Драконската смрт на драконскиот владетел

СПОДЕЛЕТЕ

Многумина го знаат Драко од серијалот Хари Потер, ама и без тоа името носи негативна конотација. Ви текнува на изразот „драконски мерки“?

„Оригиналниот“ Драко бил владетел на древна Атина и бил брутален до коска… А и неговата смрт не била поарна.

Според „Атинскиот устав“ на Аристотел, Драко вовел сомнителни (од легален и морален аспект) закони за мажите од Атина. Наизглед со нив моќта била рамномерно распределена помеѓу мажите од елитата, но уставот на Драко бил всушност многу безмилосен. Драко вовел низа декрети околу смртната казна, а со таква планирал да ги казнува дури и најмалите прекршители на законот – со убиство.

Во „Животот на Солон“, Плутарх наведува дека Солон – уште еден атински законодавец, ги поништил овие закони, бидејќи биле „престроги и со претешки казни“, освен легислативата околу извршено убиство.

xkdbmh9t5sfyaiubxrcf[1]
Драко

Очигледно, Драко сакал да убива луѓе и за најмала причина. Плутарх ќе напише:

„Една казна беше доделена за речиси сите гревови, имено смрт, па дури и тие обвинети за безделништво беа осудени на смрт, а тие што крадеа салата или овошје ја добиваа истата казна со тие што извршуваа богохулење или убиство“.

Подоцна, Демадес ги опиша законите на Драко како „напишани не со мастило, туку со крв“.

Драко, пак, наводно го бранел ставот околу смртната казна велејќи дека е најдобра опција: „Помалите прекршоци ја заслужуваат, а за поголемите не може да се најде потешка казна“.

Во еден од неговите ораторски настапи, Демостен ќе цитира закони околу убиството, а притоа ќе рече „сите други извадоци од законот за убиство што ги цитирав за споредба, се од статутот на Драко“, што треба да покаже колку доминантни биле Драконовите легислативи на ова поле.

Иронијата е во тоа што и самата смрт на Драко не била баш фина. Според една легенда, тој отпатувал до островот Аегина, каде што присуствувал на претстава во негова слава и чест. Аегинците, наводно, толку многу го сакале што „му фрлиле толку многу шапки и кошули и наметки на главата…“ – така во тоа време се изразувала почит и благонаклонетост – „…што тој се задушил и бил погребан во истиот тој театар“. И така, драконецот драконски си умрел.

- Реклама -