За самотијата и селото со еден жител

1_the-only-resident-of-this-Chinese-village[1]

Кина има 1.3 милијарди жители и најголема популација во светот. Густината на населението е огромна во повеќето населени места, ама има и такви каде ситуацијата е обратна; во случајов, зборуваме за селото Хуеншанше во провинцијата Гансу, село со многу мала популација што се одѕива на името Лиу Шенгија. Да, зборуваме за еден единствен жител, без ниту еден комшија во радиус од многу километри. Ако не се бројат овците, овчарот Лиу е комплетно сам веќе 10 години.

Порано во селото живееле околу 20 семејства, но во меѓувреме или починале, или се преселиле заради недостапноста на ресурси во селото. Откако заминала и последната фамилија, Шенгија останал за да се грижи за својата стара мајка и помладиот брат. Наскоро ги изгубил и нив, па останал сам со неколку овци, така што практично бил приморан да почне да одгледува овци, но и да се адаптира на тивкиот живот во самотија. Се разбира, животот во така отсечено село си носи многу проблеми, па Лиу мора да носи кофи со вода преку големи дистанци и да патува со километри само за да купи храна. Паралелно работи и привремена работа како шумар. Тој самиот вели дека за преживот се снаоѓа, но дека би се преселил во некоја понаселена област, „кога ќе дојде правото време“…

into-the-wild[1]Примерот на Лиу е мошне екстремен. На крајот на денот, дури и на Робинзон Крусо му требаше Петко. Но, има и нешто да се каже за животот во самотија. Во контекст на онаа старата латинска „Човек на човека му е волк“, Фридрих Ниче смета дека изолацијата е неопходна за да се биде слободен, за да може една индивидуа да носи свесни избори наместо да ја следи толпата, и за да се научи да го контролира и проширува сопствениот ум. „Тоа што ја прави самотијата херојска особина е нејзиниот агоничен карактер“, пишува филозофот. „Со кого, тогаш, се бори самотникот? Одговорот, се разбира, е со самиот себе. Самотијата не е само негов најдобар пријател и соговорник, туку исто така и негов најдобар критичар и најсуров противник“.

Во една прилика, магазинот Quartz го интервјуираше Рок Сендфорд, кој се пресели на далечна изолирана фарма на островот Гометра во Шкотска во 1992. Сега тој поминува барем 4 месеци годишно живеејќи сам на островот. Вели дека самотијата си носи предизвици, но смета дека секој човек треба да има период на комплетна самотија во одреден период од неговиот живот. „Времето се чини подолго“, вели Сендфорд. „Се чини како да успорува, што е прекрасно чувство. Сетилата ти се подобруваат, било да читаш, да пишуваш или да гледаш во природата и да размислуваш. Тоа е еден вид на ‘појачало’. Ако си тажен, ќе бидеш многу потажен, а ако си среќен – ќе бидеш многу посреќен. Сметам дека така доаѓаш поблизу до сопствениот ум и сопствената личност, бидејќи не се компромитираш и не преговараш со други луѓе“.

Градскиот живот, од друга страна, е во тотална спротивност со овој концепт. Можеби затоа и е толку брз?

- Реклама -