот на Земјата, царство од бајките за кое слушаш приказни со зината уста, барем кога станува збор за набројаниве ситуации. Е па, има и зошто. Има една тажна стара вистина, која вели дека е скапо да си сиромашен. Има и една друга: дека инвестициите кои штедат пари и време, чинат пари. Тоа нé води до третата: дека за да се забогатиш, ти требаат пари.

Прво и основно, во Шведска речиси сè е направено на начин да биде лесно и ефикасно за граѓаните. Се разбира, тоа не е резултат на тоа што некој политичар или власт решиле да бидат добри со граѓаните. Не, туку тие ги пресметале трошоците, а и добивките од намалувањето на изгубеното време што е можно повеќе. Не морале да пресметуваат, на пример, дека губењето на времето често е и губење на парите, па тоа е основата од која тргнале. А губењето на времето има многу лица. Едно транспарентно општество со минимална бирократија е не само поефикасно и следствено на тоа – економски поуспешно, но често е и подобро место за луѓето кои живеат во него.

***

И тука му доаѓа редот на Јохан Карлсон од Шведска, кој се јавува како дописник за бугарскиот „Менаџер Њус“, за да направи споредба помеѓу нивните (шведски) и нашите (балкански) начини на (не)функционирање:

„Ние во Шведска немаме многу документи кои треба да ги носиме со себе, како што е кај вас. Имаме една лична карта или возачка дозвола со персонален број и бар код кој ги дава сите потребни информации за нас. Автомобилите ни имаат налепница на регистрацијата, која на полицијата ѝ овозможува да знае сé што ѝ треба да знае. Не одиме во банки, бидејќи платите и пензиите ни се префрлаат на картичка, а ретко користиме кеш. Годишната даночна пријава ни е готова за 20 секунди преку интернет. Никогаш не седиме дома да чекаме некој од Топлификација или Водовод да нé посети. Наместо тоа, поштарот остава белешка во сандаче – кое во нашиот случај е монтирано на вратата на станот, па белешката ја наоѓаме на подот во дневната соба. Таа нé известува кога е време да си ги провериме уредите. Потоа ги внесуваме вредностите кои ги покажуваат уредите во електронската сметка на интернет. Ако тие се исти како пријавените од компанијата-оператор, никој нема да нé побара уште цела година. Наместо тоа, банката ни ги плаќа сметките кога ќе дојде време за тоа, а потоа ни праќа сметки во истото ова сандаче. Ако сакате да заштедите хартија и да спасите неколку дрва, можете да побарате да ви ја праќаат преку електронска пошта.

Во некои области на Стокхолм, мобилниот телефон врши тројна функција. Дома тој ја користи вообичаената мрежа и плаќате како за некогашните фиксни повици; на пат кон работа функционира како ваш личен мобилен апарат, а на работа го користи бројот на вашата компанија. Се разбира, во секое време можете да бидете достапни и на трите телефонски броеви. Технологијата ви олеснува и во исто време ви заштедува пари. Во Шведска 99% од луѓето имаат пристап до компјутер. Овој факт е резултат од проектот финансиран делумно преку намалување на даноците за сите тие кои работат и сакаат да си купат компјутер. Последица на тоа е и дека сите училишта имаат компјутери за децата. Првично, овој проект имаше за цел да ја поддржи демократијата – секој би требало да има право на пристап до компјутер. Но, на тоа може да се гледа и како на взаемно профитабилен проект. Денес, 17 години подоцна, степенот на компјутерски вештини на населението на Шведска е еден од највисоките во светот – што, се разбира, е од корист и за бизнисот и за целиот пазар на трудот. Трошоците за една таква идеја и инвестиција се исплатија, со камата, уште многу одамна.

Ние никогаш не одиме во поштенските филијали. Причината за тоа е многу едноставна – немаме такви. Ако порачам книга од Amazon или добијам подарок за роденден од тетка ми, си ги земам од најблиската продавница. И во овој случај шведската држава не го прави тоа само за да ми олесни. Парите кои се штедат, во комбинација со едноставниот факт дека тоа е мала промена кон подобро за мене, ме прават да сум задоволен. Згора на тоа, овие заштедени пари можат да се користат во подобри цели.

Станува збор за решенија кои создаваат взаемно корисни ситуации. Ако нешто е полесно и поефикасно за мене и за сите други граѓани, тоа е подобро и за државата.

Во зима, градот секогаш ги чисти сите улици и тротоари. Дури и да ги игнорираме непријатностите и болката од скршената нога, можеме да го погледнеме овој случај низ призмата на националната економија. Целото здравство во Шведска е бесплатно. Даночните обврзници, сепак, секоја скршена нога ги чини по околу 10.000 евра. Ако се повредите, вие сте принудени да седите дома и да не работите околу еден месец, а во меѓувреме добивате 90% од платата. Разбирате? Со само неколку избегнати инциденти, веќе се исплаќаат трошоците за посипување на малку песок на мразот по тротоарите. Заштедувате со тоа што не сте скршиле рака.

Еден мал, но според мене – убав пример за взаемно поволна ситуација се „помошниците на уличното движење“. Стокхолм, кој е двојно поголем од Софија, нема никакви проблеми со сообраќајот. Инфраструктурата има голема заслуга за тоа. Сепак, природно е секогаш да можат да се појават проблеми поради несреќи, дупнати гуми или потрошено гориво. Така, еден умен млад економист седнал на маса во градската управа и ја направил следнава пресметка: Да речеме дека во некое лошо утро, заради проблеми со движењето во сообраќајниот метеж, 5000 луѓе ќе задоцнат на работа по половина час. Така стигнуваме до бројка од 2500 работни часа во само еден конкретен ден. Идејата на економистот беше дека ако успееме да им помогнеме на заглавените возачи и така го решиме проблемот со сообраќајниот метеж, изгубените работни часови ќе бидат преполовени.

Веќе многу години „помошниците на уличното движење“ се паркирани на страната на големите патишта во Стокхолм, подготвени да помогнат – да ги решат проблемите при некој понезначителен инцидент, да ѝ асистираат на жена со малку подолги нокти да смени гума, да долеат неколку литри бензин во нечија кола. Оваа услуга не нé чини ништо. Она што општеството го заработува од неа е повеќе од доволно. Жената со долгите црвени нокти, даночните обврзници, работодавачите – сите ги сакаат овие помошници.

Тоа е контекстот – секое мало нешто што го прави малку полесен животот на обичниот човек, го прави и општеството како целина подобро. Ова може да биде направено преку некоја многу напредна технологија или преку бројни итри одлуки. А може да биде и едноставно како тоа да му се помогне на некого да смени дупната гума во понеделник наутро.

Секое општество и секоја земја се збир од луѓето кои живеат во нив, и пред сé – нивните идеи и решенија“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here